Регион
Загина момче на фестивалот Егзит во Нови Сад
Дваесетедногодишно момче загинало околу полноќ кон саботата на просторот на Петроварадинската тврдина во војводинскиот административен центар Нови Сад, каде што се одржува познатиот музички фестивал Егзит, објавија во сабота српските медиуми, a министерот за внатрешни работи изјави дека девет лица биле уапсени за употреба на наркотици.
Според локалните медиуми, момчето по излегувањето од фестивалот се упатило кон Каменичкиот пат, а несреќата се случила кога се обидело да прескокне еден од бедемите на старата Петроварадинска тврдина.
„По доаѓањето на местото на несреќата, нашата лекарска екипа, за жал, можеше да констатира само смрт на едно младо машко лице како последица на пад од бедемот“, изјавила за агенцијата Танјуг, портпаролката на Брзата помош, Мирјана Бурсаќ.
Според соопштението на Егзит фестивалот, сé уште не се познати сите околности на трагедијата. Ниту полицијата, ниту организаторите засега не го соопштуваат идентитетот на жртвата.
„Судејќи според времето на влегување, момчето многу кусо се задржало на Егзит и откако излегло од фестивалската капија се упатило надвор од фестивалскиот простор кон Каменички пат. Во тек е истрагата и уште не се познати причините за прескокнување на оградата над бедемот и другите околности на оваа несреќа која се случи на пат покрај Егзит фестивалот“, се наведува во соопштението на организаторите.
Според новосадските медиуми, екипите на Заводот за инта медицинска помош во Нови Сад на Петроварадинската тврдина на вториот ден од фестивалот интервенирале вкупно 79 пати. „Од 79-те интервенции во 76 случаи нашите екипи проблемот го решавале на самото место, а тројца пациенти се упатени на натамошна дијагностика во Ургентниот центар“, рече Бурсаќ. Според неа, главно станувало збор за главоболки, алергиски реакции и повреди.
Оваа трагедија потсетува на сличната несреќа од јули 2008 година кога на истиот фестивал по невреме од паѓање на гранка во кампот на Егзит загина една белграѓанка а тешко беа повредени момче и девојка од Македонија. Случен случај како сегашниот, пак, имаше во 2009 година кога исто така од бедемот падна и загина млад Британец.
Во саботата српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави за медиумите дека во петокот на Егзит присуствувале 30 илјади луѓе, оти немало посериозни инциденти, бидејќи се преземени сите мерки да се осигури безбедноста, а само девет лица биле приведени поради злоупотреба на наркотици./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.