Вести
Дополнителни сили на Националната гарда се упатуваат во Фергусон

Гувернерот на американската сојузна држава Мисури, Џеј Никсон, нареди во вторникот распоредување на дополнителни сили на Националната гарда на САД во градот Фергусон, каде што продолжуваат безредијата и грабежите кои започнаа во понеделникот навечер по објавувањето на одлуката на големата порота дека нема судски да го гони белиот полицаец кој во август го уби 18-годишниот црн тинејџер за кој се тврди дека бил невооружен.
Претходно во понеделникот гувернерот Џеј Никсон, прогласи вонредна состојба и на улиците го зголеми бројот на припадниците на Националната гарда и полицајците предвидувајќи го ваквото сценарио.
Американската сојузна управа за воздухопловство издаде и привремена забрана за летови кон Фергусон, поради насилните протести во коишто според соопштението на полицијата од округот Сент Луис на Twitter, се слушаат истрели од автоматско оружје.
Во другото предградие на Сент Луси, Универзити Сити, во близина на Фергусон, еден полицаец е ранет со истрел од огнено оружје, но засега не е познато дали тој случај е поврзан со безредијата во Фергусон, соопшти полицијата преку социјалните мрежи. Полицаецот е ранет во раката и се очекува негово целосно закрепнување, а се трага по напаѓачот, се додава во соопштението.
Веднаш по објавувањето на одлуката на големата порота и одбивањето да подигне тужба против 28-годишниот бел полицаец Дарен Вилсон за убиството на 18-годишниот Мајкл Браун, и покрај апелите на американскиот претседател Барак Обама и семејството на убиениот афроамериканскиот тинејџер, во гратчето Ферусон, избувнаа протести од разгневената толпа којашто ги преплави улиците на предградието на Сент Луис.
Како што соопшти полицијата во Фергусон уште во август, Вилсон го застрелал Браун во полициско возило откако се кошкале околу пиштол, а полицаецот подоцна побарал медицинска помош во локалната болница поради повреда на лицето. Меѓутоа, очевидци велат дека напротив, момчето било убиено надвор од полициското возило и тоа додека ги држело во воздух рацете во знак на предавање.
Тензиите во Фергусон се разгореа летово откако полицијата веќе следниот ден по инцидентот емитуваше снимки на кои е идентификуван подоцна убиениот Браун како врши грабеж во продавница и го малтретира нејзиниот сопственик, но истакна дека грабежот и пукањето во кое тој смртно настрадал не се поврзани. Демонстрантите ја критикуваа полицијата дека се обидува со објавувањето на снимките „да го оправда убиството во стилот на егзекуција“.
Според американските медиуми, полицијата тврди дека употребила чадни бомби, но очевидци обвинуваат дека бил употребен солзавец. Има извештаи за безредија во коишто демонстрантите кршеле прозорци на дуќаните, кои биле ограбувани и потпалувани, но засега нема информации за повредени или уапсени.
„Нема правда, нема мир“ скандираа разгневените демонстранти во понеделникот навечер, откако полицаецот Вилсон беше ослободен од вината. „Престанете да фрлате камења“, се обрати полициски офицер кон демонстрантите кои по одлуката на големата порота масовно излегоа на протести во Фергусон. Станува збор за продолжение на расните безредија и немири од август кога беше убиен Браун со шест истрели.
По тримесечното заседание, обвинителот на округот Сент Луси, Роберт Меккалох, извести дека полицаецот нема судски да биде гонет, што афроамериканската заедница во Фергусон и го очекуваше.
„Задачата на големата порота е да ги раздвои фактите од фикциите“, изјави за медиумите Меккалох, додавајќи дека членовите на големата порота тврделе дека нема доволно причини за судски прогон на полицаецот Вилсон. „Нема сомневања дека агентот Вилсон го усмртил Мајкл Браун“, рече обвинителот Меккалох, изразувајќи жалење поради неговата трагична смрт. Меѓутоа, дванаесетте членови на големата порота, од кои девет се белци и тројца се црници, спровеле сеопфатно разгледување, сослушувајќи околу 60 очевидци и тројца форензичари, и проучувајќи стотици фотографии и другите важни елементи.
Истовремено „продолжува истрагата на сојузно ниво којашто е независна од почетокот на локалната истрага, и така ќе остане“, изјави американскиот министер за правосудство Ерик Холдер, додавајќи дека сојузните власти нема да извлекуваат предвремени заклучоци.
Американците го изразуваат незадоволството од одлуката на големата порота во Фергусон и во другите градови низ САД. На њујоршки Тајмс Сквер и во Вашингтон, се собраа повеќе илјади луѓе. Пред Белата куќа демонстрантите ги истакнаа транспарентите „Правда за Мајкл Браун“ извикувајќи „Рацете се во воздух, не пукајте“.
Според многу аналитичари во САД, убиството на црното момче, како и неколку други слични случаи кои се одиграа претходно и подоцна, покажува во која мерка расизмот сé уште е присутен во Америка и на свиреп начин ги откри напрегнатите односи во малото гратче со мнозинско црнечко население и полицијата во којашто повеќето вработени се белци.
Протестите ги нагласија лошите меѓурасни односи во Фергусон, предградие на Сент Луис со околу 20 илјади жители во кое над две третини од населението се црнци. Бројни здруженија за заштита на човековите права се жалеа во минатото дека полицијата се донесува расистички и бараа состав на полицијата да се усогласи со реалност – пред немири во локалната полиција од 53 вработени, 50 беа белци.
Кусо откако во понеделникот навечер беше објавена одлуката на големата порота, американскиот претседател Барак Обама и семејството на Мајкл Браун ги повикаа демонстрантите незадоволството да го изразат на мирен начин, а полицијата да се воздржи од жестоки реакции. Меѓутоа, полицијата беше принудена да фрли солзавец за да ги растера, пренесуваат агенциите.
Семејството на Браун изрази „длабоко разочарување“ од фактот дека полицаецот Вилсон нема судски да биде гонет, но повика на мир. „Длабоко сме разочарани од тоа што убиецот на нашето дете нема да мора да трпи последици од својот чин“, изјави семејството Браун во писмената изјава доставена до медиумите. „Мораме заедно да работиме на тоа да го поправиме системот кој овозможи да се случи ова“, се додава во изјавата на семејството кое ја покрена претходно кампањата секој полицаец кој работи на улиците на американските градови да почне да носи камера на униформата.
Претседателот Барак Обама во текот на ноќта кон вторникот од Белата куќа упатуваше апели за мир одлуката да се прекине судската постапка против полицаецот Вилсон.
„Ние сме држава втемелена на почитување на законите“, изјави Обама во кусата изјава само неколку минути по објавувањето на одлуката од Фергусон, каде што веќе беа започнати масовните безредија, како израз на револтот на граѓаните, претежно од афроамериканската заедница. „Им се придружувам на родителите на Мајкл Браун во апелите до сите оние кои се противат на ваквата одлука тоа да го сторат на мирен начин“, додаде Обама признавајќи дека гневот е „сфатлива“ реакција. „Ги повикувам силите на редот … да покажат воздржаност“, истакна претседателот на САД.
Обама, исто така, нагласи во изјавата дека во многу делови на САД и натаму владее недоверба меѓу силите на редот и припадниците на заедниците со друга боја на кожата, истакнувајќи дека таквата состојба мора да се поправи, меѓу другото и со зголемување на полицајците од редовите на малцинските заедници./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
Русија за истрагата за експлозијата на „Северен тек“: Шведска нешто крие

