Контакт

Свет

Стармер под притисок да си поднесе оставка по изборниот дебакл

Објавено пред

Британскиот премиер, Кир Стармер, се соочува со сериозен притисок во сопствената партија по тешкиот пораз на локалните избори, додека дел од лабуристите веќе отворено бараат негова оставка. Дополнителен удар за неговото лидерство претставува најавата на поранешната министерка Кетрин Вест дека е подготвена да го предизвика за лидерската позиција доколку не се појави друг кандидат.

Според британските медиуми, Лабуристичка партија ги забележала најлошите резултати на локалните избори за владејачка партија уште од 1995 година, што предизвикало незадоволство кај голем број пратеници.

Во обид да ја стабилизира ситуацијата, Стармер денеска назначи двајца влијателни партиски ветерани за свои советници – поранешниот британски премиер Гордон Браун и поранешната заменичка лидерка на лабуристите Хариет Харман.

Сепак, само неколку часа подоцна, Кетрин Вест во интервју за Би-Би-Си изјави дека очекува до понеделник кабинетот да подготви план за замена на Стармер.

„Ако до утре нема кандидат за лидерската позиција, тогаш во понеделник наутро ќе ја предложам мојата кандидатура за лидер на Лабуристичката партија“, изјави Вест.

По изборниот пораз, повеќе од 20 лабуристички пратеници, јавно и зад затворени врати, побарале Стармер да одреди временска рамка за своето заминување.

На прашањето дали ќе поднесе оставка, британскиот премиер одговори дека тоа не е вистинскиот потег.

„Нема да се откажам од ова“, изјави Стармер.

И покрај растечките критики, повеќе министри од кабинетот во петокот изразија поддршка за него. Стармер пред помалку од две години ја предводеше Лабуристичката партија до убедлива победа на парламентарните избори.

Според правилата на партијата, секој што сака да се кандидира против актуелниот лидер мора да обезбеди поддршка од најмалку 20 проценти од лабуристичките пратеници. Со оглед дека лабуристите имаат 403 пратеници во парламентот, потенцијален противкандидат би морал да обезбеди најмалку 81 потпис за кандидатура.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет

Унгарскиот парламент изгласа уставни измени: Орбан повеќе не може да стане премиер

Објавено пред

Унгарскиот парламент денеска усвои уставен амандман со кој се ограничува мандатот на премиерите на најмногу осум години, со што на поранешниот премиер Виктор Орбан практично му се оневозможува повторно да ја извршува оваа функција.

Премиерот Петер Маѓар го порази Орбан на изборите во април, ставајќи крај на неговото 16-годишно владеење. Партијата на Маѓар освои двотретинско мнозинство во парламентот, што ѝ овозможува да менува или укинува закони донесени од партијата Фидес, вклучително и Уставот.

Според усвоениот амандман, секое лице кое претходно извршувало функција премиер најмалку осум години повеќе нема да може да биде избрано на таа функција. Одредбата се однесува на премиерските мандати по 2 мај 1990 година.

Со измените се воведува и општо ограничување според кое премиерите ќе мора да ја напуштат функцијата по вкупно осум години, односно по два мандата.

Уставниот амандман, исто така, отвора можност за распуштање на Канцеларијата за заштита на суверенитетот, институција формирана за време на владата на Орбан. Критичарите тврдеа дека ова тело ги стигматизирало опозициските личности и новинарите обвинувајќи ги дека им служат на странски интереси.

Дополнително, со измените на државата ѝ се враќаат основачките права врз таканаречените фондации за управување со имот од јавен интерес. Владата на Орбан претходно на овие фондации им пренесе државен имот вреден стотици милијарди форинти.

Прикажи повеќе...

Свет

И САД и Иран потврдија: Бродовите повторно пловат низ Ормускиот Теснец

Објавено пред

По објавувањето на рамковниот договор меѓу САД и Иран за завршување на конфликтот, пристигнуваат и првите знаци на смирување на состојбата на теренот. Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека бродовите повторно почнале да се движат низ Ормускиот Теснец.

