Регион
Вонредна седница на владата на Србија по нападот врз премиерот Вучиќ
Во Белград во попладневните часови во саботата започна вонредната седница на владата на Србија по повод денешниот напад врз премиерот Александар Вучиќ на комеморацијата на жртвите од Сребреница во комплексот во Поточари, по коешто се очекува обраќање на премиерот во јавноста.
Истовремено непрекинато веќе неколку часа трае и специјалната емисија на јавниот сервис Радио-телевизија Србија (РТС) во која бројни аналитичари ја коментираат и оценуваат ситуацијата предизвикана со нападот врз српскиот премиер Александар Вучиќ во Поточари. Притоа доминираат оцените дека тоа е резултат од претходните денови многу засилените тензии во контекстот на подготовката на британската резолуција за Сребреница во Советот за безбедност на ОН, со која масакрот извршен од силите на босанските Срби треба да биде квалификуван како геноцид, како и дека ситуацијата треба да се смири со чувство за одговорност за мир и помирување во регионот.
Српскиот премиер Александар Вучиќ во саботата беше нападнат во текот на комеморацијата на жртвите од Сребреница, поради што под силно обезбедување вклучително и на припадници на полицијата на ентитетот Република Српска беше евакуиран кон границата со Србија. Белградските медиуми и министерството за внатрешни работи на Република Српска наведуваат дека во нападот со камења, шишиња и други предмети од страна на голема група народ, Вучиќ бил погоден во главата и му биле скршени очилата, но другите медиуми не известуваат дека српскиот премиер бил удрен или погоден со предмет.
Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека станува збор за „уште една негативна последица од политизирањето на оваа тема која доведе до нови поделби и омрази наместо помирување“.
Министерот на српската полиција, Небојша Стефановиќ, пак, нападот го квалификуваше како „обид за убиство“. Најави дека Србија ќе упати најостар протест до властите на Босна и Херцеговина „поради скандалозниот чин и гаѓањето со камења на делегацијата од Србија“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Атина прекриена со сахарска прашина, нереални сцени во градот
Атина и јужните делови на земјата повторно беа обвиени со сахарска прашина, со нијанси на жолта и портокалова боја што создава нереална атмосфера во градот.
Облаци од прашина, пренесени преку Средоземното Море од Северна Африка, го обвиле Акропол и другите знаменитости на Атина, пишува „АП“.
Силните јужни ветрови носеа прашина од Сахара, па во последните часови од денот грчката престолнина изгледаше како да е користен филтер за фотографирање, пренесува Euronews.
🚨🇬🇷
HAPPENING NOW
The sky is totally orange over Athens, Greece
— Alex Barnicoat (@mrbarnicoat) April 23, 2024
Во среда се прогнозира разведрување на небото со поместување на ветровите и поместување на прашината и опаѓање на температурите.
Дневниот максимум во делови од јужниот остров Крит надмина 30 степени Целзиусови, повеќе од 20 степени Целзиусови над она што беше забележано во поголемиот дел од северна Грција.
Корисниците на социјалната мрежа Икс објавија видеа од необична „портокалова“ појава од територијата на цела Атина.
Веста за Атина во „портокалово“ многу брзо се прошири низ светските медиуми, а видеата ги споделија и профили на социјалните мрежи кои се занимаваат со глобални актуелни вести.
Регион
Убиен работник од Украина во Славонски Брод
Во центарот на Славонски Брод во попладневните часови е пронајдено машко тело.
Полициската управа Брод-Посавина соопшти дека е приведено едно лице поврзано со инцидентот.
Се работи за млад градежен работник од Украина. Конфликт се случил во стан во центарот на градот каде што биле сместени работниците (родени во 90-тите).
Полицијата соопшти дека телото на мажот е пронајдено во куќата околу 15:17 часот и дека се води истрага, а потоа и кривична истрага која треба да ги расветли сите околности.
Регион
Таткото на осомничениот за убиството на Данка Илиќ го откажал полномошното на адвокатот
Небојша Живановиќ, адвокатот на Радослав Д., таткото на Дејан Д., кој е осомничен за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, за Танјуг изјави дека неговиот клиент го откажал полномошното.
Радослав Д. е осомничен дека му помогнал на својот син да го премести телото на девојчето од депонијата на засега непозната локација.
Со оглед на тоа што го откажал полномошното на избраниот бранител, сега треба да му се определи бранител по службена должност на Радослав Д.
Биолошкиот брат на осомничениот Дејан Д., Далибор Д., почина на 7 април во Полициската станица во Бор, каде беше осомничен дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на двегодишното девојче.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детални проверки и информации ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобил, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот на автомобилот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето се уште не е пронајдено.