Регион
Во Србија објавен првиот дел списокот лица поврзани со Panama papers
Белградската Мрежа за истражување криминал и корупција (КРИК) објави во вторникот неколку имиња на деловни луѓе од Србија, кои со посредство на панамската адвокатска канцеларија „Mossack Fonseca” основале офшор компании, а се очекува дека на списокот наскоро ќе бидат додадени нови имиња.
На списокот главно се наоѓаат лица од српската бизнис заедница, иако неколку имиња се доведуваат во поврзаност со сегашни и поранешни политичари од тамошната политичка сцена.
Како што наведуваат од КРИК, услугите на „Mossack Fonseca” ги користеле меѓу другите и Миодраг Костич, сопственик на деловен конгломерат кој го сочинуваат шеќерани, земјоделски претпријатија и хотели, потоа трговците со електрична енергија Вик Хамовиќ и Воин Лазаревиќ, и бизнсисменот Зоран Дракулиќ.
На списокот е и Владимир Делиќ, за кој КРИК го претставува како „семеен пријател и деловен партнер“ на Синиша Мали, актуелен градоначалник на Белград и близок соработник на српскиот премиер Александар Вучиќ.
Во врска со канцеларијата „Mossack Fonseca” се доведува и ткн „српски крал на бакарот“ Милан Поповиќ, поранешниот сопруг на балканската поп ѕвезда Северина Вучковиќ, потоа светски познатата белградска модна креаторка Роксанда Иличиќ, фудбалерот Дарко Ковачевиќ.
Во списокот е наведено и името на Срѓан Шапер, сопственик на „Медиапол“, една од водечките српски маркетинг агенции и поранешен советник на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ. На Шапер му се припишува трансфер, преку офшор компанија, на околу 3 милиона евра заработени од продажба на простор и време за огласување во српските медиуми, особено во телевизиите со национални концесии – јавниот сервис Радио-телевизија Србија (РТС) – и телевизијата Пинк//
Меѓу корисниците на парагвајската адвокатска агенција, според наводите на КРИК, е сопругата на тајкунот Мирослав Мипковиќ, Лилјана Мишковиќ, и помалку познати за пошироката јавност пилоти на поранешната воздухопловна компанија ЈАТ, Слободан Стричевиќ, Ѓорѓе Јовановиќ и Владимир Бањац, градежен инженер Зоран Флориќ/
Еден од најбогатите српски бизнисмени, Филип Цептер, според податоците коишто ги пренесува КРИК, соработувал со наводно „сомнителен“ адвокат и трговец со нафта Ален Бјонд од Швајцарија, кој се доведува во поврзаност со манипулации со нафта во Ирак. Тој, како што тврдат во КРИК, бил во контакт со агент на „Mossack Fonseca” за во даночните раеви да отвора офшор компании за Цептер, но бил и директор во некои фирми на Цептер.
КРИК наведува дека самото поседување на офшор компанија не значи и дека сопственикот или посредникот се вклучени во незаконски дејствија, но тие компании во даночните оази може да се користат за избегнување на плаќањето даноци, прикривање на вистинската сопственост и за перење пари.
Се очекува дека мрежата КРИК наскоро ќе објави список со нови имиња на личности од Србија кои се дел од списокот на аферата Panama papers, а според неофицијалните сознанија, на таа листа би можеле да се најдат стотина имиња бидејќи не се наведени лица за чиишто сомнителни деловни ангажмани, српските медиуми пишуваа со години наназад./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.