Регион
Во Грција уапсени членови на шпанско НВО осомничени за превезување имигранти
Грчките правосудни органи покренаа во четвртокот процес против пет лица спасувачи од една шпанска невладина организација се уапсени на острово Лезбос, осомничени дека учествувале во организирање превоз на имигранти.
Обвинителството петтемина спасувачи на море ги обвини за помагање при влегување на илегалните имигранти без документи. Тројца од нив се шпански, а двајца се дански државјани, пренесува агенцијата ANA. Во текот на претстојниот викенд истражен судија ќе ги испита припадниците на оваа група.
Групата на грчките власти има навела дека е поврзана со баскиската невладина организација за спасување на море DYA, која им помага на илјадниците имигранти кои во пренатрупаните чамци стигнуваат до Лезбос.
По доаѓањето на поголем број разни невладини организации последните месеци на овој грчки остров и поради недоволната координација меѓу нив и локалните власти, полицијата неодамна најави дека ќе почне систематски да ги регистрира поради поефикасното прифаќање на имигрантите.
Во североисточниот дел на Егејското Море, островот Лезбос, како и другите грчки острови во регионот, се првата станица на имигрантите од Блискиот исток и од Азија, кои се обидуваат да влезат на територијата на Европската унија, особено во богатите северни и западни земји.
Големо мнозинство од повеќе од милион бегалци и имигранти кои во 2015 година пристигнаа на европскиот континент, или околу 850.000, минале преку Грција од кои 816.000 дошле во неа по поморски пат. Според Меѓународната организација за миграции (IOM), околу 3.700 имигранти ги загубиле животите или исчезнале минатата година, а околу 800 од нив во обидот да го минат Егејското Море до Грција, и уште околу три илјади во Средоземното Море обидувајќи се од северноафриканските брегови да стигнат до Италија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.