Регион
Во експлозија убиени четворица турски војници
Четворица турски војници се убиени а еден е ранет во експлозија на импровизирана експлозивна направа во југоисточната покраина Хакари, поставена од припадници на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), соопшти во неделата генералштабот на вооружените сили на Турција.
Според објавата што ја пренесуваат турските медиуми, инцидентот се случил во областа Шеминдли, во покраината Хакари, околу пладне во неделата, кога оклопното возило со војниците патролирало по автопатот Бејурду – Актутун.
Претходно во саботата најмалку две лиза загинаа, а уште десетина се ранети во експлозија на автомобил бомба поставена од курдските герилци во близина на полициски пункт по што започнала престрелка, во покраината Мардин, исто така, на доминантно курдскиот југоисток на Турција.
По неуспехот на мировните преговори меѓу турската влада и курдските бунтовници во обновените судири кои започнаа во јули 2015 година, загинале повеќе од 600 турски војници и полицајци. Турската армија тврди дека во истиот период во операциите на југоистокот на земјата и бомбардирањата на курдските позиции во северен Ирак се убиени околу 5.000 герилци.
Прокурдските политички партии во Турција предупредуваат дека во операциите на турските безбедносни сили се убиени и повеќе стотици цивили./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Босна и Херцеговина пронајдено петгодишно девојче од Германија, жртва на трговија со луѓе
Во автобус на граничниот премин Брод босанско-херцеговската полиција идентификувала петгодишно девојче од Германија, жртва на меѓународна трговија со луѓе, соопшти Обвинителството на БиХ.
„Обвинителот од Одделот за шверц и трговија со луѓе на Обвинителството на БиХ ги координира активностите во соработка со Службата за работи со странци на БиХ и Граничната полиција на БиХ, кои при контрола на стоки и патници на редовните автобуски линии на граничниот премин Брод открија и идентификуваа жртва на меѓународна трговија со луѓе“, велат од таму.
Девојчето патувало на редовна автобуска линија во придружба на странски државјанин. По наредба на обвинител, тој е приведен во Службата за странци на Босна и Херцеговина, а таа е сместена во безбедна куќа.
„Споменатото девојче се наоѓа во базата на лица по кои трагаат меѓународните институции, а обвинителот е во постојана комуникација со надлежното обвинителство и полицијата во Визбаден, Германија. Се преземаат активности за враќање на детето кај мајката“, велат од Обвинителството.
Регион
„Ова е стрес за сите, за детето што го носам“: сослушани родителите на малата Данка
Родителите на малата Данка (2), која исчезна на 26 април, Ивана и Милош, беа на распит во Обвинителството во Заечар.
Тие беа први сослушани со неколку сведоци, кои сè уште се во Окружното јавно обвинителство во Заечар.
„Овде сме од 8 часот. Разговарав со обвинителот од 8.15 до 11 часот. Кажав сè што се случи од тој ден“, изјави Ивана за „Информер“, која е во шестиот месец од бременоста и додаде:
„Сето ова е стресно за сите нас, за нашето постаро дете, за детето што го носам“, додаде таа.
По неа, и нејзиниот сопруг разговараше со обвинителката и, како што објасни, не може да опише како се чувствува.
„Не можев да видам кој седи зад мене. Не знам дали осомничените биле во истатапросторија. Не можам да опишам како се чувствувам“, изјави Милош.
Toj во изјава за „Телеграф.рс“ вели: Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме е неописливо. Тоа може да го разбере само родителот. Неколку пати ни дојде полиција, ѝ ги зеде работите на Данка, ништо не знаеме, ни за крвта на патот, ни во кола, ни ништо. Не разбираме зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, не навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе… Кога се ќе заврши, ќе излеземе на медиумите и ќе кажеме се“, изјави за Телеграф.рс Милош Илиќ, таткото на убиената Данка.
Регион
ОН расправаат за резолуцијата за Сребреница; Додик: Немаше геноцид
Претседателот и член на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, и Жељко Комшиќ, пристигнаа денеска во Њујорк за да лобираат во седиштето на Обединетите нации за прифаќање на резолуцијата што ќе ја потсети светската организација на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година, на што Србија остро се противи.
Претседателството на Босна и Херцеговина објави дека Беќировиќ и Комшиќ ќе разговараат со претставници на земјите членки на ОН како дел од напорите да се обезбеди мнозинска поддршка неопходна за усвојување на резолуцијата во Генералното собрание. Самото објавување на резолуцијата предизвика нови тензии во односите меѓу Сараево и Белград, но и во Босна и Херцеговина.
Нацрт-резолуцијата, чии формални предлагачи се Германија и Руанда, а спонзори се петнаесет други земји, меѓу кои и највлијателните западни земји, како САД, Велика Британија, Франција и Италија, ќе се разгледува денеска во седиштето на ОН зад затворени врати.
Формална одлука за негово прифаќање треба да следува на седницата на Генералното собрание најавена за 2 мај. Според работната верзија на резолуцијата што стигна до медиумите во Босна и Херцеговина, документот потсетува „на обемот на геноцидот во кој припадниците на војската и полицијата на босанските Срби убиле повеќе од осум илјади Бошњаци од Сребреница“.
Се повикува 11 јули да биде прогласен за меѓународен ден за сеќавање на жртвите на тоа злосторство, како и за изведување на преостанатите сторители пред лицето на правдата и санкционирање на оние што го негираат геноцидот.
Мисијата на Босна и Херцеговина во ОН на чело со Златко Лагумџија е активно вклучена во подготовките за усвојување на резолуцијата, што предизвика огорченост кај лидерите на босанските Срби предводени од Милорад Додик, но и кај српскиот претседател Александар Вучиќ, кој најави дипломатска офанзива на Белград, со цел да убеди што е можно поголем број членки на ОН да не гласаат за тој документ.
Додик: Геноцид не се случи
Додик рече дека усвојувањето на резолуцијата ќе биде повод Република Српска да се одвои од Босна и Херцеговина бидејќи, според него, Србите не сакаат да живеат со Бошњаците, кои ги прогласуваат за геноцидни луѓе. Тој го кажа ова и покрај тоа што во текстот на резолуцијата никаде не се споменува колективна вина, туку само укажува на одговорноста на лицата што ги извршиле злосторствата.
„Прво, геноцидот не се случи, да се случеше, немаше да продолжат да ја форсираат таа приказна“, изјави Додик вчера во Мостар, каде што беше во друштво на Вучиќ, кој му даде отворена поддршка за сè што кажува и прави.
Вучиќ се расправаше со новинарите, кои го потсетија дека во 2007 година Меѓународниот суд на правдата ја означи Србија како одговорна за необезбедување казни на сторителите на геноцидот со оглед на ефективната контрола што ја имаше врз војската на босанските Срби во 1995 година.