Свет
Трамп објави десетдневно примирје меѓу Израел и Либан
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и Либан постигнале договор за десетдневно примирје кое ќе стапи на сила вечерва.
Трамп потврди дека имал „одлични разговори“ со либанскиот претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека ова е десеттата војна што ја решава.
Во првиот разговор меѓу двајцата лидери откако Аун ја презеде функцијата, либанскиот претседател му се заблагодари на Трамп за неговите напори за постигнување мир и ја изрази својата желба за итно прекинување на непријателствата. Трамп ја повтори својата поддршка за Либан и својата посветеност на постигнување траен мир и стабилност, пренесуваат светските медиуми.
„Тукушто имав одлични разговори со почитуваниот либански претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Биби Нетанјаху. Двајцата лидери се согласија официјално да започнат 10-дневен прекин на огнот за да се постигне мир меѓу нивните земји“, напиша Тармп, според светските медиуми.
Објавата, според написите, дојде откако претставниците на Израел и Либан се сретнаа во Вашингтон во вторникот, нивната прва официјална средба по 34 години. Домаќин на состанокот беше американскиот државен секретар Марко Рубио.
Претседателот на САД истакна дека ги задолжил највисоките американски претставници на понатамошна работа за постигнување траен мир. „Им наложив на потпретседателот Џ.Д. Венс и државниот секретар Рубио, заедно со началникот на Здружениот генералштаб Ден „Разин“ Кејн, да работат со Израел и Либан за да се постигне траен мир“, рече тој.
Тој ја заврши својата објава со оптимистички тон. „Имав чест да решам девет војни низ целиот свет, а ова ќе биде мојата десетта. Затоа, да го направиме тоа!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рубио: Не бараме помош од Кина, нивната помош не ни е потребна
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, порача дека на САД не им е потребна помош од Кина во врска со Иран.
Сепак, тој истакна дека американскиот претседател, Доналд Трамп и кинескиот лидер, Ши Џинпинг, пронашле „заеднички јазик“ околу прашањето за Ормускиот Теснец.
„Не бараме помош од Кина. Нивната помош не ни е потребна“, изјавил Рубио за „Ен-Би-Си“.
Тој додал дека двете страни се согласиле во противењето на развојот на нуклеарно оружје од страна на Иран и дека делат загриженост за тој исклучително важен поморски премин, пишува „Ал Џезира“.
„Кинеската страна порача дека се противи на милитаризацијата на Ормускиот Теснец, како и на воведување наплата за премин, а тоа е и наш став“, изјавил Рубио.
Рубио воедно го предупреди Техеран да не се обидува да ги искористи поделбите во американската политика за да влијае врз преговорите со Вашингтон.
„Претседателот јасно порачува: ако Иранците мислат дека ќе ја искористат нашата внатрешна политика за да го принудат на лош договор, тоа нема да се случи“, изјавил Рубио.
Свет
Рубио: Украина ја изгради најсилната и најмоќната армија во Европа
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека Украина ја изградила најсилната и најмоќната армија во Европа, истакнувајќи го борбеното искуство на земјата и тешките загуби што ги претрпеле руските сили за време на војната.
Во разговор за „Фокс њуз“ за време на патувањето во Кина, Рубио изјавил дека украинските вооружени сили се развиле во најспособна борбена сила на континентот, и покрај поголемата популација и воени ресурси на Русија, пишува „Јунајтед24 Медиа“.
„Русите месечно губат петпати повеќе војници од Украинците“
„Ако се погледне, Русите месечно губат петпати повеќе војници од Украинците, иако Украина е помала земја со помала армија“, рекол Рубио.
„Сепак, треба јасно да се каже дека украинските вооружени сили во моментов се најсилни и најмоќни во цела Европа. Тоа, секако, во голема мера е благодарение на помошта што ја добија, но и на борбеното искуство што го стекнаа“, додал тој.
Рубио ги опиша и огромните човечки и економски жртви од војната за двете земји, нагласувајќи дека Русија и натаму трпи големи загуби на бојното поле.
„Русите губат од 15 до 20 илјади војници месечно — загинати. Не ранети, туку загинати“, изјавил тој.
Воедно призна дека динамиката во преговорите во последните месеци забавила.
„За жал, во последните неколку месеци изгубивме дел од замавот од различни причини. Украинците се сè посигурни во своите позиции на бојното поле, ја преживеаја зимата, а и Русите чувствуваат одреден оптимизам поради растот на цените на нафтата“, објаснил Рубио.
Сепак, американскиот државен секретар изјави дека Вашингтон се надева дека и Москва и Киев на крајот повторно ќе седнат на преговарачка маса.
„Но се надеваме, било поради изјава на Владимир Путин или поради некои други причини, дека наскоро ќе дојдеме до точка во која двете страни повторно ќе се вратат на преговори“, заклучил тој.
Во меѓувреме, Украина своето искуство со беспилотни летала сега им го нуди и на други земји. Тоа било демонстрирано на неодамнешните шведски воени вежби „Аурора 26“, каде што украински оператори покажале како FPV-дронови можат брзо да ги нарушат копнените единици на НАТО.
Според извештаите, украинските FPV-пилоти повеќепати ги пробиле шведските позиции, поради што обуката морала да биде прекинувана неколкупати за шведските единици да можат да ја прилагодат својата тактика.
Еден украински оператор со повикувачки знак „Тарик“ потврдил дека вежбите биле прекинувани за шведските сили повторно да го проценат своето дејствување.
Свет
Папата: Настаните во Украина, Газа, Либан и Иран покажуваат нехумана еволуција
Папата Лав XIV објави порака на X во која предупреди на свет обележан со војна, јазик на војната и зголемена улога на новите технологии во конфликтите. Тој особено предупреди за вештачката интелигенција, растот на воените трошоци и последиците од војните во Украина, Газа, палестинските територии, Либан и Иран.
„Каков свет оставаме зад себе? За жал, тоа е свет искривен од војна и јазик сличен на војна. Ова загадување на разумот доаѓа од геополитичката сфера и проникнува во секој општествен однос“, објави Папата.
Папата рече дека поедноставувањето на реалноста, особено она што ги претвора луѓето во непријатели, мора да се корегира со знаење, меморија и посложено размислување. „Секое поедноставување што создава непријатели мора да се коригира, особено на универзитетите, со сложеноста на мислата и мудрото користење на меморијата“, изјави тој.
Тој особено предупреди за развојот и примената на вештачката интелигенција за воени и цивилни цели. „Мора да останеме будни во однос на развојот и примената на вештачката интелигенција во воени и цивилни контексти, за да не ја отстрани човековата одговорност од донесувањето одлуки или да ја влоши трагедијата на конфликтот“, рече Папата.
Папата изјави дека настаните во Украина, Газа и палестинските територии, Либан и Иран ја покажуваат „нехуманата еволуција“ на односот помеѓу војната и новите технологии. „Настаните во Украина, Газа и палестинските територии, Либан и Иран ја опишуваат нехуманата еволуција на односот помеѓу војната и новите технологии, што создава спирала на уништување“, објави тој.
Тој рече дека студијата, истражувањето и инвестициите треба да одат во спротивна насока. „Студијата, истражувањето и инвестициите треба да се движат во спротивна насока и да станат радикално „да“ за животот. Да за невиниот живот, да за младиот живот, да за животите на луѓето што плачат за мир и правда“, напиша Папата.
фото/Depositphotos
