Регион
Папата со себе во Ватикан поведе три сириски семејства од Лезбос
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск поведе со себе назад во Ватикан 12 сириски мигранти по посетата на бегалците на грчкиот остров Лезбос во саботата каде изјави дека „мигрантите, пред сé, се луѓе, а потоа бројки“, јавуваат светските агенции.
Трите семејство, во кои има шест деца, се муслимани чии домови се уништени во сириската војна, известува BBC.
Официјален Ватикан објави дека две семејства се од сириската престолнина Дамаск, а едно е од Деир Ез-зор, во областа којашто ја контролира екстремната сунитска организација Исламска држава. Авионот на папата со неочекуваните гости замина од Грција околу 15.30 часот по локално време.
Во текот на посетата на Лезбос, папата Франциск изјави дека „сите ние сме бегалци“ и истакна дека „никогаш не смее да се заборави дека мигрантите во прв ред се луѓе, личности, имиња, приказни, а дури потоа бројки“.
Илјадници бегалци се блокирани на Лезбос откако во март Европската унија постигна договор со Турција за нивно враќање во оваа земја, чија цел е да се спречи огромниот неконтролиран прилив мигрантите во западна Европа.
Бегалците кои Папата ги зема со себе веќе биле на Лезбос пред почетокот на примената на договорот меѓу ЕУ и Турција, соопшти Ватикан, пренесува AFP. Според споменатиот договор, мигрантите кои илегално пристигнале на грчките острови од Турција по 20-ти март, ќе бидат депортирани доколку не ги исполнуваат условите за добивање азил во некоја од земјите членки на ЕУ.
Мигрантите со кои папата Франциск се сретна, плачеле, и ја бакнувале раката и го молеле за помош, забележува агенцијата Reuters. Тој се ракувал со стотини со стотици луѓе во центарот за прифаќање бегалци Морија, во кој се наоѓаат околу три илјади луѓе, во услови кои се оценуваат од страна на хуманитарните организации како недостојни за човечки суштества.
Најмалку трипати беглаците му се фрлиле на Папата пред нозете молејќи го за помош, забележуваат агенциите.
Папата често се става во заштита на бегалците и повикува католичките епархии во Европа да ги прифаќаат. На новинарите во авионот на летот кон Лезбос им изјави дека таа посета „е малку поинаква од другите…, ова е пат одбележан со тага“.
„Ќе се сретнеме со најголемата хуманитарна катастрофа по Втората светска војна. Ќе видиме многу луѓе коишто патат, кои не знаат на каде да тргнат, кои морале да бегаат. Одиме, исто така, и на гробница, морето, Толку многу луѓе умреа таму…, тоа ми е во срцето додека патуваме натаму“. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.