Регион
„Тепачка“ за лежалки во Грција заврши на суд, турист доби речиси 1.000 евра отштета
Германски турист бил толку лут од добро познатиот проблем со „резервирање“ лежалки на плажа што решил да го тужи туристичкиот оператор. За време на семеен одмор на грчкиот остров Кос, за кој платил 7.186 евра во август 2024 година, бил огорчен бидејќи лежалките на плажата биле зафатени секое утро пред појадок, објавува Times.
Иако едно од правилата на хотелот експлицитно забранувало оставање пешкири на лежалките преку ноќ, се чини дека гостите не се придржувале до тоа правило. Незадоволниот турист во својата жалба навел дека одел на плажата уште во 6 часот наутро, но сите лежалки веќе биле зафатени.
Тој се пожалил до Окружниот суд во Хановер дека неговото семејство трошело околу 20 минути секој ден барајќи слободно место, а децата честопати морале да лежат на пешкири на земја. Тој исто така истакнал дека персоналот на хотелот ги игнорирал нивните жалби.
Судот во Хановер ги прифатил неговите аргументи и пресудил дека туристот има право на делумно враќање на средствата од 986,70 евра. Во образложението се наведува дека пакет аранжманот бил неисправен бидејќи не ја обезбедувал услугата што гостинот со право можел да ја очекува.
Судиите објаснија дека туристичката агенција, иако не управувала директно со хотелот, ниту била обврзана да обезбеди лежалка за сончање за секој гостин во секое време, сепак сноси одредена одговорност. Нејзина обврска била да обезбеди организација што овозможува разумен сооднос на бројот на лежалки за сончање и бројот на гости.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бугарската пејачка Дара победи на Евровизија со песната Бангаранга
Бугарската пејачка Дара е победник на 70. Натпревар за Песна на Евровизија, што се одржа синоќа во Виена.
Дара настапи со песната Бангаранга и победи со гласовите од жирито и гласовите од публиката, а второ и трето место освоија претставниците на Израел и на Австрија.
На второто место заврши Израел со 343 поени, а трета беше Романија со 296.
Бугарија, која се врати по три години пауза, беше далеку од фаворит пред почетокот на раскошното европско музичко натпреварување, но сложената кореографија и заразниот рефрен на „Бангаранга“ ѝ ја донесоа првата победа на крајот. Најдобриот резултат на Бугарија досега беше второто место во 2017.
Дара, чие вистинско име Дарина Николаева Јотова, е родена во Варна и на јавноста ѝ стана позната во 2015, кога се пласираше во финалето на бугарската верзија на талент шоуто „Икс-фактор“. Денес е голема музичка ѕвезда во својата земја и нејзините песни и видеа имаат над 80 милиони преслушувања и прегледи на Јутјуб.
Дара појасни дека текстот на песната се осврнува на нејзината посветеност во надминувањето на анксиозноста и АДХД, што ѝ беа дијагностицирани минатата година.
„Бангаранга е нешто што секој го има во себе. Тоа е моментот кога избирате да водите со љубов, а не со страв“, рече таа.
Бугарската државна телевизија веднаш потврди дека следната година Евровизија ќе се одржи во Софија.
Годинашното натпреварување го обележа и бојкотот на Шпанија, Холандија, Ирска, Словенија и Исланд поради учеството на Израел.
Регион
Се запали автобус во близина на патарината Отовица, патниците спасуваа жива глава
Попладнево на автопатот Велес–Скопје, автобус со прилепски регистарски таблички се запалил во близина на наплатната станица Отовица. Сите патници навреме го напуштиле автобусот и нема повредени.
Веднаш по пријавата на терен пристигнале екипи на Територијалната противпожарна единица, како и полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес.
Според информациите дадени досега, пожарот избувнал додека автобусот се движел по автопатот, а причините за инцидентот засега не се познати. Надлежните служби работат на целосно локализирање на пожарот и расчистување на местото.
Од Авто мото сојузот информираа дека од 17.25 часот, патниот правец А1 Велес-Скопје од Патарина Отовица се одвива по една лента поради гаснење на автобусот.
Регион
Подгорица ја осуди изјавата на Вучиќ за годишнината од црногорската независност
Министерството за надворешни работи на Црна Гора соопшти дека е неприфатливо и политички неодговорно годишнината од обновата на независноста да се прикажува како чин насочен против Србија или српскиот народ.
Реакцијата следи по изјавата на претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој рече дека би „плукнал себеси и на својот народ во лице“ доколку учествува на прослава на отцепувањето на Црна Гора од Србија.
Црногорското МНР нагласи дека Црна Гора ја обновила независноста во 2006 година преку демократски референдум, во согласност со меѓународното право и уставните договори на тогашната државна заедница.
Во соопштението се додава дека Црна Гора и Србија биле рамноправни членки на заедницата по распадот на поранешна Југославија, и дека референдумот овозможил двете држави да продолжат како самостојни држави.
На референдумот во 2006 година за независност гласале 55,5 проценти од граѓаните на Црна Гора.
Годишнината од обновата на независноста се одбележува на 21 мај, а земјата планира повеќедневна програма по тој повод.
