Регион
Вучиќ за апсењето на Харадинај: Се случуваат чудни работи
Српскиот премиер Александар Вучиќ, коментирајќи го апсењето на поранешниот командант на ОВК Рамуш Харадинај во Словенија изјави дека „се случуваат чудни работи“, пренесуваат српските медиуми.
Вучиќ за Б92 изјавил дека по којзнае кој пат Харадинај патува со тој дипломатски пасош, а дека сега, неколку дена пред преговорите во Брисел, тој е уапсен.
„Очигледно е дека ќе има притисок врз Србија, но ние сме во состојба тоа да го издржиме. Одиме во Брисел да се договориме, но дали тоа ќе го постигнеме, ќе видиме, бидејќи за танго се потребни двајца“, рекол српскиот премиер.
„Ни останува само таа голема загриженост за да ја зачуваме стабилноста, затоа не смееме да реагираме нестрпливо, но ниту да дозволиме некој да нé понижува и гази“, додава Вучиќ.
„Ние не одговараме жестоко, не одговаравме со тешки зборови, ниту на ова што се случи со подигнувањето на ѕидот, ниту на ова со забрзаните апсења секаде низ Европа. Иако секогаш сум бил противник на теориите на заговор, сето тоа подигнување на политичките страсти во нашата земја се случува пред доаѓањето на госпоѓата Меркел, пред косовскиот дијалог, пред Сребреница и одлуката на ММФ. Верувам дека сето тоа ќе го издржиме и ќе зачуваме стабилноста“, вели српскиот премиер.
Коментирајќи ги најавите на Унгарија дека ќе подигне ѕид на границата со Србија, Вучиќ изјави дека не знае како да го протолкува тоа.
„Не знам како да го толкувам тоа, не гледам дека решението е подигнувањето на ѕид или ограда. Мора да го прашам мојот пријател Орбан за што се работи. Тие луѓе не влегуваат директно од Србија, тие претходно поминале низ многу држави. Ние немаме никаква вина, ние сме транзит земја. Никој во Европа не говори дека ние сме виновни за нешто. Ние ги храниме тие илјадници луѓе кои се наоѓаат во нашата земја како што наложува и меѓународното право. Не знам за што се работи, за ништо не сме виновни и наеднаш ете ѕид кон Србија. Но ќе најдеме начин да реагираме достоинствено, одговорно, сериозно и никого да не навредиме“, објаснува Вучиќ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.