Регион
Виена загрижена околу појавата на нова „источнобалканска“ бегалска рута
Договорот меѓу Европската унија (ЕУ) и Турција во Австрија беше дочекан со скептицизам, а истовремено Виена е загрижена од појавата на нови рути кои би можеле да бидат користени од страна на бегалците за да влезат во Унијата, пишува EurActiv.
Договорот ЕУ-Турција наиде на различни реакции во австриската влада, каде од една страна постојат малку сомневања околу потребата од овој договор, кој се смета како одговор на нестабилната состојба на Балканот. Од друга страна, пак, постои одреден степен на скептицизам кај владата на австрискиот канцелар Вернер Фајман околу тоа како договорот би можел да се имплементира.
Австрија, исто така, е загрижена поради договорот во однос на човековите права, а во интервју за австриските медиуми, австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер ја повикала Унијата одблиску да го следи враќањето на мигрантите од Грција во Турција и да проверува дали турските власти ги почитуваат човековите права на бегалците.
Во однос на договорот за визната либерализација за Турција, Австрија исто така побарала одреден клауза во договор според која мерките нема да важат доколку Анкара не го почитува договорот. И покрај договорот кој беше постигнат минатата недела, пак, експертите по безбедност и миграција очекуваат бегалците да бараат алтернативни рути.
И покрај постоечката блокада на западнобалканската рута, забележана е поголема активност во источен Балкан, вклучувајќи зголемен број на апсења и движења од страна на криумчарите со луѓе.
Микл-Лајтнер изјавила дека потенцијални 1.1 милион бегалци сега би можеле да се насочат кон тоа да ја користат Бугарија како транзит земја за да стигнат до централна Европа. Како резултат на ова, пак, веќе постојат дискусии околу тоа какви мерки би требало да се преземат за да се затвори потенцијалната источнобалканска рута.
Во Австрија дневно има 100 барања за азил, но поради тоа што западнобалканската рута е затворена, апликациите повеќе не се прават на границите, туку процесот се води внатре во земјата. Доколку продолжи овој тренд, тогаш договорената горна граница од 37,500 апликации за азил би можела да биде достигната до есен, додава EurActiv.
Микл-Лајтнер, исто така, додала дека нејзината земја би можела да воведе и дневен лимит на бегалци. Во меѓувреме, постојат уште 60 илјади апликации за азил кои треба да се процесираат во рок од седум месеци, а просечно секоја втора апликација за азил е одобрена од страна на австриските власти./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Завршено вештачењето на мобилниот телефон на мајката на Данка, биле бришени пораки и повици, објавија српските медиуми
Мобилниот телефон на мајката на Данка Илиќ бил испратен на вештачење по исчезнувањето на девојчето. Неофицијалните податоци говорат дека мајката избришала многу пораки и повици ден пред и на денот на исчезнувањето на Данка, објави српски „Блиц“.
Според неофицијални сознанија од истрагата, вештачењето на мобилниот телефон на Ивана Илиќ покажало дека се избришани многу пораки и податоци за повици, пишува српски „Информер“.
„На ден пред исчезнувањето и на денот на исчезнувањето на Данка Илиќ многу пораки и повици се избришани од телефонот. Ова го утврдиле инспекторите за високотехнолошки криминал. Пораките и повиците може да се избришат од телефонот, но да останат во базата на податоци“, рекол изворот.
Како што се дознава, пред исчезнувањето на Данка Илиќ мајката трипати го фотографирала детето од разни агли.
Да потсетиме, мајката на Данка Илиќ, Ивана, денеска повторно е во полициската станица во Бор, каде што е на распит за околностите на својата исчезната ќерка. Таткото помина на полиграфското тестирање.
Регион
„Клучот е кај родителите, тие мора да одговорат на едно прашање“, вели поранешен шеф на белградската полиција за случајот со исчезнувањето на Данка
Родителите се тие што имаат многу да објаснат. Прво, зошто чекаа да го пријават исчезнувањето? Колку што знам, чекаа два часа. Познато е дека кога ќе исчезне дете, веднаш се пријавува за да се реагира бргу, изјави Марко Ницовиќ, поранешен началник на белградската полиција, за „Телеграф.рс“.
Според Ницовиќ, полицијата оди во добра насока бидејќи ја проверува секоја педа од земјата, но се надеваат и дека темелно се проверуваат граничните премини бидејќи не ја исклучуваат можноста за киднапирање.
„Би можело да биде сè, не е исклучена никаква можност. Ако мајката рече дека го оставила девојчето на минута, го поставуваме прашањето каде би можело да оди двегодишното дете? Колку далеку, без мајка му да го најде? Второ, зошто чекаа два часа? Има простор и за киднапирање, а знаеме дека границата е блиску, но и за многу повеќе. Отворени се многу прашања и останува да се почека истражните органи да си ја завршат работата“, вели Ницовиќ за српски „Телеграф“.
Да потсетиме, потрагата по двегодишната Данка Илиќ влезе во четвртиот ден. Во потрагата од утрово се вклучени уште 18 пожарникари и кучето Зиги.
Багери вчера цел ден копаа и вадеа ѓубре и шут од куќата, а пред куќата каде што последен пат беше видена исчезнатата Данка по која трага цела Србија, пристигна тешка механизација, која ќе продолжи да работи денес за да се расчисти теренот.
Регион
Нов силен земјотрес ја погоди Грција: се стресе на Крит
Нов земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Грција, соопшти ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран на Крит, на 62 километра од Ираклион, на длабочина од 16 километри.
Земјотресот е регистриран во 12.37 часот по локално време.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
Грција утрово ја погоди силен земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала по што следеа афтершокови.