Регион
Турција: Притворени 103 генерали и адмирали, продолжува чистката
Најмалку 103 турски генерали и адмирали се притворени во рамките на истрагата за неуспешниот воен преврат, објави провладината агенција Anadolu во понеделникот, додека медиумите јавуваат дека продолжуваат чистките во државните институции.
Според податоците на турските медиуми, од споменатите приведени 103 генерали и адмирали, 43 офицери се веќе уапсени со наредба на судовите. Другите се испрашувани од иследниците. Вкупно во турските вооружени сили има 359 генерали и адмирали.
Агенцијата Anadolu ја објавува целата листа со имиња на приведените на највисоки офицери, од која се гледа дека се од воздухопловството, копнените војски и морнарицата, и тоа од сите делови на земјата.
Претходно телевизијата Habertürk објави дека се уапсени најмалку 12 генерали и адмирали. Во извештајот беше појаснето дека офицерите биле приведувани во текот на ноќта со одлуки на Истанбулскиот суд, но не се појаснува каде се извршени тие приведувања. Тие се обвинети за обид за воен преврат, обида за атентат на претседателот на земјата и убиства со умисла. Тие се осомничени дека учествувале во неуспешниот пуч кој се одвиваше ноќта кон саботата, кој заврши со 296 жртви на двете страни и 1.440 ранети главно цивили, по што над шест илјади луѓе се уапсени.
Во неделата ноќта беше објавено дека 70 адмирали и генерали се во притвор. Меѓу нив се и генералот Акин Озтурк, командантот на воздухопловните сили до 2015 година и член на Високиот воен совет (YAS), тело кое ги контролира турските вооружени сили, осомничен дека бил еден од организаторите и идеолог на заговорот. Тој е меѓу илјадниците припадници на вооружените сили кои се уапсени, вклучително и командантот на една од најзначајните воздухопловни бази „Инџирлик“ Бекир Ерџан Ван и главниот советник и аѓутант на претседателот Ердоган за воени прашања, Али Јазиџи.
Озтурк, роден 1952 година, требало да биде пензиониран на 30-ти август на состанокот на YAS, кој се состанува двапати годишно. Меѓутоа, се појавија информации дека тој наводно дознал дека бил истражуван поради можни врски со луѓето на проповедникот Фетулах Ѓулен кој живее во САД, обвинет од владата за создавање паралелни структури во правосудството, образованието, полицијата и армијата, како и за сегашниот обид за пуч, што тој го негира.
Како втор по важност меѓу организаторите на неуспешниот преврат се смета Мухарем Косе, поранешен правен советник на началникот на Генералштабот, соопштиле тројца високи функционери од Анкара. Тие го опишале Косе како следбеник на Ѓулен. Косе беше отстранет од должноста во март под обвинение за лошо постапување, но не отстранет од армијата. Во моментов турските власти немаат информации каде тој се наоѓа.
Турското министерство за внатрешни работи соопшти во понеделникот дека 8.777 лица се отстранети од должностите, вклучително и 7.899 припадници на полицијата и безбедносните служби. Овие бројки не ги вклучуваат припадниците на војската.
Во саботата беше објавено дека биле отпуштени 2.745 судии. Притоа уапсени се 426 судии и обвинители низ цела Турција, од кои двајца се уставни судии, а само во Истанбул се уапсени 39 обвинители и 71 судија.
Телевизијата CNNTurk јавува дека 30 турските гувернери и повеќе од 50 високо рангирани државни службеници, исто така, се сменети од должностите во продолжување на чистката во државните институции која ја вети претседателот Реџеп Тајип Ердоган по неуспешниот воен удар најавувајќи најверојатно дефинитивна пресметка со она што тој го нарекува „паралелна структура“ во државата, алудирајќи на движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен кој се наоѓа во егзил во САД, но кој ја негираше својата вмешаност во настаните во Турција./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.