Регион
Србија доби нова влада, премиерот Вучиќ вети просперитет и подобар животен стандард
Србија во четвртокот ја доби новата влада на чиешто чело е повторно досегашниот премиер Александар Вучиќ, а ќе ја сочинуваат 20 министри во 15 ресори, меѓу кои и четворица министри без портфељ.
Претседателката на српскиот парламент, Маја Гојковиќ, констатираше, по повеќечасовното експозе на мандаторот Александар Вучиќ и тридневната расправа во парламентот, дека новата 13-та по ред влада на Србија по воведувањето на повеќепартизмот, е изгласана од 163 пратеника, против биле 62, воздржани немало, додека 24 пратеници биле отсутни, од вкупно 250 пратеници.
Седницата на парламентот посветена на изборот на новата влада на Србија започна во вторникот 9-ти август, по шестчасовното експозе на мандатарот Вучиќ.
Членови на новиот кабинет на премиерот Александар Вучиќ., се прв потпретседател и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, потпретседател и министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, потпретседател и министерка за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ, потпретседател и министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ, министер за финансии Душан Вујовиќ, министер за економија Горан Кнежевиќ, министер за земјоделие и заштита на животната средина Бранислав Недимовиќ, министер за рударство и енергетика Александар Антиќ, министерка за правда Нела Кубуровиќ, министерка за државна управа и локална самоуправа Ана Брнабиќ, министер за одбрана Зоран Ѓорѓевиќ, министер за образование, наука и технолошки развој Младен Шарчевиќ, министер за здравство Златибор Лончар, министер за труд, вработување, боречки и социјални прашања Александар Вулин, министер за младина и спорт Вања Удовичиќ, министер за култура и информирање Владан Вукосављевиќ, а министри без портфељ се Јадранка Јоксимовиќ, Славица Ѓукиќ- Дејановиќ и Милан Кркобабиќ.
По гласањето тимот на Вучиќ, во кој се осум нови министри во однос на досегашниот состав на владата, официјално ја даде свечената обврска и во текот на вечерта ги презема должностите, а првата владина седница е закажана за петок претпладне.
Како цели на новата влада Вучиќ ги истакна просперитетот и подобрувањето на животниот стандард на српските граѓани, како и зголемување на платите во јавниот сектор, економска, регионална и политичка стабилност, како услови за нови инвестиции. Вучиќ истакна дека „стабилноста носи и меѓународен углед и почитување“, бидејќи Србија е способна самата да се снаоѓа, суверена е и се има доверба во неа во меѓународните кругови.
Вучиќ од претседателот на Србија, Томислав Николиќ, го доби мандатот за составување на новата влада откако коалицијата предводена од нивната партија Српска напредна партија (СНС) победи на вонредните парламентарни избори на 24-ти април годинава и освои 131 мандат од 240 колку што ги има Скупштината на Србија, а на оваа коалиција постизборно ѝ се приклучи и Социјалистичката партија на Ивица Дачиќ со нејзините коалициски партнери кои освоија 29 мандати./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Таткото на осомничениот за убиството на Данка Илиќ го откажал полномошното на адвокатот
Небојша Живановиќ, адвокатот на Радослав Д., таткото на Дејан Д., кој е осомничен за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, за Танјуг изјави дека неговиот клиент го откажал полномошното.
Радослав Д. е осомничен дека му помогнал на својот син да го премести телото на девојчето од депонијата на засега непозната локација.
Со оглед на тоа што го откажал полномошното на избраниот бранител, сега треба да му се определи бранител по службена должност на Радослав Д.
Биолошкиот брат на осомничениот Дејан Д., Далибор Д., почина на 7 април во Полициската станица во Бор, каде беше осомничен дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на двегодишното девојче.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детални проверки и информации ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобил, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот на автомобилот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето се уште не е пронајдено.
Регион
Никола Роквиќ тргна пеш на пат долг 1.150 километри на хумана мисија
Никола Роквиќ пеш тргна кон Грција и треба да помине 1.150 километри, а сето тоа во хуманитарна мисија.
Тој и неговата сопруга Бојана неодамна ја основаа „Фондација за семејство“, а за да им помогне на оние на кои им е потребна помош, реши да направи неверојатен чекор достоен за восхит.
Треба да стигне до Егина, каде што ќе се поклони на Свети Нектариј Егински. Пред заминувањето тој со семејството ја посети црквата Свети Сава каде се помоли.
„По овој пат решив да тргнам од љубов кон луѓето и се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за помош на многумина. Првенствено да помогнам на многу семејства, на многу деца, но најважно да им помогнам на болните деца, поради што во голема мера го започнав ова патување. Започнавме фондација која ќе му помага на семејството, која ќе помага на талентирани деца, на многудетно семејство, но и на болни деца“, изјави Никола во храмот Свети Сава за „Телеграф“.
Никола последниве месеци се подготвуваше за овој потфат со големи планинарски тури.
Регион
Европскиот парламент одобри визна либерализација за Србите од Косово
Европскиот парламент денеска одобри визна либерализација за имателите на српски пасоши од Косово, кои ги издава Координативната управа на Србија на предлог на европратеникот и известувач за укинување на тие визи, Матјаж Немец.
За извештајот на Немец гласале 406 од 597 европратеници, 97 биле против, а 94 биле воздржани.
По гласањето во ЕП, последниот збор за овој предлог треба да го дадат министрите на Советот на ЕУ.
Претходно овој месец, амбасадорите на земјите членки на ЕУ се согласија со предлогот на ЕП и Советот на ЕУ за измена на регулативата за иматели на српски пасоши издадена од Координативната управа на Србија, со која се доделува визна либерализација на носителите на овие пасоши, пишува српската новинска агенција „Танјуг“.
Претходно, Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на ЕП на 9 април го усвои нацрт-извештајот за визна либерализација.
Целиот Западен Балкан ќе има ист визен режим за патување во ЕУ
Оваа одлука гарантира целиот регион на Западен Балкан да има ист визен режим за патување во ЕУ, објави тогаш ЕП.
Постои можност одлуката за визна либерализација за имателите на српски пасоши во Косово да почне да се применува до почетокот на летото.
Србите од Косово се единствените од Балканот на кои им е потребна виза за ЕУ
Србите од Косово и Метохија, кои поседуваат пасоши издадени од Координативната управа, која функционира во рамките на Министерството за внатрешни работи на Србија, се единствените на кои им е потребна виза за влез во земјите на ЕУ откога од 1 јануари годинава беа укинати визите за граѓаните на Косово.
Во ноември 2023 година Европската комисија предложи да почне постапка за вклучување на граѓаните на Косово, кои имаат пасоши издадени од Координативната управа на Србија, преку визна либерализација.