Регион
Самарас ги повика Грците да ги избегнат предвремените избори
Грчкиот премиер Антонис Самарас ги предупреди во саботата пратениците на опасноста од предвремените парламентарни избори доколку неговиот кандидат за претседател на земјата не ја добие поддршката и во третото гласање следната седмица во парламентот, но изрази убедување дека Ставрос Димас ќе биде избран.
Зборувајќи пред одржувањето на третиот и последниот круг од гласањето во парламентот за наследникот на претседателот Каролос Папуљас во понеделник, премиерот Антонис Самарас изјави дека парламентарните избори, коишто мора да бидат распишани доколку не може да се именува нов претседател, се против националните интереси.
Најновите истражувања на јавното мнение покажаа дека владејачката коалиција на конзервативците од Нова демократија на Самарас и на социјалистите од Пасок, иако последните денови ја намали разликата сепак уште заостанува зад коалицијата на радикалната левица Сириза којашто најавува дека доколку дојде на власт повторно ќе преговара за меѓународната финансиска помош за Грција и ќе ги отфрли строгите мерки за штедење кои се спроведуваат последните години како услов да се добие пакетот странска пакет помош.
Самарас рече дека планот на Сириза да го отповика договорот за помош од милијарди евра би бил катастрофален за стабилноста на Грција. Инаку, следните парламентарни избори треба да се одржат во 2016 година.
„Грчкиот народ не сака предвремени избори. Правев и правам се’ за да осигурам претседателот да биде избран, а предвремените парламентарни избори избегнати“, изјави Самарас во интервјуто за државната телевизија. Ја обвини Сириза за „политичка уцена“ и рече дека таа би ја довела Грција во конфликт со нејзините кредитори.
Изјавата на Самарас доаѓа речиси истовремено кога германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во Берлин предупреди дека секоја влада на Грција мора да ги почитува обврските коишто Атина ги прифати. Бескомпромисниот тон на Самарас навестува дека најверојатно веќе гледа преку гласањето во парламентот во понеделник кон предизборна кампања.
„Доколку дојде до избори ќе победиме, го чувствувам тоа. Не верувам дека грчкиот народ ќе прифати со лесните ветувања да биде воден назад до работ на амбисот каде што беше пред две ипол години. Иако изборите би ми одговарале, сакам бродот сигурно да доплови во пристаништето“, рече Самарас.
Испитувањето на јавното мнение на институтот Alco објавено во саботата дека Сириза има предноста во однос на Нова демократија од 3,3 отсто, што е малку помалку отколку во претходната анкета. Доколку изборите би се одржале сега, Сириза би добила 28,3 отсто, а Нова демократија 25 отсто од гласовите.
Шансите на Самарас, меѓутоа, ги комплицираат слабите резултати на другите партии. Коалицискиот партнер Пасок е соочен со сериозни внатрешно партиски тензии и може да се подели и нема да влезе во парламентот, што би го оневозможило формирањето на стабилно коалициско мнозинство./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Убиен работник од Украина во Славонски Брод
Во центарот на Славонски Брод во попладневните часови е пронајдено машко тело.
Полициската управа Брод-Посавина соопшти дека е приведено едно лице поврзано со инцидентот.
Се работи за млад градежен работник од Украина. Конфликт се случил во стан во центарот на градот каде што биле сместени работниците (родени во 90-тите).
Полицијата соопшти дека телото на мажот е пронајдено во куќата околу 15:17 часот и дека се води истрага, а потоа и кривична истрага која треба да ги расветли сите околности.
Регион
Таткото на осомничениот за убиството на Данка Илиќ го откажал полномошното на адвокатот
Небојша Живановиќ, адвокатот на Радослав Д., таткото на Дејан Д., кој е осомничен за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, за Танјуг изјави дека неговиот клиент го откажал полномошното.
Радослав Д. е осомничен дека му помогнал на својот син да го премести телото на девојчето од депонијата на засега непозната локација.
Со оглед на тоа што го откажал полномошното на избраниот бранител, сега треба да му се определи бранител по службена должност на Радослав Д.
Биолошкиот брат на осомничениот Дејан Д., Далибор Д., почина на 7 април во Полициската станица во Бор, каде беше осомничен дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на двегодишното девојче.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детални проверки и информации ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобил, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот на автомобилот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето се уште не е пронајдено.
Регион
Никола Роквиќ тргна пеш на пат долг 1.150 километри на хумана мисија
Никола Роквиќ пеш тргна кон Грција и треба да помине 1.150 километри, а сето тоа во хуманитарна мисија.
Тој и неговата сопруга Бојана неодамна ја основаа „Фондација за семејство“, а за да им помогне на оние на кои им е потребна помош, реши да направи неверојатен чекор достоен за восхит.
Треба да стигне до Егина, каде што ќе се поклони на Свети Нектариј Егински. Пред заминувањето тој со семејството ја посети црквата Свети Сава каде се помоли.
„По овој пат решив да тргнам од љубов кон луѓето и се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за помош на многумина. Првенствено да помогнам на многу семејства, на многу деца, но најважно да им помогнам на болните деца, поради што во голема мера го започнав ова патување. Започнавме фондација која ќе му помага на семејството, која ќе помага на талентирани деца, на многудетно семејство, но и на болни деца“, изјави Никола во храмот Свети Сава за „Телеграф“.
Никола последниве месеци се подготвуваше за овој потфат со големи планинарски тури.