Свет
Трамп по пресвртот: Иран е на работ на финансиски колапс, сакаат да го отворат Ормускиот теснец , СОС!!!
Американскиот претседател Доналд Трамп објави серија драматични пораки на својата платформа Truth Social, тврдејќи дека Иран се соочува со финансиски колапс поради американската поморска блокада. Според Трамп, Техеран очајно сака да го отвори Ормускиот теснец бидејќи губи 500 милиони долари дневно поради блокадата.
„Иран се урива финансиски! Тие сакаат Ормускиот теснец веднаш да се отвори – гладуваат за пари! Губат 500 милиони долари дневно. Војската и полицијата се жалат дека не им се плаќа. СОС!!!“, напиша Трамп.
— Rapid Response 47 (@RapidResponse47) April 22, 2026
„Тие сакаат да го спасат образот“
Во друга објава, Трамп тврдеше дека иранското раководство всушност не сака теснецот да е затворен, и покрај нивните закани, туку сака да биде отворен токму поради огромните приходи.
„Тие велат дека сакаат да биде затворен само затоа што јас целосно го БЛОКИРАВ, па затоа само сакаат да ‘го спасат образот’“, рече американскиот претседател.
Трамп, исто така, откри дека пред четири дена му се обратиле медијатори кои тврделе дека Иран сака веднаш да го отвори теснецот. „Но, ако го сториме тоа, никогаш не може да има договор со Иран освен ако не го дигнеме во воздух остатокот од нивната земја, вклучувајќи ги и нивните лидери!“, додаде Трамп.
Острите пораки доаѓаат само неколку часа откако Трамп објави продолжување на прекинот на огнот со Иран за да му даде на Техеран повеќе време за преговори. Сепак, тој нагласи дека блокадата на иранските пристаништа ќе продолжи сè додека Иран не презентира „унифициран предлог за прекин на конфликтот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп за Иран: Се’ е потпишано, многу сум среќен
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е потпишан договор со Иран со кој се предвидува целосно отворање на стратешки важниот Ормуски теснец за меѓународната пловидба.
„Многу сум среќен што можам да го кажам ова: Договорот е целосно потпишан. А теснецот, како што знаете, е веќе делумно отворен“, изјави Трамп пред новинарите веднаш по пристигнувањето во Евијан, Франција.
„Во петок ќе биде целосно отворен.“
Според најавите, официјалната церемонија ќе се одржи в петок во Женева, а во име на САД ќе присуствува потпретседателот Џеј Ди Венс.
Со овој договор се продолжува примирјето во траење од 60 дена, во текот на кои треба да се решат најспорните прашања, вклучително и иднината на иранската нуклеарна програма. Трамп нагласи дека евентуалното ублажување на санкциите кон Техеран ќе зависи од натамошното однесување на иранските власти. Веста за потпишувањето на договорот предизвика пад на цените на нафтата на светските берзи, додека вредноста на акциите забележа значителен пораст.
Свет
Трамп: По Иран ќе се фокусирам на Украина
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека по постигнувањето на договорот со Иран, вниманието ќе го насочи кон војната во Украина и состојбата во Либан.
На Самитот на Г7 во Франција, Трамп рече дека неодамна разговарал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со рускиот претседател, Владимир Путин
„Мислам дека можеме нешто да направиме на тоа поле. Навистина го мислам тоа. Мислам дека и двајцата се отворени за тоа“, изјави Трамп.
Во меѓувреме, Зеленски соопшти дека му предложил средба на Путин со цел да разговараат за завршување на војната, но дека рускиот претседател не бил подготвен за таков разговор.
Прашањето за понатамошната американска поддршка за Украина останува отворено, додека лидерите на Г7 во Франција разговараат и за глобалната економија, снабдувањето со критични минерали и развојот на вештачката интелигенција.
Свет
Трамп пристигна на Самитот во Франција, Макрон не го пречека лично
Американскиот претседател, Доналд Трамп, пристигна на Самитот на Г7 во француското одморалиште Évian-les-Bains, каде што светските лидери ќе разговараат за војната во Украина, економските прашања и неодамнешниот договор меѓу САД и Иран.
Трамп при пристигнувањето не беше лично пречекан од францускиот претседател Емануел Макрон, како што првично било планирано, туку од шефот на претседателскиот протокол. Сепак, двајцата лидери треба да одржат билатерална средба за време на самитот.
Непосредно пред патувањето во Франција, Трамп повторно се закани со воведување царини од 100 проценти за француското вино доколку Париз не го укине данокот за големите американски технолошки компании.
Макрон, пак, порача дека Франција нема да попушти пред таквите закани и оцени дека царините не им користат на земјите од Г7.
На самитот се очекува да биде разгледан и рамковниот договор меѓу САД и Иран за завршување на конфликтот и повторно отворање на Ормутскиот Теснец. Според најавите, меморандумот за разбирање треба да биде потпишан во петок во Швајцарија, додека за повеќе чувствителни прашања, вклучително и иранската нуклеарна програма, ќе следуваат дополнителни технички преговори.
Трамп за време на самитот треба да се сретне и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека западните сојузници продолжуваат да разговараат за понатамошната поддршка за Украина.
