Регион
Обама ги продолжи санкциите против лица опасни за стабилноста на Балканот, вклучително и Македонија
Американскиот претседател Барак Обама ги продолжи во вторникот за уште една година санкциите против поединци и организации кои ја поткопуваат стабилноста на Западен Балкан, го пренесуваат агенциите соопштението на Белата куќа во кое се наведува дека станува збор за осигурување на безбедноста во Македонија, Босна и Херцеговина и Косово.
Во извештаите не се наведени имињата на лицата и организациите на кои се однесуваат американските санкции. Рестрикциите вклучуваат забрана за влез во САД и замрзнување на активите на поединците и субјектите во американските банки, а на компаниите и американските државјани им е забрането да имаат деловни контакти со овие физички и правни лица.
Санкциите првпат беа воведени со претседателскиот декрет од 26-ти јуни 2001 година, а беа изменети во мај 2003 година, во времето на претходниот американски претседател Џорџ В. Буш, во врска со тогашните ситуации во Босна и Херцеговина, Косово и Македонија, каде штотуку заврши конфликтот, против субјектите кои според Вашингтон ги нарушуваат или ги загрозуваат договорите за политичко решение на конфликтите во овие земји во текот на 90-те години од минатиот век и првите години по 2000-та.
Потребата од продолжувањето на рестриктивните мерки, според претседателот Барак Обама, се должи на тоа што сé уште постои закана од екстремизмот.
Санкциите се продолжуваат против оние коишто „учествуваат или поддржуваат финансиски или на друг начин екстремистичко насилство“ во споменатите земји, како и за „попречување на спроведувањето на Дејтонскиот договор (за мирот во БиХ) или резолуцијата 1244 на Советот за безбедност при ОН од 10-ти јуни 1990 година за Косово“.
Во документот потпишан од Обама се истакнува дека „активностите на овие лица, кои ги поткопуваат мирот и меѓународните напори за стабилизација на ситуацијата на Западен Балкан, продолжуваат да претставуваат голема закана за националната безбедност и надворешната политика на САД“. Овој документ, според американските закони, е испратен во Конгресот.
Истата формулација претседателот Обама ја користеше и претходно, кога носеше одлука за продолжување на овие закани. Според тоа, се заклучува дека во Вашингтон сметаат оти ситуацијата во ткн Западен Балкан, не се изменила./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.