Вести
Нетанјаху го отфрли повикот Израел да прими сириски бегалци
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли во неделата повикот на опозицијата да ги прифати бегалците од војната во соседна Сирија, одговарајќи дека неговата земја не е рамнодушна на трагедијата, но е мала и мора да се штити од тероризмот и од илегалната миграција.
„Израел не е рамнодушен на човечката трагедија на бегалците од Сирија, ниту на оние од Африка. Израел е мала земја, многу мала земја, која нема ниту демографска, ниту географска широчина. Оттаму, мораме да ги штитиме нашите граници од илегалната миграција и од тероризмот“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој доаѓа од националистичката десничарска партија Ликуд.
Нетанјаху на седницата на својот кабинет потсети дека Израел лекувал повеќе од 1.000 ранети луѓе од Сирија. Израелските војници често ги собираат ранетите Сиријци од границата и ги префрлаат во болниците на лекување, и откако ќе закрепнат ги враќаат на границата.
Израел, инаку, Сирија ја смета за непријателска држава со којашто повеќепати војувал од своето основање во 1948 година.
Израелскиот опозициски челник Исак Херцог од Лабуристичката партија – лев центар, изјави во саботата дека Израел би требало да прими сириски бегалци, а истиот ден и претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас изјави дека Израел би требало да ги отвори своите граници за палестинските бегалци кои со децении живееја во големите кампови и населби во Сирија, а сега бегаат пред војната, напаѓани од вооружената опозиција и џихадистите, бидејќи ги сметаат за поддржувачи на сирискиот претседател Башар ал-Асад чиј татко и самиот тој сиот изминат период им пружаа засолниште.
Абас побара на овие палестински бегалци да им се овозможи влегување на палестинската енклава Западниот брег (на реката Јордан), која меѓународната заедница го смета за окупирана од Израел палестинска територија и каде што Палестинците имаат самоуправа.
Нетанјаху вети во неделата дека Израел дополнително ќе ги зацврсти своите граници, најавувајќи градење на нови 30 километри ограда кон границата со Јордан, кој со Израел има потпишано мировен договор во 1994 година. Израел во 2013 година ја доврши 230 километри долгата граница покрај границата со Египет со кој мировен договор склучи уште во 1979 година. Израел има огради и покрај границата со Либан и по должината на раздвојувањето со Сирија на окупираниот дел од стратешката Голанска висорамнина.
Покрај тоа, најголемиот дел од Западниот брег е поделен со израелскиот ѕид, а другата палестинска енклава Појасот Газа, со која управува исламистичкото движење Хамас, е исто така во израелската блокада оградена со високи огради и бетонски ѕидови./крај/мф/сн
Извор: Reuters/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.