Регион
Србија запрепастена од одлуката на Хрватска да не даде поддршка за отворање на 23-то поглавје
Српската влада изрази во петокот вечерта запрепастување од одлуката на Хрватска да не го поддржи европскиот пат на Србија откако Загреб не даде согласност за отворање на 23-то поглавје во пристапните преговори со Европската унија, а премиерот Александар Вучиќ порача дека Белград нема да ги исполни условите коишто ги бара Хрватска.
„Владата на Република Србија е запрепастена од одлуката на Хрватска да не го поддржи европскиот пат на Србија. За таквата одлука Република Хрватска немаше ниедна единствена добра причина. Србија го прими на знаење ставот на Република Хрватска, и Србија нема да дозволи кој и да е во Европа и во светот, па ниту Република Хрватска, на кој и да е начин да ја уценува, понижува и омаловажува, се наведува во соопштението на српската влада.
Во соопштението се истакнува и пораката на српскиот премиер Александар Вучиќ дека „Србија е земја на слободарски народ и дека никогаш нема никому да биде вреќа за удирање“.
Претходно во петокот Вучиќ во Нови Сад, на предизборен собир на неговата Српска народна партија (СНС), чиј челник е, изјави дека Србија никого нема да моли, ниту ќе ги менува своите закони само затоа што тоа го бара Хрватска.
Хрватските претставници во петокот во Брисел на состанокот на работната група за проширувањето на ЕУ не даде согласност за отворање на поглавјето 23 во преговорите со Србија и ЕУ, а продолжувањето на разговорите е најавено за следната седмица.
Хрватска инсистира во преговарачкото поглавје за правосудството како мерила биде вградено дека Србија ги укине надлежностите за воени злосторства на подрачјето на цела поранешна Југославија, да спроведува заштита на хрватското малцинство, и да оствари целосна соработка со Хашкиот трибунал. Хрватскиот министер за надворешни и европски работи Миро Ковач, изјави во петокот во Загреб дека Хрватска очекува дека Европската комисија ќе се изјасни како мисли да ги вгради споменатите критериуми во преговарачките мерила.
„На ничии ултиматуми нема да се согласиме“, реагираше српскиот премиер Вучиќ на веста дека Хрватска го блокирала отворањето на поглавјето 23 од преговорите со ЕУ. Нагласи дека Србија нема да менува „закон кој е добар, само затоа што Хрватска тоа го сака“.
Нагласувајќи дека Србија сето време ги штитела сопствените интереси, како тоа дека тоа ќе го чини и во иднина, Вучиќ рече дека од Србија денес се очекува некого да моли.
„Србија е земја која се наоѓа на патот на ЕУ, но ги штитеше својата слобода и независност. И денес, кога во Брисел Хрватска нема да се изјасни и да даде поддршка за Србија на нејзиниот европски пат, некои очекуваат дека некого ќе молиме… Но, нема да упатиме ниту еден телефонски повик“, порача Вучиќ.
Оценувајќи дека „многумина посакуваа“ Србија да нема силна влада, за да можат да ѝ наметнуваат услови за разговорите со Приштина или да ја понижуваат во односите во регионот, Вучиќ изјави дека Србија може да ѝ наметнуваат ставови, но таа не може и нема да ги прифати.
Белградските електронски медиуми известуваат од Брисел дека работната група за проширување на Европската унија го завршила состанокот без согласноста на Хрватска да Србија го отвори преговарачкото поглавје 23 со ЕУ.
Постигната е согласност во јуни да биде отворено поглавјето 24, а на состанокот на работната група на ЕУ за проширување, Хрватска не го изнесе ставот за отворањето на поглавјето 23, така што точката беше симната од дневен ред и за тоа повторно ќе се разговара.
„Хрватската претставничка немаше инструкции од Загреб, така што се мина преку оваа точка и таа е оставена за следната седмица“, изјави за српските медиуми шефицата на преговарачкиот тим на Србија со ЕУ, Тања Мишчевиќ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.