Регион
Расте бројот на жртвите во Турција, најмалку 28 убиени -ВИДЕО
Најмалку 28 луѓе загинале и околу 100 се ранети во експлозијата во турскиот град Суруч во покраината Шанлиурфа, на самата граница со Сирија, откако претходно беше јавено за 12 загинати и 45 ранети.
Медиумите во Турција пишуваат дека најмалку 300 членови на Федерацијата на здруженијата на социјалистичката младина (SGDF) се собрале во Културниот центар Амара, во рамките на летната школа за помош во обновата на Кобане, третиот по големина град на сириските Курди кој беше повеќе од половина година под опсада на Исламската држава, кој се наоѓа неполн километар од другата страна. (ВИДЕО)
Експлозијата, како што претпоставуваат властите, најверојатно ја предизвикал бомбаш самоубиец на џихадистичката терористичка организација Исламска држава, кој се разнесол во чајџилница пред културниот центар. По експлозијата избувнал пожар кој бил набрзо изгаснат, пренесуваат медиумите.
Членот на турскиот парламент, Фикрет Била, изјави дека експлозијата била насочена против турските Курди, кои покрај обновата на Кобане во споменатиот центар престојувале и во очекување да заминат во Сирија за борба против Исламската држава против којашто во последните седмици постигнаа големи успеси на сириското боиште.
„Терористичкиот напад се случи во градот Суруч во покраината Шанлиурфа денеска (понеделник) околу 12 часот по локално време. Дваесет и седум луѓе ги загубија животите, според првичните сознанија. Го повикувам сите на здрав разум во врска со овој терористичкиот напад кој е насочен против единството на нашата земја“, се вели во писмената изјави на турскиот министер за надворешни работи
Во меѓувреме, во главниот град Анкара е формиран кризен штаб со кој претседаваа вицепремиерот Кемал Маденоглу, кој директно го известува премиерот Ахмет Давутоглу.
Очевидецот Кадри Ердуг за телевизијата CNNTürk изјави дека во моментот на експлозијата се наоѓал на оддалеченост од 100 метри. „Тешко е да се опише со зборови. Итно е потребна помош во крв. Луѓето во Суруч ги повикаа да даруваат крв“, додаде.
Безбедносни извори во Анкара потврдиле за весникот Hürriyet, дека бомбашкиот напад во Суруч е поврзан со операциите на џихадистите во сириски Кобане, каде што претходниве месеци изведуваа слични терористички напади.
„Доколку станува збор за Даеш (погрден назив за Исламската дражва), тоа нема да остане само во Суруч. Многу скоро би можело да заврши како во Сирија“, изјави Мухсин Кизилкај, пратеник од владејачката Партија на правдата и развојот (AKP).
„Станува збор за голем масакр. Најверојатно станува збор за многу голем самоубиствен напад. Има различни информации во врска со бројот на загинатите. Некои велат дека сите од групата загинале“, изјави Лејла Ѓувен, за телевизијата Habertürk, мислејќи на фотографијата од дворот на Културниот центар која била објавена само неколку моменти пред експлозијата и на којашто се гледаат десетици лица седнати на маси поставени во правоаголна форма на отворен простор./крај/мф/сн
Се вчитува прикажувачот на видео…
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.