Регион
Во судирот со мигрантите повредени 20 унгарски полицајци и две деца
Дваесет унгарски полицајци и две деца се повредени во средата на унгарската граница со Србија во судирот кој избувна откако група демонстранти се обиде да ја пробие жичената ограда а потоа почна да гаѓа со камења и стапови, соопшти советникот на премиерот за безбедност Ѓерѓи Баконди.
„Засега имаме дваесет повредени, а итната помош штотуку одвезе две деца во болница, кои се повредени откако се фрлени преку заштитната ограда. Дефинитивно ќе ја обновиме и зајакнеме оградата за со сите дозволени средства да ја заштитиме безбедноста на Унгарија“, изјави Баконди за јавната телевизија.
Портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач повтори дека полицијата нема да дозволи никој од мигрантите да се пробие на унгарската територија, додавајќи дека српските власти по прашањето на мигрантите во средата не сакале да разговараат.
Репортерот на Reuters јавува дека официјален Белград го осудил постапувањето на унгарската полиција, којашто во сузбивањето на безредијата на својата граница, откако нејзините полицајци беа гаѓани со камења, употреби солзавец и водени топови, истакнувајќи дека тоа е сторено и на територијата на Србија, порачувајќи дека Унгарија нема право тоа да го прави.
„Најстрого протестирам, бидејќи тоа е сторено преку граничната линија, а тоа ниту една држава нема право да го прави“, изјави Александар Вулин, министер во српската влада задолжен за прашањето на мигрантите.
Додаде дека Србија веќе предупредувала дека е можно да дојде до ваква ситуација, имајќи предвид дека голем број луѓе се сместени на мал простор, а немаат можност да го задоволат ниту најосновните потреби, ниту да побараат азил.
Според унгарската полиција, на границата во моментов има околу пет илјади бегалци а претходно неколку илјади бегалци и мигранти од африкански и азиски земји, а најмногу од Блискиот исток дојдоа низ Србија до унгарската граница и го растурија кампот за прифаќање на неутрална територија на граничниот премин Хоргош-Реске.
Според последните информации, Унгарија на местото на судирот на границата упатила три воени оклопни возила вооружени со митралези, јавуваат медиумите./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.