Свет
СЗО: Се очекува раст на случаите на хантравирус
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека се очекува зголемување на бројот на случаи на хантравирус поради периодот што изминал меѓу појавата на првиот случај и потврдата на заразата.
Говорејќи на конференција за новинари, Тедрос наведе дека првиот случај бил забележан на 6 април на крузерот „MV Hondius“, додека инфекцијата била потврдена како заразна дури околу 24 или 25 април, пренесе „Скај њуз“.
Според неговите зборови, во тој период патниците имале бројни меѓусебни контакти, што ја зголемува можноста за понатамошно ширење на вирусот и покрај превентивните мерки кои биле воведени подоцна.
„Би очекувале повеќе случаи“, рече Тедрос, додавајќи дека периодот на инкубација на хантравирусот трае помеѓу шест и осум недели.
Млад маж (25) од Италија е примен во болница за инфективни болести во Рим поради сомнеж за инфекција со хантравирус, пренесе агенцијата „Анса“.
Според наводите на медиумите, пациентот од јужниот регион Калабрија е ставен во карантин, откако патувал на лет на компанијата „KLM Royal Dutch Airlines“ заедно со жена која подоцна починала од инфекцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп пристигна на Самитот во Франција, Макрон не го пречека лично
Американскиот претседател, Доналд Трамп, пристигна на Самитот на Г7 во француското одморалиште Évian-les-Bains, каде што светските лидери ќе разговараат за војната во Украина, економските прашања и неодамнешниот договор меѓу САД и Иран.
Трамп при пристигнувањето не беше лично пречекан од францускиот претседател Емануел Макрон, како што првично било планирано, туку од шефот на претседателскиот протокол. Сепак, двајцата лидери треба да одржат билатерална средба за време на самитот.
Непосредно пред патувањето во Франција, Трамп повторно се закани со воведување царини од 100 проценти за француското вино доколку Париз не го укине данокот за големите американски технолошки компании.
Макрон, пак, порача дека Франција нема да попушти пред таквите закани и оцени дека царините не им користат на земјите од Г7.
На самитот се очекува да биде разгледан и рамковниот договор меѓу САД и Иран за завршување на конфликтот и повторно отворање на Ормутскиот Теснец. Според најавите, меморандумот за разбирање треба да биде потпишан во петок во Швајцарија, додека за повеќе чувствителни прашања, вклучително и иранската нуклеарна програма, ќе следуваат дополнителни технички преговори.
Трамп за време на самитот треба да се сретне и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека западните сојузници продолжуваат да разговараат за понатамошната поддршка за Украина.
Свет
Унгарскиот парламент изгласа уставни измени: Орбан повеќе не може да стане премиер
Унгарскиот парламент денеска усвои уставен амандман со кој се ограничува мандатот на премиерите на најмногу осум години, со што на поранешниот премиер Виктор Орбан практично му се оневозможува повторно да ја извршува оваа функција.
Премиерот Петер Маѓар го порази Орбан на изборите во април, ставајќи крај на неговото 16-годишно владеење. Партијата на Маѓар освои двотретинско мнозинство во парламентот, што ѝ овозможува да менува или укинува закони донесени од партијата Фидес, вклучително и Уставот.
Според усвоениот амандман, секое лице кое претходно извршувало функција премиер најмалку осум години повеќе нема да може да биде избрано на таа функција. Одредбата се однесува на премиерските мандати по 2 мај 1990 година.
Со измените се воведува и општо ограничување според кое премиерите ќе мора да ја напуштат функцијата по вкупно осум години, односно по два мандата.
Уставниот амандман, исто така, отвора можност за распуштање на Канцеларијата за заштита на суверенитетот, институција формирана за време на владата на Орбан. Критичарите тврдеа дека ова тело ги стигматизирало опозициските личности и новинарите обвинувајќи ги дека им служат на странски интереси.
Дополнително, со измените на државата ѝ се враќаат основачките права врз таканаречените фондации за управување со имот од јавен интерес. Владата на Орбан претходно на овие фондации им пренесе државен имот вреден стотици милијарди форинти.
Свет
И САД и Иран потврдија: Бродовите повторно пловат низ Ормускиот Теснец
По објавувањето на рамковниот договор меѓу САД и Иран за завршување на конфликтот, пристигнуваат и првите знаци на смирување на состојбата на теренот. Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека бродовите повторно почнале да се движат низ Ормускиот Теснец.
Според анализа на BBC Verify врз основа на поморски податоци, поголем број пловила во моментов се обидуваат да го минат овој стратешки важен морски премин.
Обновувањето на сообраќајот следува откако американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека компаниите во почетниот период нема да плаќаат надоместоци за пловидба низ теснецот. Во исто време, Техеран соопшти дека заедно со Оман презема мерки за безбедна навигација на бродовите.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека САД со договорот се обврзале на укинување на економските санкции кон Иран и учество во обновата на земјата.
Додека финансиските пазари позитивно реагираат на договорот, состојбата во Либан останува тензична. Според локални медиуми, едно лице загинало во напад во јужниот дел на земјата, а Израел засега не го коментира инцидентот. Израелски пратеник за BBC изјавил дека земјата ќе ја задржи својата воена присутност во Либан.
