Регион
Решавањето на бегалската криза и евроинтеграцијата остануваат регионални приоритети и за наредната година
Различните предизвици кои се актуелни во регионот и кои ќе бидат присутни и во 2016 година почнувајќи од економската стагнација, мигрантската / бегалската криза како и потенцијалните терористички закани, но и други предизвици кои претставуваат пречка на влегувањето на Балканот во ЕУ беа главна тема на конференцијата „Ден на регионална соработка“, која во петокот во организација на Советот за реагионалната соработка (РСС) во Сараево.
„Ова беше една од најтешките години во последната деценија, но сите проблеми беа надминати со големата помош на Европската унија. Социо-економската ситуација во регионот е многу лоша, приливот на мигранти како и заканите од терористички напади дополнително ја усложнија политичката ситуација. Поради тоа сакавме со претставниците од граѓанскиот сектор и новинарите од целиот регион да разговараме и да ја анализираме оваа тешка година, но и да предвидиме што ни носи годината пред нас“ изјави на отворањето на конференцијата генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ.
Тој воедно истакна дека во 2015-та година имало и позитивни работи како на пример повикот Црна Гора да пристапи во НАТО што е резултат на реформите во секторот сигурност.
„Добриот момент е тоа што Косово потпиша Договор за стабилизација и асоцијација, но и тоа што Србија отвори две нови поглавја и се очекува отворање на уште две нови поглавја во преговорите со ЕУ“, додаде Свилановиќ.
Свилановиќ смета дека се работи за недели кога БиХ ќе ја предаде апликацијата за членство во ЕУ, што е резултат на политичкиот договор кој започна пред година дена. Кога станува збор за регионот, Свилановиќ истакна дека постојат три големи проблеми, а тоа се проблемите со Косово и Србија, прашањето за името на Македонија и функционалноста на БиХ, но сите три процеси се на некој начин дефинирани и постои разбирање за излез од кризата. Берлинскиот процес даде нов потстрек, но поставува прашања за тоа колку е одржлив и што земјите од Балканот можат да направат за да се забрза тој процес, додаде тој.
Присутните претставници на регионалните „Think tank” организации од граѓанскиот сектор ги разменија своите искуства и ги испитаа разните начини и средства со цел создавање услови за секоја земја во регионот да земе учество во вистинската насока.
„Денешната конференција е изразито корисна и драго ми е што имав прилика да сретнам колеги од регионот кои покриваат различни сектори. Советот за регионална соработка успеа да направи еден зачеток на своевидна платформа на невладини организации во регионот кои размотруваат различни политики на различни ниво во државите во регионот“ изјави директорката на надворешнополитичката иницијатива на БиХ Лејла Рамиќ – Месиховиќ.
Заеднички проблеми како што се владеењето на правото, борбата против корупцијата и другите монополи кои се присутни во земјите на регионот се примери за квалитетна соработка на граѓанските сектори.
„Сите овие години, заради едно политичко безумие кое се случуваше на Балканот, се обидувавме да се бавиме со конкретни теми и да се обидеме да обезбедиме народот кој живее на овие територии да има некакви конкретни придобивки од она што ние го работиме“ нагласи Вук Мараш од невладината организација MANS од Подгорица.
Покрај собирот на претставници на граѓанското општество, во Сараево се состанаа и новинари од регионот, како разгледаа начини за известување за регионалните прашања како и да согледаат како да ги подобрат меѓусобните и регионалните соработки на медиумското поле. Присутните новинари исто така истакнаа различни видови на притисоци за време на мигрантско / бегалската криза која оваа година се случи на подрачјето на Балканот.
„Непочитување на етичките кодекси е проблем кој е пристуен во целиот регион, со тоа што на терен може да се направи многу и да се оствари простор за соработка на медиумите. Се надевам дека денес ќе успееме да дефинираме правци во остварување на соработка со колегите од земјите во регионот со цел потполно медиумско информирање кое би овозможило квалитетна соработка на медиумите во премостување на различните притисоци“ нагласи новинарката на неделникот „Време“ и членката на Советот за печат на Србија Тамара Скроза./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.