Регион
Романија ги суди комунистичките злосторници
Поранешен началник на работен логор во кој животите ги завршиле повеќе од стотина противници на романскиот комунистички режим, ќе одговараат на суд поради злосторства против човечноста, објави во понеделникот државното обвинителство на Романија.
Во соопштението се истакнува дека Иоан Фицори е обвинет дека од 1958 до 1963 година ги прогонувал „политичките затвореници во работниот логор Периправа“ во југоисточна Романија подвргнувајќи ги на „третман кој имал цел физички да ги уништи“. Под негово раководство, во споменатиот период наводно починале 103 политички затвореници поради недостиг од лекови, храна и греење, но и од насилства.
Денес 85-годишник, Фицори негира дека е одговорен за смртните случаи. Датумот на почетокот на судскиот процес против него сé уште не е објавен.
Тој е вториот комунистички функционер кому до крајот на 2014 година ќе му биде судено по серијата од 35 истраги коишто ги спроведе Институтот за истражување на злосторствата на комунизмот. Имено, кон крајот на септември започнува сличното судење на Александру Васинеску, поранешен началник на затворот за политички осуденици „Рамницу Сарат“ во источна Романија.
Повеќе од600 илјади Романци биле осудени и заточени поради политички причини во текот на комунистичкиот режим во периодот од 1945 до 1989 година, според документите од меморијалниот музеј на жртвите на комунизмот во Сигет. Поранешниот романски диктатор Николае Чаушеску и неговата жена Елена беа обвинети за геноцид и погубени во 1989 година за време на демократската револуција.
Најтешките репресии биле спроведувани во текот на 1950-та, меѓутоа само неколку поранешни комунистички функционери одговарале за тоа, поради застареност на случаите. Иако некои правници сметаат дека ваквите случаи се застарени, романскиот Уставен суд кон крајот на 2013 година одлучи дека застарувањето не важи за убиства со што се создадоа услови за судење за злосторниците од времето на комунизмот./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.