Регион
Опозицискиот Cumhuriyet негира дека соработувал со осомничената за атентатот во Анкара
Осомничената за самоубиствениот бомбашки напад од неделата во турската престолнина Анкара, Сехер Чагли Демир, нема никаква поврзаност со опозицискиот дневен весник Cumhuriyet, изјави уредничката на информативната редакција на изданието Ајше Сајин во понеделникот.
Претходно во понеделникот низа турски медиуми ја објавија фотографијата на Сехер Чагли Демир, за која турските власти тврдат дека била припадничка на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) осомничена за нападот во Анкара, наведувајќи дека таа била новинар фриленсер на опозицискиот дневен весник Cumhuriyet.
„Ништо ниту приближно такво нема, погодени сме од појавувањето на таа информација. Ја проверивме сета наша документација, и во анкарската и во истанбулската редакција, но ништо поврзано со Демир не најдовме. Покрај тоа, нашиот весник воопшто не практикува соработка со фриленсери“, изјавила Сајин.
Додала дека адвокатите на весникот ќе се обратат до судот во однос на медиумите коишто ја проширија таквата информација. „Тоа е црна пропагандна кампања против нашиот весник“, истакнува уредничката на Cumhuriyet.
Дваесет ичетиригодишната Демир истрагата ја доведува во поврзаност со експлозијата од неделата навечер во центарот на Анкара во која загинаа 37 лица, меѓу кои најмалку еден терорист, а повредени се 125 луѓе од кои 71 е хоспитализиран.
Според очевидци, автомобилот бомба експлодирал меѓу два автобуса на фреквентната авенија Ататурк во анкарскиот кварт Кисилај, во близина на зградите на министерствата за правда и за внатрешни работи./крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Атина прекриена со сахарска прашина, нереални сцени во градот
Атина и јужните делови на земјата повторно беа обвиени со сахарска прашина, со нијанси на жолта и портокалова боја што создава нереална атмосфера во градот.
Облаци од прашина, пренесени преку Средоземното Море од Северна Африка, го обвиле Акропол и другите знаменитости на Атина, пишува „АП“.
Силните јужни ветрови носеа прашина од Сахара, па во последните часови од денот грчката престолнина изгледаше како да е користен филтер за фотографирање, пренесува Euronews.
🚨🇬🇷
HAPPENING NOW
The sky is totally orange over Athens, Greece
— Alex Barnicoat (@mrbarnicoat) April 23, 2024
Во среда се прогнозира разведрување на небото со поместување на ветровите и поместување на прашината и опаѓање на температурите.
Дневниот максимум во делови од јужниот остров Крит надмина 30 степени Целзиусови, повеќе од 20 степени Целзиусови над она што беше забележано во поголемиот дел од северна Грција.
Корисниците на социјалната мрежа Икс објавија видеа од необична „портокалова“ појава од територијата на цела Атина.
Веста за Атина во „портокалово“ многу брзо се прошири низ светските медиуми, а видеата ги споделија и профили на социјалните мрежи кои се занимаваат со глобални актуелни вести.
Регион
Убиен работник од Украина во Славонски Брод
Во центарот на Славонски Брод во попладневните часови е пронајдено машко тело.
Полициската управа Брод-Посавина соопшти дека е приведено едно лице поврзано со инцидентот.
Се работи за млад градежен работник од Украина. Конфликт се случил во стан во центарот на градот каде што биле сместени работниците (родени во 90-тите).
Полицијата соопшти дека телото на мажот е пронајдено во куќата околу 15:17 часот и дека се води истрага, а потоа и кривична истрага која треба да ги расветли сите околности.
Регион
Таткото на осомничениот за убиството на Данка Илиќ го откажал полномошното на адвокатот
Небојша Живановиќ, адвокатот на Радослав Д., таткото на Дејан Д., кој е осомничен за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, за Танјуг изјави дека неговиот клиент го откажал полномошното.
Радослав Д. е осомничен дека му помогнал на својот син да го премести телото на девојчето од депонијата на засега непозната локација.
Со оглед на тоа што го откажал полномошното на избраниот бранител, сега треба да му се определи бранител по службена должност на Радослав Д.
Биолошкиот брат на осомничениот Дејан Д., Далибор Д., почина на 7 април во Полициската станица во Бор, каде беше осомничен дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на двегодишното девојче.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детални проверки и информации ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобил, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот на автомобилот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето се уште не е пронајдено.