Регион
Србија: Извесна победата на СНС на Вучиќ, неизвесно кој од опозицијата ќе влезе во парламентот
Победата на коалицијата „Србија победува“, предводена од Српската напредна партија (СНС) на досегашниот премиер Александар Вучиќ, најверојатно ќе им обезбеди 134 до 145 мандати во 250-члената Скупштина на Србија (парламентот), оценуваат белградските медиуми во понеделникот врз основа на неофицијалните резултати објавени четири часа по затворањето на избирачките места.
Челникот на СНС и на техничката влада Александар Вучиќ во неделата во 22 часот ја прогласи изборната победа со 50,9 отсто од освоените гласови, но опозицијата жестоко реагираше на регуларноста на изборите и оти до полноќ не беа познати сигурните прелиминарни резултати од изборите.
Според спротивните податоци од изборните штабови на владејачкиот и на опозицискиот блок, се уште не е јасно дали во парламентот ќе влезат најмалку четири, пет или, пак, повеќе од седум изборни листи на коалиции и партии.
Сигурно е единствено дека сите податоци соопштени од четирите извори, Републичката изборна комисија (РИК), Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСиД), здружението ЦРТА – Граѓаните на стража и од агенцијата ИПСОС, укажуваат на победата на коалицијата предводена од СНС.
Процентите во полза на коалицијата „Србија победува“, се движат од 48 oтсто (ИПСОС), 48,59 проценти (ЦРТА), 49,30 (РИК) до 49,90 отсто кај ЦЕСиД.
Во парламентот, според неофицијалните резултати, покрај СНС на Вучиќ, сосема сигурно ќе влезат Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ, Српската радикална партија (СРС) на Воислав Шешељ, и Демократската партија (ДС) на Бојан Пајтиќ, а неизвесно е засега дали изборниот праг го минуваат коалицијата на Борис Тадиќ, Чедомир Јовановиќ и Ненад Чанак (ДСД-ЛДП-ЛСВ), Демократската партија и движењето Двери (ДСС-Двери) на Санда Рашковиќ Илич и Бошко Обрадовиќ, како и движењето Доста беше на Саша Радуловиќ, поранешен министер за економија во владата на Вучиќ.
Според неофицијалните резултати, демократите на Бојан Пајтиќ ја загубиле власта во Војводина откако на покраинските избори кои се одржуваа во неделата заедно со вонредните парламентарни за војводинскиот парламент победила СНС на Александар Вучиќ со 39 отсто од гласовите, а на второто место е Сојузот на војводинските Унгарци со 13,5 отсто од гласовите, па СПС на Дачиќ со 8,6 и Демократската партија со 8 отсто од гласовите. Во војводинскиот парламент, најверојатно ќе влезат и радикалите на Шешељ и Лигата на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ) на Ненад Чанак.
Во Србија во неделата се одржаа предвремените парламентарни избори, се гласаше за пратеници во Скупштината на Војводина (покраинскиот парламент), како и за советници во општините и во градовите.
На парламентарните избори за 11-от состав на српскиот парламент од воведувањето на повеќепартискиот систем во Србија, за 250 пратенички мандати конкурираа 20 листи на партии, коалиции и политички организации со вкупно 3.270 кандидати, а за 120 мандати во парламентот на Војводи се гласаше за 15 листи..
Рокот за распределбата на пратеничките мандати е предвиден до 8-ми мај, а првата седница на новиот состав треба да се одржи најдоцна 30 дена од денот на прогласувањето на конечните резултати од изборите. Законскиот рок за формирање на новата влада е 90 дена од конституирањето на парламентот.
Вонредните парламентарни избори во Србија се втори во последните две години, откако исто така по предвремени избори, беше формирана сегашната влада предводена од коалицијата што ја предводи Српската напредна партија (СНС) на досегашниот премиер Александар Вучиќ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.