Регион
Успешен референдум во Република Српска
Во Република Српска, во неделата, се одржа референдум, прв во дејтонската Босна и Херцеговина, на кој граѓаните одлучија во иднина 9.јануари да се обележува како Ден на РС.
На референдумот во Република Српска од запишаните 1.219.399 граѓани, на гласачките места излегле помеѓу 59 и 60 отсто од гласачите, од кои 99,79 отсто се изјасниле 9.јануари во иднина да се обележува како Ден на РС.
Гласањето минало без инциденти, во мирна атмосфера, а претседателот на РС, Милорад Додик, порачал дека референдумот ќе влезе во историјата на РС и Босна и Херцеговина.
Додик рекол дека референдумот е законско право кое го има Република Српска, истакнувајќи дека „српскиот народ покажал зрелост и политичка решителност.
Премиерката на РС, Жељка Цвијановиќ, изјавила дека сите оние кои нема да можат да се идентификуваат со 9.јануари како со денот на Републиката, нема да имаат обврска да го прославуваат.
Додека во РС се одвиваше референдумското гласање, во останатиот дел од Босна и Херцеговина, медиумите известуваа дека се работи за неуставен референдум, кој нема ништо да смени во државата.
Претседателот на претседателството на Босна и Херцеговина и претседател на партијата СДА, Бакир Изетбеговиќ, оценил дека референдумот е „ескалација на самоволието на претседателот на РС Милорад Додик“.
Референдумот мина во напната атмосфера на релација Сараево-Бања Лука, бидејќи Уставниот суд на БиХ, кого раководството на РС не го признава, го прогласи референдумот за неуставен.
Од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор кој означи крај на војната во БиХ, ниту едно прашање не ги крена тензиите како што тоа го направи одлуката на Бања Лука да го организира референдумот.
Светските агенции пренесоа дека во РС е одржан референдум, за спорен национален празник, а агенциите Ројтерс и АФП, констатираа дека мнозинството граѓани се изјасниле во иднина 9.јануари да се прославува како Ден на РС, дополнувајќи дека овој празник е спорен за останатите ентитети во БиХ, бидејќи е датумот е поврзан со војната која се водеше во 90-тите години од минатиот век.
Исто така агенциите потенцираат дека референдумот е прв на територијата на БиХ по оној во 1992 година кога граѓаните гласа за отцепување од Југославија по што следуваше крваа тригодишна војна.
Ројтерс потсетува дека на 9.јануари 1992 година босанските Срби прогласија независност од Босна и Херцеговина наведувајќи дека „со тој чин се забрзаа воените дејствија, во крвавата војна која однесе најмалку 100.000 човечки животи“.
Британската агенција пренесе дека Европската унија и САД не го подржаа референдумот, поради стравот дека тој може да ја дестабилизира земјата, додека Русија го поддржа референдумот. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Детаљно пребарани тунелите, каналите и шахтите, нема траги од Данка: се огласија српските полицајци
Специјалистички екипи за спасување од урнатини на Секторот за вонредни состојби од Белград и Нови Сад заедно со други припадници на МВР од раните утрински часови темелно ги пребаруваа тунелите, подземните канали и шахтите со вкупна должина од 4,5 километри во месноста Бањско Поле до градот Бор и не се пронајдени траги што би укажувале дека таму била двегодишната Данка Илиќ, пренесуваат српските медиуми.
По повеќе од 70 часа детаљно пребарување на теренот во Бањско Поле, припадниците на Министерството за внатрешни работи продолжуваат со интензивно и оперативно пронаоѓање на девојчето и утврдување сите факти и околности за исчезнувањето на детето, според последните извештаи.
Медиумите потсетуваат, од моментот на пријавување на исчезнувањето на 26 март во потрагата по исчезнатото девојче учествуваа стотина припадници на МВР, кои темелно и сеопфатно го прегледаа поширокиот и потесниот простор на ова место со вкупна површина од 10-ина квадратни километри.
Регион
Завршено вештачењето на мобилниот телефон на мајката на Данка, биле бришени пораки и повици, објавија српските медиуми
Мобилниот телефон на мајката на Данка Илиќ бил испратен на вештачење по исчезнувањето на девојчето. Неофицијалните податоци говорат дека мајката избришала многу пораки и повици ден пред и на денот на исчезнувањето на Данка, објави српски „Блиц“.
Според неофицијални сознанија од истрагата, вештачењето на мобилниот телефон на Ивана Илиќ покажало дека се избришани многу пораки и податоци за повици, пишува српски „Информер“.
„На ден пред исчезнувањето и на денот на исчезнувањето на Данка Илиќ многу пораки и повици се избришани од телефонот. Ова го утврдиле инспекторите за високотехнолошки криминал. Пораките и повиците може да се избришат од телефонот, но да останат во базата на податоци“, рекол изворот.
Како што се дознава, пред исчезнувањето на Данка Илиќ мајката трипати го фотографирала детето од разни агли.
Да потсетиме, мајката на Данка Илиќ, Ивана, денеска повторно е во полициската станица во Бор, каде што е на распит за околностите на својата исчезната ќерка. Таткото помина на полиграфското тестирање.
Регион
„Клучот е кај родителите, тие мора да одговорат на едно прашање“, вели поранешен шеф на белградската полиција за случајот со исчезнувањето на Данка
Родителите се тие што имаат многу да објаснат. Прво, зошто чекаа да го пријават исчезнувањето? Колку што знам, чекаа два часа. Познато е дека кога ќе исчезне дете, веднаш се пријавува за да се реагира бргу, изјави Марко Ницовиќ, поранешен началник на белградската полиција, за „Телеграф.рс“.
Според Ницовиќ, полицијата оди во добра насока бидејќи ја проверува секоја педа од земјата, но се надеваат и дека темелно се проверуваат граничните премини бидејќи не ја исклучуваат можноста за киднапирање.
„Би можело да биде сè, не е исклучена никаква можност. Ако мајката рече дека го оставила девојчето на минута, го поставуваме прашањето каде би можело да оди двегодишното дете? Колку далеку, без мајка му да го најде? Второ, зошто чекаа два часа? Има простор и за киднапирање, а знаеме дека границата е блиску, но и за многу повеќе. Отворени се многу прашања и останува да се почека истражните органи да си ја завршат работата“, вели Ницовиќ за српски „Телеграф“.
Да потсетиме, потрагата по двегодишната Данка Илиќ влезе во четвртиот ден. Во потрагата од утрово се вклучени уште 18 пожарникари и кучето Зиги.
Багери вчера цел ден копаа и вадеа ѓубре и шут од куќата, а пред куќата каде што последен пат беше видена исчезнатата Данка по која трага цела Србија, пристигна тешка механизација, која ќе продолжи да работи денес за да се расчисти теренот.