Според анализа на BBC Verify врз основа на поморски податоци, поголем број пловила во моментов се обидуваат да го минат овој стратешки важен морски премин.

Обновувањето на сообраќајот следува откако американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека компаниите во почетниот период нема да плаќаат надоместоци за пловидба низ теснецот. Во исто време, Техеран соопшти дека заедно со Оман презема мерки за безбедна навигација на бродовите.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека САД со договорот се обврзале на укинување на економските санкции кон Иран и учество во обновата на земјата.

Додека финансиските пазари позитивно реагираат на договорот, состојбата во Либан останува тензична. Според локални медиуми, едно лице загинало во напад во јужниот дел на земјата, а Израел засега не го коментира инцидентот. Израелски пратеник за BBC изјавил дека земјата ќе ја задржи својата воена присутност во Либан.

Прикажи повеќе...

Свет

Иран бара договорот со САД да биде потврден со резолуција на Советот за безбедност на ОН

Објавено пред

Иран ќе бара конечниот договор со САД, вклучително и делот што се однесува на нуклеарната програма, да биде поддржан со резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека Техеран очекува договорот да добие поддршка од Советот за безбедност во рок од 60 дена по неговото потпишување.

Во меѓувреме, САД и Иран продолжуваат со преговорите за деталите од договорот, меѓу кои е и режимот на пловидба низ Ормутскиот Теснец. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека Вашингтон очекува теснецот долгорочно да биде отворен без транзитни такси, но додаде дека тоа прашање ќе биде предмет на технички преговори.

Од Техеран повторија дека нема да наплаќаат транзитни такси, туку надоместоци за услуги како навигација, заштита на животната средина и осигурување на бродови.

Според претходни информации, нацрт-договорот предвидува повторно отворање на Ормутскиот Теснец, укинување на американската блокада на иранските пристаништа и продолжување на примирјето, додека разговорите за иранската нуклеарна програма би продолжиле во дополнителен рок од 60 дена.

Прикажи повеќе...

Најново

Спорт1 минута

Фудбалер на Севилја осуден на осим ипол години затвор

Фудбалерот Рафа Мир (28) е осуден на осум и пол години затвор за сексуален напад врз девојка, одлучи судот во...

Свет11 минути

Унгарскиот парламент изгласа уставни измени: Орбан повеќе не може да стане премиер

Унгарскиот парламент денеска усвои уставен амандман со кој се ограничува мандатот на премиерите на најмногу осум години, со што на...

Спорт13 минути

Дарвин Нуњез како слободен играч се враќа во Ливерпул

Уругвајскиот напаѓач Дарвин Нуњез би можел да се врати во Ливерпул ова лето, што би било едно од најголемите изненадувања...

Спорт19 минути

Атаман го напушти Панатинаикос

Ергин Атаман повеќе не е тренер на Панатинаикос, официјално објави грчкиот клуб. Патанаикос и Атаман се разделија по тригодишна соработка....

Естрада27 минути

Бони Тајлер се разбуди од индуцирана кома

Велшката пејачка Бони Тајлер се разбудила од индуцирана кома во Португалија, каде што се опоравува по срцев застој што го...

Економија47 минути

Цената на нафтата нагло падна по договорот меѓу САД и Иран

Цените на нафтата денеска значително паднаа на меѓународните пазари и се спуштија под 80 долари за барел, откако САД и...

Забава1 час

Три хороскопски знаци до крајот на месецот ќе мора да се соочат со вистината од која бегаат

Според астролошките толкувања, до крајот на месецот три хороскопски знаци би можеле да се соочат со вистини што долго време...

Свет1 час

И САД и Иран потврдија: Бродовите повторно пловат низ Ормускиот Теснец

По објавувањето на рамковниот договор меѓу САД и Иран за завршување на конфликтот, пристигнуваат и првите знаци на смирување на...

Свет1 час

Иран бара договорот со САД да биде потврден со резолуција на Советот за безбедност на ОН

Иран ќе бара конечниот договор со САД, вклучително и делот што се однесува на нуклеарната програма, да биде поддржан со...