Регион
САД и НАТО остро го осудија атентатот во Истанбул, во кој се убиени тројца Израелци
Вашингтон остро го осуди терористичкиот напад од саботата во центарот на турскиот мегалополис Истанбул, во кој се убиени четири цивили и ранети 36, изразувајќи им сочувство на семејствата на жртвите, од кои според последните информации тројца се државјани на Израел и еден на Иран.
„САД се солидарни со турскиот сојузник во НАТО во борбата против заедничката закана од тероризмот. Овој напад е последниот во низата неоправдани насилства над невините цивили низ Турција“, се наведува во писмената изјава на портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби, прецизирајќи дека Вашингтон ќе остане во близок контакт со турските власти во текот на истрагата.
Нападот кој го извел бомбаш самоубиец во моментите кога им станал сомнителен на полицајците, беше изведен на истанбулската авенија Истиклал каде што се сместени многу странски конзулати, и посетени кафулиња, ресторани и бутици. Станува збор за пешачка зона долга неколку километри којашто во текот на викендите ја посетуваат по околу три милиона домашни и странски туристи.
Засега ниедна терористичка организација која дејствува во Турција не ја презема одговорноста за експлозијата. Меѓутоа, провладините медиуми пишуваат дека насоката е првенствено насочена кон екстремната сунитска организација Исламска држава, иако не се исклучува дека зад неа може да стои и фракција блиска на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK).
Нападот во Истанбул е изведен нецела седмица по самоубиствениот напад со автомобил бомба минатата недела во центарот на турската престолнина Анкара во близина на владини згради, во кој беа убиени 35 луѓе а ранети повеќе од 120. Кон крајот на февруари, Анкара беше потресена уште една голема експлозија на автомобил бомба, исто така во централното подрачје кога беше нападната автобус кој превезуваше воени офицер при што загинаа 29 лица.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го осуди терористичкиот напад во Истанбул/ и изразувајќи сочувство на блиските на жртвите и на народот на Турција.
„Остро го осудувам терористичкиот напад од утрово во пешачката зона во центарот на Истанбул, уште еден терористички напад насочен против невините цивили и нашиот сојузник Турција. Нема оправдување за тероризмот. Сојузниците од НАТО се крај Турција, обединети во решителноста да се бориме против тероризмот во сите негови форми“, порачува Столтенберг во писмената изјава за медиумите. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.