Свет
Рубио: Не бараме помош од Кина, нивната помош не ни е потребна
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, порача дека на САД не им е потребна помош од Кина во врска со Иран.
Сепак, тој истакна дека американскиот претседател, Доналд Трамп и кинескиот лидер, Ши Џинпинг, пронашле „заеднички јазик“ околу прашањето за Ормускиот Теснец.
„Не бараме помош од Кина. Нивната помош не ни е потребна“, изјавил Рубио за „Ен-Би-Си“.
Тој додал дека двете страни се согласиле во противењето на развојот на нуклеарно оружје од страна на Иран и дека делат загриженост за тој исклучително важен поморски премин, пишува „Ал Џезира“.
„Кинеската страна порача дека се противи на милитаризацијата на Ормускиот Теснец, како и на воведување наплата за премин, а тоа е и наш став“, изјавил Рубио.
Рубио воедно го предупреди Техеран да не се обидува да ги искористи поделбите во американската политика за да влијае врз преговорите со Вашингтон.
„Претседателот јасно порачува: ако Иранците мислат дека ќе ја искористат нашата внатрешна политика за да го принудат на лош договор, тоа нема да се случи“, изјавил Рубио.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Унгарскиот парламент изгласа уставни измени: Орбан повеќе не може да стане премиер
Унгарскиот парламент денеска усвои уставен амандман со кој се ограничува мандатот на премиерите на најмногу осум години, со што на поранешниот премиер Виктор Орбан практично му се оневозможува повторно да ја извршува оваа функција.
Премиерот Петер Маѓар го порази Орбан на изборите во април, ставајќи крај на неговото 16-годишно владеење. Партијата на Маѓар освои двотретинско мнозинство во парламентот, што ѝ овозможува да менува или укинува закони донесени од партијата Фидес, вклучително и Уставот.
Според усвоениот амандман, секое лице кое претходно извршувало функција премиер најмалку осум години повеќе нема да може да биде избрано на таа функција. Одредбата се однесува на премиерските мандати по 2 мај 1990 година.
Со измените се воведува и општо ограничување според кое премиерите ќе мора да ја напуштат функцијата по вкупно осум години, односно по два мандата.
Уставниот амандман, исто така, отвора можност за распуштање на Канцеларијата за заштита на суверенитетот, институција формирана за време на владата на Орбан. Критичарите тврдеа дека ова тело ги стигматизирало опозициските личности и новинарите обвинувајќи ги дека им служат на странски интереси.
Дополнително, со измените на државата ѝ се враќаат основачките права врз таканаречените фондации за управување со имот од јавен интерес. Владата на Орбан претходно на овие фондации им пренесе државен имот вреден стотици милијарди форинти.
Свет
И САД и Иран потврдија: Бродовите повторно пловат низ Ормускиот Теснец
По објавувањето на рамковниот договор меѓу САД и Иран за завршување на конфликтот, пристигнуваат и првите знаци на смирување на состојбата на теренот. Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека бродовите повторно почнале да се движат низ Ормускиот Теснец.
Според анализа на BBC Verify врз основа на поморски податоци, поголем број пловила во моментов се обидуваат да го минат овој стратешки важен морски премин.
Обновувањето на сообраќајот следува откако американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека компаниите во почетниот период нема да плаќаат надоместоци за пловидба низ теснецот. Во исто време, Техеран соопшти дека заедно со Оман презема мерки за безбедна навигација на бродовите.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека САД со договорот се обврзале на укинување на економските санкции кон Иран и учество во обновата на земјата.
Додека финансиските пазари позитивно реагираат на договорот, состојбата во Либан останува тензична. Според локални медиуми, едно лице загинало во напад во јужниот дел на земјата, а Израел засега не го коментира инцидентот. Израелски пратеник за BBC изјавил дека земјата ќе ја задржи својата воена присутност во Либан.
Свет
Иран бара договорот со САД да биде потврден со резолуција на Советот за безбедност на ОН
Иран ќе бара конечниот договор со САД, вклучително и делот што се однесува на нуклеарната програма, да биде поддржан со резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека Техеран очекува договорот да добие поддршка од Советот за безбедност во рок од 60 дена по неговото потпишување.
Во меѓувреме, САД и Иран продолжуваат со преговорите за деталите од договорот, меѓу кои е и режимот на пловидба низ Ормутскиот Теснец. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека Вашингтон очекува теснецот долгорочно да биде отворен без транзитни такси, но додаде дека тоа прашање ќе биде предмет на технички преговори.
Од Техеран повторија дека нема да наплаќаат транзитни такси, туку надоместоци за услуги како навигација, заштита на животната средина и осигурување на бродови.
Според претходни информации, нацрт-договорот предвидува повторно отворање на Ормутскиот Теснец, укинување на американската блокада на иранските пристаништа и продолжување на примирјето, додека разговорите за иранската нуклеарна програма би продолжиле во дополнителен рок од 60 дена.
