Регион
Зголемен притисокот од илегалните имигранти на границата на Србија со Бугарија
На источниот дел од границата на Србија со Бугарија, во областите околу Неготино и Димитровград, во последните две седмици пораснал притисокот за нелегално влегување на имигрантите во Србија, изјави во четвртокот портпаролот на заедничките сили на српската војска и полицијата чиишто патроли се ангажирани на границите со Македонија и со Бугарија.
„Имигрантите на сите начини се обидуваат илегално да влезат во Србија, користејќи ги шумите и непристапните предели за каде што мислат дека нашите патроли нема да ги забележат. Секојдневно ја менуваме тактиката за да можеме да ги спречиме во тоа“, изјави за Радио-телевизија Србија претставникот на заедничките сили на војската и полицијата на Србија, Јован Кривокапиќ.
Српската војска и полицијата од 22-ри јуни, со одлука на владата, се ангажирани во секојдневни патроли и по длабочина на територијата долж границата со Македонија и со Бугарија, од каде што е најголем притисокот на имигрантите кои настојуваат илегално да влезат во Србија и да одат натаму, преку Унгарија и Хрватска, во западните земји од Европската унија.
Кривокапиќ соопшти дека од средината на јуни до средината на септември се откриени околу 7.500 луѓе кои се обиделе илегално да влезат на територијата на Србија, а спречувајќи ги во тоа прекинати се и неколку канали за криумчарење луѓе, што, според него е „еден од приоритетите на заедничките сили на војската и полицијата“. „Изминатата ноќ е фатена една група од 50 имигранти со криумчар, државјанин на Србија од Врањска Бања“, изјави Кривокапиќ.
Одговарајќи на прашањето дали подигнувањето на ограда на границите би можело да биде едно од решенијата за спречување на илегалните имигранти, Кривокапиќ одговори дека таквата одлука може да ја донесат државните органи,а обврската на заедничките сили на војската и полицијата е одлуките на државата да ги спроведат на терен.
Сите имигранти коишто не се откажуваат од влегувањето во Србија се сместуваат во центрите за прифаќање и се подвргнати на натамошна процедура според меѓународните прописи и конвенции, рече српскиот министер за труд и социјална грижа, Александар Вулин. Тој претходно рече дека Србија би можела да презема порадикални мерки во спречувањето на илегалната миграција, особено бидејќи во последниот период станувало збор за економски имигранти од Пакистан и од Авганистан.
Вулин вели дека е време да му предложи на премиерот „некои подрастични мерки“, имајќи предвид дека структурата на имигрантите се променила, како и дека меѓу сé повеќе има економски имигранти. „Имаме војска и полиција на границите, но можеби и бариерите и поставувањето на одредени препреки е едно од решенијата за да се намали бројот на имигрантите … Економските имигранти не можат да идат никаде во Европа, па тогаш не можат да останат ниту во Србија“, порача Вулин.
Мигрантската криза беше една од темите на состанокот на премиерот на Унгарија, Бугарија и Србија, Виктор Обран, Бојко Борисов и Александар Вучиќ пред два дена во бугарскиот црноморски град Бургас. Тие, како што рече Вулин, разговарале за „моменталниот статус на мигрантската криза и особено внимание му посветиле на променетата структура на имигрантите“, а изразиле и голема загриженост од тоа што мигрантската и бегалската криза не завршуваат./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.