Регион
Папата Франциск допатува во Албанија
Поглаварот на римокатоличката црква, папата Франциск, допатува во неделата во Албанија, опишана во извештаите на светските агенции како мала и сиромашна држава со мнозинско муслиманско население, во еднодневна посета каде што ќе се сретне со општество каде различните вероисповеди живеат во заедништво а црквата е малцинска но динамична.
Авионот на Папата слета на аеродромот „Мајка Тереза“ во албанската престолнина Тирана, на патувањето коешто е следено со вонредни безбедносни мерки, бидејќи се појавија официјално непотврдени информации кои укажуваа на можен напад на приврзаниците на џихадот што го прогласи терористичката организација Исламска држава.
Папата Француск во Албанија се очекува да говори за верската толеранција во екот на меѓународната мобилизација против теророт што го спроведуваат џихадистите во Сирија и во Ирак каде што прогласија калифат.
Италијанските медиуми потсетуваат дека при враќањето од Јужна Кореја во август, Папата во разговорот во авионот со новинарите кои го следеа неговото патување ја пофалил албанската влада како модел на кохабитација на муслиманите, православните и католиците. Рече и дека сака да им одаде чест на жртвите на тоталитарниот режим на Енвер Хоџа, еден од најсвирепите челници во поранешните комунистички држави. Енвер Хоџа во 1967 година го забрани сите религии, беа затворани свештеници, меѓу кои и католички, а црквите беа запленети од тогашната држава и пренаменети или уништени.
Денес во Албанија римокатолици има околу десет отсто од населението, но Мајка Тереза, којашто се смета за најпознатата албанска личност во светот, добитничка на Нобеловата награда за мир и беатифицирана во 2003 година, е католик.
Во Тирана папата Франциск ќе се сретне со албанските политички челници, меѓу кои и со социјалистичкиот премиер Еди Рама, ќе одржи литургија на плоштадот кој го носи името на Мајка Тереза, ќе разговара со локалните верски водачи и ќе посети дом за деца без родители.
Франциск е вториот папа кој ќе ја посети Албанија. Сега светиот Јован Павле Втори ја посети оваа земја во 1993 година, во раните денови на проблематичната посткомунистичка транзиција./крај/мф/сн/
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.