Руските власти ја обвинија Шведска дека крие информации за истрагата за експлозијата што го оштети гасоводот „Северен тек“ минатата година.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Русија има право да ги знае деталите од истрагата и дека е збунета од одбивањето на Шведска да соработува со руските обвинители.
Имено, Москва му предложи на Стокхолм поведување заедничка истрага за експлозиите, но Шведска и Данска го одбија тој предлог.
Захарова сугерира дека зад таа одлука има скриени причини.
„Можеби, по спроведувањето на истрагата, руските истражители би можеле да дојдат до незгоден заклучок за тоа кој ја извршил саботажата. За тоа кој ја смислил и ја извршил. Шведска крие што точно открила во текот на истрагата“, рече портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, како што објави „Гардијан“.
Вести
(Видео) Силно невреме го зафати Солун, издадено предупредување

Улиците во Солун се поплавени откако ненадејно невреме го зафати градот, придружено со силни грмежи.
Возилата беа спречени да минуваат, па сообраќајот беше запрен во голем дел од градот. Во многу случаи водата ја достигнувала висината на тротоарот, а сопствениците на продавници се обидувале со метли да спречат да влезе во објектите.
Εν τω μεταξύ στη Θεσσαλονίκη pic.twitter.com/yQLkl87XmI
— Αντιτέτοιος (@VPetsopoulos) September 2, 2022
Кога започна невремето, на улиците имало многу луѓе кои се обидувале да најдат засолниште под блиските балкони, пренесува грчкиот портал „Вориа“.
Грчката хидрометеоролошка служба за денеска издаде итно предупредување за влошување на времето и обилни дождови и невреме.
Покрај Солун, големо невреме го зафати и Халкидики, а обилни врнежи имаше и во градот Вурвур, како и во Пефкохори.
Вести
Украина апелира до Русија да го дозволи коридорот во Мариупол

Украина денеска испрати нов апел до Русија да дозволи хуманитарен коридор во Мариупол и да ги пушти цивилите од овој опколен град.
Бараме отворање на хуманитарен коридор за цивили – објави вицепремиерката Ирина Верешчук на украинската телевизија, пренесува „Ројтерс“.
Верешчук нагласи и дека руските вооружени сили спречуваат хуманитарна помош да стигне до жителите на градот Херсон на југот на земјата.
Украина денеска соопшти дека нејзините напори за евакуација на цивилите од опколените градови првенствено биле насочени кон Мариупол, но не објави никаков нов договор со Русија, кој би овозможил безбеден премин за нејзините заробени жители, пренесе Ројтерс.