Регион
Столтенберг во Србија: Жалиме за секоја цивилна жртва од 1999-та година
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во петокот во Белград изјавил дека Северноатланската алијанса жали за секоја цивилна жртва во бомбардирањето на СР Југославија во 1999-та година, пренесуваат српските медиуми.
„Нашата интервенција во 1999-та година не беше против српскиот народ, туку се работеше за ставање крај на неприфатливите дејства на режимот на Милошевиќ. Интервенцијата на НАТО им стави крај на повеќегодишните војни на Балканот. ЗА време на интервенцијата направивме се за да го спречиме губењето на недолжни животи, и секој загубена цивилна жртва беше трагедија за која длабоко жалиме“, подвлекол Столтенберг.
Тој додал дека им изразува сочуствство на семејствата од двете страни на судирите и сите кои во интервенцијата на НАТО загубиле некој сакан.
„Денес сум тука во врска со новиот почеток на односите меѓу НАТО и Србија. Ова за нас е поважно отколку било кога поради тоа што сме соочени со многу заеднички предизвици“, нагласил Столтенберг истакнувајќи дека соработката е од взаемна корист. Тој потсетил дека планот за партнерство нуди многу можности на соработка и дека НАТО е подготвен да стартува нов фонд кој на Србија ќе и помогне да уништи 200 тони вишок муниција.
Српскиот премиер Вучиќ изјавил дека Србија е суверена и воено неутрална земја и дека ќе продолжи да ја унапредува добрата соработка со НАТО. Вучиќ на заедничката прес конференција со Столтенберг изјавил дека Србија ќе се држи до својата одлука за воена неутралност, но дека има голем простор за унапредување на соработката со НАТО.
„Тоа придонесува и во борбата против тероризмот, поддршката во мигрантската криза, зачувувањето на регионалната стабилност, подобрата обука на војниците и полицајци, но и многу поголема безбедност и сигурност на нашите луѓе на Косово, што е најважно“, рекол Вучиќ, наведувајќи дека НАТО и Србија ниту денес не мора да се согласуваат по одредени прашања од минатото, но дека е сигурен оти постои добра иднина во меѓусебните односи./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.