Регион
Путин: Јужните енергетски рути остануваат на агендата
Прашањето за јужните правци за испорака на енергенси од Русија во земјите на Европската унија останува во агендата, пишува меѓу другото во написот на рускиот претседател Владимир Путин објавен во грчкиот весник Катимерини во четвртокот.
Прашањето за јужните правци за испорака на енергенси од Русија во земјите на Европската унија останува во агендата, пишува меѓу другото во написот на рускиот претседател Владимир Путин објавен во грчкиот весник Катимерини во четвртокот.
„Од 2006 година рускиот енергетски гигант „Газпром“ активно го промовираше проектот Јужен тек, но сепак во одредена етапа неговото спроведување беше оневозможено имајќи го предвид неконструктивниот став на Европската комисија“, пишува Путин и додава дека и покрај тоа што „ние бевме принуден да го затвориме проектот, прашањето за јужните рути за испораката на нашите енергенси во државите од ЕУ останува на дневниот ред“.
Во својата статија рускиот претседател истакнува дека Русија „постојано се залагаше за диферзификација на енергетските транспортни патишта, што ќе ја зголеми сигурноста на снабдувањето и, следствено, енергетската сигурност на Европа како целина“. Путин одбележува дека соработката со Грција во сферата на енергетиката е еден од поважните елементи во „повеќеслојните руско-грчки односи“. Напомнува дека веќе две децении Русија стабилно и сигурно ја снабдува Грција со природен гас, а сегашниот договор со Атина е продолжен до 2026 година со поволни услови за грчката страна.
„Запознаени сме со намерите на грчките власти да ја направат земјата енергетски јазол во регионот на Балканот, и ние секогаш ја вклучувавме Грција во плановите за зголемената понуда на енергенси во Централна и Западна Европа“, додава рускиот претседател.
Покрај тоа, Путин укажува во статијата дека во февруари „Газпром“ потпиша меморандум за разбирање со италијанската компанија „Edison SpA“ и со грчката „DEPA SA“ за испораки на природен гас од Русија по дното на Црното Море преку трети земји во Грција и во Италија.
Русија, исто така, би можела да придонесе и за оптимизација на грчката транспортна инфраструктура, пишува уште Путин. Станува збор за учество на руски бизнис структури на претстојните грчки тендери за продажба на имотите на железничките компании, објекти во солунското пристаниште…. .
Путин на 1-ви декември 2014 година објави дека поради заострувањето на односите на релација ЕУ-Русија нема да се реализира проектот Јужен тек во кој беше вклучена и Македонија, иако во неговата реализација беше вклучена и италијанската компанија Eni. Проектот за гасоводот беше проценет на 15,5 милијарди евра и предвидуваше доставување на природниот гас до јужна Европа, со заобиколување на Украина, во обем од 67 милијарди кубни метри гас на годишно ниво, а за негов јазол беше предвидена Бугарија.
Подоцна Москва започна преговори и потпиша низа договори со Анкара за ткн Турски тек, со истиот капацитет, кој поради избегнувањето на европските прописи претпоставуваше продажна на гасот на Турција, а главниот хаб да биде на турско-грчката граница, и секоја земја подоцна посебно да го планира своето приклучување. Но поради крајното заострување на руско-турските односи , се чини дека и овој проект засега нема перспектива./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Дете не може само така да пропадне во земја“ – соседот на исчезнатата Данка опиша што се случувало кобниот ден
Се вратив од училиште околу 14 часот, а половина час подоцна дојдоа две-три полициски патроли, ги следев да видам што се случува и дознав дека детето го нема. Вака Лука од Бор зборува за моментот кога исчезна девојчето Данка Илиќ (2).
Како што вели, кобното попладне веднаш се приклучил на полицијата во потрага по детето.
„Тука бевме до 22:30 часот. После тоа дојдоа уште дваесет патроли. Следната вечер пристигнаа два-три хеликоптери, како и беспилотни летала за термално снимање и кучиња трагачи. Таму беа бабата, мајката и дедото и малиот брат на Данка. Сите добро ги познавам“ изјави Лука, пренесува „Блиц.рс“.
Тој потсети дека семејството на девојчето живее во Бор и дека дошле во Бањско поле бидејќи таму имаат викендица.
„Се надевам на најдоброто. Се молам на Бога девојчето да е живо и здраво. Отпрвин мислевме дека, не дај Боже, паднала или нешто слично, но нема ништо“, вели соседот на семејството на исчезнатото девојче.
Потоа ја коментираше изјавата на мајката на Данка за исчезнувањето на нејзината ќерка.
„Сите велат дека отишла да земе вода. Детето не можело да пропадне во земја. Кога стигнав, мајката на Данка беше во солзи, како и нејзината баба. Бабата беше навистина потресена. Цел ден плачеше во автомобилот. Вечерта дошла Итната помош и и дала седатив за висок притисок. Подоцна ја однеле во итната медицинска помош“, вели младниот човек.
На прашањето дали мисли дека девојчето можеби е киднапирано, тој вели во тоа верува 100 отсто.
