Свет
Синот на последниот шах на Иран: Нејасните пораки на ЕУ за Иран можат да имаат последици
Синот на последниот шах на Иран, Мохамед Реза Пахлави, кој живее во егзил во Соединетите Американски Држави, Реза Пахлави, денес оцени дека по американско-израелските напади на крајот на февруари, Европската Унија испратила нејасни пораки за Иран, кои би можеле да се претворат во соучество.
Во интервју за „Еурактив“, во пресрет на состаноците во Берлин со членовите на Комитетот за надворешни работи на Бундестагот, Пахлави ја критикуваше, како што изјави, неодлучноста на Европската Унија да заземе појасен став кон Техеран.
Тој рече дека неутралноста има последици и дека во одредени историски моменти претпазливоста престанува да биде разумност и станува соучество.
Пахлави ги обвини европските влади дека се под притисок од Техеран преку политики и закани за земање заложници, велејќи дека европските влади станале заложници на сопствените заложници.
Тој ја повика ЕУ да се откаже од својата политика на смирување, да размисли за протерување на иранските амбасадори и да не признава политички договори што би ја зачувале моќта на Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп за Иран: Се’ е потпишано, многу сум среќен
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е потпишан договор со Иран со кој се предвидува целосно отворање на стратешки важниот Ормуски теснец за меѓународната пловидба.
„Многу сум среќен што можам да го кажам ова: Договорот е целосно потпишан. А теснецот, како што знаете, е веќе делумно отворен“, изјави Трамп пред новинарите веднаш по пристигнувањето во Евијан, Франција.
„Во петок ќе биде целосно отворен.“
Според најавите, официјалната церемонија ќе се одржи в петок во Женева, а во име на САД ќе присуствува потпретседателот Џеј Ди Венс.
Со овој договор се продолжува примирјето во траење од 60 дена, во текот на кои треба да се решат најспорните прашања, вклучително и иднината на иранската нуклеарна програма. Трамп нагласи дека евентуалното ублажување на санкциите кон Техеран ќе зависи од натамошното однесување на иранските власти. Веста за потпишувањето на договорот предизвика пад на цените на нафтата на светските берзи, додека вредноста на акциите забележа значителен пораст.
Свет
Трамп: По Иран ќе се фокусирам на Украина
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека по постигнувањето на договорот со Иран, вниманието ќе го насочи кон војната во Украина и состојбата во Либан.
На Самитот на Г7 во Франција, Трамп рече дека неодамна разговарал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со рускиот претседател, Владимир Путин
„Мислам дека можеме нешто да направиме на тоа поле. Навистина го мислам тоа. Мислам дека и двајцата се отворени за тоа“, изјави Трамп.
Во меѓувреме, Зеленски соопшти дека му предложил средба на Путин со цел да разговараат за завршување на војната, но дека рускиот претседател не бил подготвен за таков разговор.
Прашањето за понатамошната американска поддршка за Украина останува отворено, додека лидерите на Г7 во Франција разговараат и за глобалната економија, снабдувањето со критични минерали и развојот на вештачката интелигенција.
Свет
Трамп пристигна на Самитот во Франција, Макрон не го пречека лично
Американскиот претседател, Доналд Трамп, пристигна на Самитот на Г7 во француското одморалиште Évian-les-Bains, каде што светските лидери ќе разговараат за војната во Украина, економските прашања и неодамнешниот договор меѓу САД и Иран.
Трамп при пристигнувањето не беше лично пречекан од францускиот претседател Емануел Макрон, како што првично било планирано, туку од шефот на претседателскиот протокол. Сепак, двајцата лидери треба да одржат билатерална средба за време на самитот.
Непосредно пред патувањето во Франција, Трамп повторно се закани со воведување царини од 100 проценти за француското вино доколку Париз не го укине данокот за големите американски технолошки компании.
Макрон, пак, порача дека Франција нема да попушти пред таквите закани и оцени дека царините не им користат на земјите од Г7.
На самитот се очекува да биде разгледан и рамковниот договор меѓу САД и Иран за завршување на конфликтот и повторно отворање на Ормутскиот Теснец. Според најавите, меморандумот за разбирање треба да биде потпишан во петок во Швајцарија, додека за повеќе чувствителни прашања, вклучително и иранската нуклеарна програма, ќе следуваат дополнителни технички преговори.
Трамп за време на самитот треба да се сретне и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека западните сојузници продолжуваат да разговараат за понатамошната поддршка за Украина.
