Регион
Во Турција апсења на интелектуалците кои потпишаа петиција за мир
Турската полиција уапсила во петокот интелектуалци, потписници на петицијата со којашто се бара прекин на контроверзните безбедносни операции против курдските герилци, што го предизвика гневот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, оценува AFP.
По наредба на обвинителството на покраината Коџаели, 21 универзитетски работник е приведен а 12 од нив се притворени, сите потписници на повикот до турските власти да се прекине со насилствата во југоистокот на земјата, пренесе агенцијата Anadolu.
Потписниците на петицијата се обвинуваат за „јавно омаловажување на турскиот народ, државата, владата, парламентот, судот“ и за „пропаганда на терористичка организација“.
Речиси 1.200 лица ја потпишаа во понеделникот „иницијативата на универзитетските работници за мир“, барајќи прекинување на интервенцијата на турските безбедносни сили против приврзаниците на забранетата Работничка партија на Курдистан (РКК) во мнозински курдскиот југоисток на земјата.
Во текстот насловен „Нема да нé поврзуваат со злосторство“, потписниците го осудуваат „намерниот и планиран масакр со кој се кршат турските закони и меѓународните договори чиј потписник е Турција“.
Петицијата, којашто ја потпишаа и странски интелектуалци, како, на пример, американскиот лингвист Ноам Чомски, географот Дејвид Харви, социологот Имануел Волерстин и др, предизвика бес кај турската влада.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги нарече „незнајковци“ научниците кои ја потпишаа петицијата, а Врховниот совет за образование на Турција објави дека ќе преземе мерки против професорите кои го ставиле својот потпис под неа.
Турските власти во декември прогласија полициски час во голем број курдски региони во југоисточните делови на земјата, посебно во областа Сур, градовите Дијарбекир, Чизре и Силопи во покраината Ширнак, како и во Нусајбин и Даргелит во покраината Мардин, каде што дојде до улични судири меѓу турските безбедносни сили и курдски герилци.
Турската невладина организација за човекови права соопшти дека 162 цивили се убиени во областите во коишто се спроведува антитерористичката операција, од 16-ти август 2015 година./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.