Свет
Русија започнува со тестирање на нуклеарни ракети
Тест лансирања на нуклеарни ракети започнаа денес на полигонот Кура во рускиот регион Камчатка, објави „Анадолу“. Вежбите ќе траат до 10 мај, соопшти регионалната влада.
Регионалните власти ги повикаа жителите строго да ги почитуваат безбедносните мерки и да не го посетуваат полигонот или околните области за време на вежбите.
„Присуството и движењето на луѓе и каква било опрема е забрането“, се вели во соопштението.
Полигонот Кура е еден од клучните објекти под администрација на Руските воздухопловни сили. Се наоѓа околу 500 километри северно од Петропавловск-Камчатски, во мочурлива област покрај реката Озернаја.
Објектот се користи за вежбање на ракетни цели и тестирање на разни видови ракетно оружје.
Уште од советската ера, со децении служи како место за прием на боеви глави за интерконтинентални балистички ракети лансирани од други полигони за тестирање, вклучувајќи го космодромот Плесецк и полигонот Капустин Јар.
Вежбите на полигонот Кура се одржуваат редовно, обично неколку пати годишно. Тие може да вклучуваат планирани тестови на нови ракетни системи, како и обука за борбени лансирања спроведени од персоналот на Руските стратешки ракетни сили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Нигерија киднапирани 42 ученици
Сенаторот на нигерискиот округ Борно југ, Али Ндуме изјави дека денеска се киднапирани 42 ученици, од кои 32 деца биле одведени од училиштето, а другите 10 од нивните домови, кои се наоѓаат во близина на училиштето.
Вооружени мажи вчера киднапираа непознат број на ученици од основно и средно училиште во локалната самоуправа Аскира-Уба за време на настава.
Ниту една група нема преземено одговорност за вчерашното и денешното киднапирање на ученици. Исламистичката милитантна група Боко Харам во минатото извршуваше слични киднапирања.
Борно граничи со Камерун, Чад и Нигер и е центар на Боко Харам повеќе од 15 години. Во округот Борно југ во 2014 година Боко Харам киднапира повеќе од 270 девојчиња.
Според податоци на Обединети нации, Боко Харам изминатите 10,5 години уби неколку илјади луѓе, а расели милиони луѓе. Групата продолжува со своите акции во делови од Камерун, Чад и Нигер.
Боко Харам, што на арапски јазик значи Луѓе посветени на ширење на учењето на пророкот и светата борба, е формирана во 2002 година во Нигерија, за подоцна да се прошири низ соседните држави.
Организацијата преку се бори за воведување на шеријат. Боко Харам е против западното образование, западната култура, современата наука, а исто така е против организирање избори.
Американскиот и нигерискиот претседател Доналд Трамп и Бола Тинуба изјавија дека утрово е убиен вториот командант на Исламска држава на глобално ниво Абу-Билал ел Минуки.
Регион
Се запали автобус во близина на патарината Отовица, патниците спасуваа жива глава
Попладнево на автопатот Велес–Скопје, автобус со прилепски регистарски таблички се запалил во близина на наплатната станица Отовица. Сите патници навреме го напуштиле автобусот и нема повредени.
Веднаш по пријавата на терен пристигнале екипи на Територијалната противпожарна единица, како и полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес.
Според информациите дадени досега, пожарот избувнал додека автобусот се движел по автопатот, а причините за инцидентот засега не се познати. Надлежните служби работат на целосно локализирање на пожарот и расчистување на местото.
Од Авто мото сојузот информираа дека од 17.25 часот, патниот правец А1 Велес-Скопје од Патарина Отовица се одвива по една лента поради гаснење на автобусот.
Свет
Авионска несреќа во Германија: Летало се урна во станбена зона, загинаа две лица
Две лица загинаа кога мал авион се урна во станбена зона во германскиот град Лимбургерхоф, јужно од Манхајм. Според медиумските извештаи, леталото експлодирало во воздух, а делови паднале врз куќите кои биле во близина.
Портпаролот на полицијата Торстен Мишлер изјави дека според досегашната истрага, двајцата патници во авионот загинале во несреќата, пренесува „Билд“.
Според германските медиуми, уште едно лице е повредено, додека бројни делови од леталото паднале во станбената зона по експлозијата на авионот во воздух.
Несреќата се случила околу 11:30 часот, а сведоци изјавиле дека авионот пред падот закачил една куќа.
Полицијата соопшти дека на терен се ангажирани бројни екипи на итните служби и дека подрачјето околу местото на несреќата е обезбедено.
Причината за падот на леталото засега не е позната, а истрагата е во тек.