„Ако не е тука, не знам каде би можела да биде. Оваа улица не е прометна. Не знам како се случи“, заклучува Лука.
„Блиц“ потсетува пред фармата на која исчезна девојчето Данка Илиќ (2) во Бањско поле кај Бор, пристигна багер – комбајн за да може полицијата да го расчисти имотот. Во исто време, припадници на МУП повторно ги пребаруваат шахтите и јамите во споменатата населба. Сето тоа со цел да се најдат материјални докази кои ќе помогнат во пронаоѓањето на Данка. Багерот подоцна се преселил на имотот преку улицата, каде што собира дрвја и гранки.
Родителите на исчезнатата Данка Илиќ денеска во текот на денот се приведени во полиција за да го продолжат распитот кој вчера започна во полициската станица во Бор во врска со исчезнувањето на нивната двегодишна ќерка.
Неколку припадници на полицијата го раскопуваат просторот пред дворот каде девојчето исчезна пред точно два дена. Областа се бара за какви било траги.
Регион
„Во семејството не смее да постои ниту една тајна, верувам дека детето е со некого и дека не е надвор“: Јуриќ за случајот со исчезнатата Данка
Основачот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца, Игор Јуриќ, учествувајќи во емисија во живо, кажа нови детали од истрагата за случајот со исчезнатата Данка Илиќ објаснувајќи зошто потрагата на терен била прекината по 27 часа.
„Не, тоа апсолутно не значи дека некои работи се откриени, напротив, значи само дека нема потреба да се троши работна сила и да се насочува енергија кон тој дел од теренот, кој е целосно и темелно прегледан. Штом немаме дополнителни информации, истрагата продолжува, сега истрагата тргна во друга насока и се вршат некои оперативни дејства поврзани со сознанијата за самото девојче“, изјави Јуриќ.
Тој вели дека во случаите на исчезнување на детето родителите мора да споделат сè со полицијата, дури и најинтимните семејни тајни, кои може да бидат важни во тие моменти.
„Кога зборуваме за овие ситуации, кога детето ќе исчезне, едноставно, не смее да има никакви тајни во семејните односи, напротив, треба целосно да ѝ помогнете на полицијата. Ако имате каква било ситуација што може да доведе до несакан настан, во случајот исчезнување мало девојче, мора да кажете сè што знаете“.
Основачот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца вели дека во деновите кога не знаеле каде е ќерка му Тијана Јуриќ посакувал некој да излезе и да побара откуп.
„Навистина верувам и го чекам соопштението на полицијата за да видам кое е конечното решение за оваа драма, но, дефинитивно, бев среќен што детето не беше пронајдено на тој простор, особено таа прва вечер бидејќи тешко дека детето може да преживеало таму во тие услови. Кога исчезна Тијана, се надевавме дека некој ќе ни побара откуп и дека е жртва на киднапирање, некако сега се надевам дека има шанси детето поради некоја причина да е со некои луѓе и да е уште живо. Таа надеж постои во нашите глави, но од нашето искуство мораме да бидеме подготвени за најлошите вести.
Според него, добро е што е пребарана областа и последната надеж е дека некој е вмешан и дека детето е скриено поради некоја причина.
„Сега очекувам дека оперативците на МУП ќе завршат добра работа и дека, конечно, ќе ја дознаеме вистинската вистина.
Игор Јуриќ зборуваше и за активирање на системот „Најди ме“.
„Системот го активираат началниците на полициските одделенија, во случајот тоа беше полициското одделение каде што детето исчезна. Кога ќе се процени дека детето е во опасност, системот се активира. Она што беше специфично во овој случај е дека детето е екстремно мало, самите околности беа многу чудни и полицијата бргу реагира и поради возраста на детето, темелно го пребара теренот.
„Полицијата се погрижила да не го загрози дополнително животот на детето и да ги истражи сите околности, детето да не биде жртва на киднапирање, да не се бара откуп и слично, затоа системот бил активиран околу 7 часот“, објаснува тој.
Регион
Полицајци и пожарникари пристигнуваат пред куќата каде што исчезна Данка
Во Бањско Поле во Србија пристигнуваат уште полициски сили и пожарникари во околината на викендичката на семејството Илиќ во близина на која последен пат била видена малата Данка Илиќ по која веќе трет ден се трага.
Покрај пожарникари и полиција, на самото место има и багер, иако сè уште нема официјални информации зошто. Репортерот на српски „Телеграф“ јавува дека полицијата отвора шахти околу куќата на семејството Илиќ.
Како што објави „Телеграф“, полицијата и работниците од ЈКП од утрово го расчистуваат теренот.
Данка Илиќ исчезна во вторникот во 13.45 часот кога мајка ѝ му давала вода на другото дете.
По девојчето 27 часа трагаа припадници на жандармеријата, полицијата, пожарникари, спасувачи, како и многубројни мештани. По 27 часа, српската полиција го прекина пребарувањето на теренот во Бањско Поле.