Регион
Сириза порача дека откако ќе победи, Грција нема да излезе од еврозоната
Доколку победи на предвремените парламентарни избори на 25-ти јануари, најголемата опозициска сила во земјата, Коалицијата на радикалната левица – Сириза, Грција ќе остане членка на еврозоната, истакна Сириза во соопштението по повод „застрашувањата кои се шират низ Европа“ за наводното излегување на земјата од монетарната унија, доколку опозицијата дојде на власт.
Според резултатите од анкетата објавени во неделата, Сириза води пред конзервативната Нова демократија на премиерот Андонис Самарас со 3,1 отсто и лесно може да се случи да победи на изборите за три седмици.
По објавувањето на написот во германскиот магазин Spiegel, во кој се тврдеше дека Берлин не би имал ништо против излегувањето на Грција од еврозоната, Сириза жестоко ги критикуваше владејачките партии и особено премиерот Самарас дека „започнал кампања на застрашување“ и „низ цела Европа дигнал врева“ за наводни такви изјави.
Според соработниците на челникот на Сириза, Алексис Ципрас, „само Самарас се осмели да ја поврзе претстојната победа на Сириза на изборите со излегувањето на Грција од еврозоната“. Во партиското соопштение од понеделникот вечерта се истакнува дека „Сириза не ја уценува Европа со терористички сценарија“, а „(возможната) победа на грчките избори е призната низ цела Европа како прекрасна можноста да се преразгледа актуелната политика (на жестоко штедење)“.
По повод написот во споменатото германско списание и реакциите што тоа ги предизвика во Европа и во самата Германија, најголемата опозициска партија во Грција посочи дека информацијата за некаква промена на позицијата на Берлин во однос на Грција и еврозоната била „официјално демантирана, како од германската влада, така и од Европската комисија“.
„Spiegel предизвика бурна реакција во Германија и во странство“, заклучуваат во Сириза и притоа се цитираат бројните изјави по тој повод од европски функционер, што според нив докажуваат дека според мислењето на Европејците, Грција нема да излезе од зоната на употреба на заедничката валута, за да не биде формирана влада според резултатите од претстојните извори. На крајот Сириза го повикува премиерот Самарас „веднаш да престане со кампањата на заплашување на грчкиот народ и оцрнување на земјата во странство“.
Во интервјуто со Ципрас што го објавува грчкото издание на американскиот весник The Huffington Post, лидерот на Сириза вели дека неговата партија „нема да се стреми кон колапс на еврозоната, туку да ја спаси“. „Спасувањето на еврото не може да се случи во услови на неконтролиран јавен долг на земјите членки на еврозоната“, истакнува Ципрас.
Претходно во саботата, изложувајќи ја својата програма на конгресот на Сириза, Ципрас изјави дека доколку победи на изборите, неговата партија ќе побара од меѓународните доверители (ткн ‘тројка’ Европска централна банка, Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд) да го отпишат поголемиот дел од долгот на земјата кој достигна 322 милијарди евра. Ципрас истакна дека владата под водство на Сириза „ќе започне преговори во рамките на Европската унија за нови заемно корисни договори за сервисирање на долгот и развој на реалната економија, со цел да се отпише поголемиот дел од номиналната вредност на долгот на земјата“. Ципрас повтори, како и една седмица претходно во интервјуто за Reuters дека „доколку на Германија ѝ беа отпишани долговите во 1953 година, така и за Грција тоа ќе биде сторено во 2015-та“.
Од своја страна, премиерот Андонис Самарас почнувајќи ја предизборната кампања го обвини Ципрас дека „ќе ја одведе земјата до банкрот, недостапност до пазарите на капитал и, во крајна линија, до исклучување од еврозоната“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сообраќајка на бугарски автобус во Турција, повредени 11 лица
Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.
Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.
На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.
Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.