Регион
Вучиќ: Србија се гади од оние кои учествуваа во злосторот во Сребреница
Српскиот премиер Александар Вучиќ, во пресрет на заминувањето на комеморацијата во Поточари, изјавил дека Србија јасно и недвосмислено го осудува „ужасното“ злосторство во Сребреница и дека се гади од оние кои учествувале во него, пренесуваат српските медиуми.
„Поминаа дваесет години од стравичното злосторство кое се случи во Сребреница. Не постојат зборови кои би можеле да ги изразат жалоста и тагата за настраданите, како и без огорчување кон оние кои го извршија тоа монструозно злосторство. Србија, јасно и недвосмислено го осудува тоа ужасно злосторство, се гади од оние кои учествуваа во него и ќе продолжи да ги изнесува пред лицето на правдата“, навел српскиот премиер во писмо до јавноста по повод 20-годишнината од злосторството во Сребреница.
Српскиот премиер истакнал дека има обврска да се поклони пред жртвите од Сребреница и дека тоа е чин со кој „земјата се определува кон иднината“.
„А таа наша заедничка иднина, никако не може да биде жртвувана поради какви и да се лични или национални себичности. Тоа не смее да се случи покрај толку многу гробови. Одлуката за тоа јас како претседател на српската влада да одам во Сребреница е многу повеќе од политика и многу повеќе од какви и да се политички игра, и од ставови и притисоци за јас да одам, но и за јас да не одам“, рекол Вучиќ.
Според него, Србија и нејзината влада, поради иднината сакаат заедно да живеат и работат со Бошњаците.
„Ние сакаме да почнеме да си веруваме едни на други. Сакам, во име на Србија и на сите нас, и тоа најискрено, да имаме иднина, и сметам дека тоа денес е и најмногу што можеме да направиме за сето несреќно минато. Мојата рака е подадена и така и ќе остане, без никаква политика и оглед на евентуална казна или награда. Тоа е мојата должност и моја света обврска и пред оние кои страдаа и пред оние кои доаѓаат на нивното места за да живеат. На едните нека им е вечна слава, а на другите вечер мир. Се помалку од тоа, би било на вреда за сите наши жртви“, се наведува во писмото на српскиот премиер./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Завршено вештачењето на мобилниот телефон на мајката на Данка, биле бришени пораки и повици, објавија српските медиуми
Мобилниот телефон на мајката на Данка Илиќ бил испратен на вештачење по исчезнувањето на девојчето. Неофицијалните податоци говорат дека мајката избришала многу пораки и повици ден пред и на денот на исчезнувањето на Данка, објави српски „Блиц“.
Според неофицијални сознанија од истрагата, вештачењето на мобилниот телефон на Ивана Илиќ покажало дека се избришани многу пораки и податоци за повици, пишува српски „Информер“.
„На ден пред исчезнувањето и на денот на исчезнувањето на Данка Илиќ многу пораки и повици се избришани од телефонот. Ова го утврдиле инспекторите за високотехнолошки криминал. Пораките и повиците може да се избришат од телефонот, но да останат во базата на податоци“, рекол изворот.
Како што се дознава, пред исчезнувањето на Данка Илиќ мајката трипати го фотографирала детето од разни агли.
Да потсетиме, мајката на Данка Илиќ, Ивана, денеска повторно е во полициската станица во Бор, каде што е на распит за околностите на својата исчезната ќерка. Таткото помина на полиграфското тестирање.
Регион
„Клучот е кај родителите, тие мора да одговорат на едно прашање“, вели поранешен шеф на белградската полиција за случајот со исчезнувањето на Данка
Родителите се тие што имаат многу да објаснат. Прво, зошто чекаа да го пријават исчезнувањето? Колку што знам, чекаа два часа. Познато е дека кога ќе исчезне дете, веднаш се пријавува за да се реагира бргу, изјави Марко Ницовиќ, поранешен началник на белградската полиција, за „Телеграф.рс“.
Според Ницовиќ, полицијата оди во добра насока бидејќи ја проверува секоја педа од земјата, но се надеваат и дека темелно се проверуваат граничните премини бидејќи не ја исклучуваат можноста за киднапирање.
„Би можело да биде сè, не е исклучена никаква можност. Ако мајката рече дека го оставила девојчето на минута, го поставуваме прашањето каде би можело да оди двегодишното дете? Колку далеку, без мајка му да го најде? Второ, зошто чекаа два часа? Има простор и за киднапирање, а знаеме дека границата е блиску, но и за многу повеќе. Отворени се многу прашања и останува да се почека истражните органи да си ја завршат работата“, вели Ницовиќ за српски „Телеграф“.
Да потсетиме, потрагата по двегодишната Данка Илиќ влезе во четвртиот ден. Во потрагата од утрово се вклучени уште 18 пожарникари и кучето Зиги.
Багери вчера цел ден копаа и вадеа ѓубре и шут од куќата, а пред куќата каде што последен пат беше видена исчезнатата Данка по која трага цела Србија, пристигна тешка механизација, која ќе продолжи да работи денес за да се расчисти теренот.
Регион
Нов силен земјотрес ја погоди Грција: се стресе на Крит
Нов земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Грција, соопшти ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран на Крит, на 62 километра од Ираклион, на длабочина од 16 километри.
Земјотресот е регистриран во 12.37 часот по локално време.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
Грција утрово ја погоди силен земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала по што следеа афтершокови.