Свет
(Видео) „Политико“: Трамп отиде во Кина за да побара помош со Иран
Амбициите на претседателот Доналд Трамп за неговата средба со кинескиот лидер Шји Џјинпинг се сведени од објавување на „голем договор“ на апел за помош за повторно отворање на Ормускиот теснец и притисок за помали трговски договори. Претседателот Доналд Трамп пристигнува во Пекинг во улога на која не е навикнат – како молител кој бара услуги, пишува „Политико“.
Белата куќа соопшти дека средбата меѓу Трамп и кинескиот лидер Шји Џјинпинг во четврток и петок ќе се фокусира на трговијата, фентанилот и војната во Иран – сите области каде што администрацијата на Трамп имаше мал успех во добивањето договори или отстапки од Кина. Ова значи анализира медиумот, дека Трамп ќе биде под голем притисок да ги испорача значајните резултати што ги ветуваше со недели.
Во март, тој ја објави средбата како „монументален настан“, а минатиот месец објави на социјалната мрежа Truth Social дека не очекува ништо помалку од „голема, срдечна прегратка“ од Шји. Пекинг не објави никакви детали за агендата.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, во понеделникот изјави дека Трамп и Шји ќе разговараат за „важни прашања во врска со односите меѓу Кина и САД и светскиот мир и развој“.
.@POTUS proceeds down the red carpet in Beijing — briefly giving his signature fist pump to the assembled Military Honor Guard and Chinese youth flag wavers pic.twitter.com/aDBQdDjsx8
— Rapid Response 47 (@RapidResponse47) May 13, 2026
Самиот Трамп даде спротивставени изјави за темите на разговорите. Во понеделникот, тој рече дека Иран и енергијата се на листата, само за во вторник да се повлече од тие изјави, велејќи: „Имаме многу за дискусија. Искрено, не би рекол дека Иран е една од темите, бидејќи го имаме Иран под многу добра контрола“. Наместо тоа, тој рече дека трговијата ќе биде главната тема.
„Ова е самит на намалени очекувања“, рече Зак Купер, поранешен заменик-помошник советник за национална безбедност во администрацијата на Џорџ В. Буш, кој редовно се состанува со администрацијата и кинеските претставници. „Прилично е јасно дека тимот на Трамп е во многу тешка позиција и многу е можно Трамп да дојде во Пекинг преокупиран и ослабен“.
Конфликтот во Иран и одлуката на Врховниот суд во февруари што го блокираше главниот механизам на Трамп за наметнување царини ја нарушија рамнотежата на моќ меѓу двајцата лидери. Трамп сега има помалку лостови со кои би можел да го принуди Шји да произведе опипливи резултати што би можел да ги претстави како победи по враќањето во САД. А Кина е свесна за тоа.
„Довербата што Пекинг ја покажа во последните месеци, преговарајќи со САД како рамноправен, ако не и посилен партнер, е зачудувачка“, рече Хенриета Левин, поранешна заменик-директорка за Кина во Стејт департментот за време на администрацијата на Бајден.
Шји влегува на состанокот со Трамп охрабрен од „перцепцијата за американското расеаност околу Иран и можноста, САД повторно да се заглават на Блискиот Исток“, додаде Левин, која е во контакт со кинеските претставници.
Тоа веројатно ќе ги стави во втор план горливите прашања што ги оптоваруваат односите меѓу САД и Кина – државните субвенции на Пекинг за индустријата, нејзината сè поагресивна воена позиција во Индо-Пацификот и драматичното проширување на стратешкиот нуклеарен арсенал.
Наместо тоа, се очекува двајцата лидери да се фокусираат на продолжување на трговското примирје постигнато во Јужна Кореја минатиот октомври. Тоа примирје ги запре зголемувањето на царините, ограничувањата за извоз на материјали како што се клучните минерали и обезбеди континуирана кинеска набавка на американски земјоделски производи како што е сојата.
„Имавме одредено ниво на царини за Кина. Бараме континуитет во тој поглед“, рече американскиот трговски претставник Џејмисон Грир во едно интервју. „Сакаме стабилност“.
Трамп веројатно ќе се соочи со слични пречки во врска со Иран. Тој сака Шји да го искористи своето влијание врз Техеран – Кина го снабдува Техеран со воена опрема и е главен купувач на иранска нафта – за да го принуди режимот да се откаже од контролата врз Ормускиот теснец.
„Очекувам претседателот да изврши притисок“ врз Шји за Иран за време на нивниот состанок, изјави висок функционер на администрацијата за новинарите под услов да остане анонимен во неделата. Одделно, висок функционер на Белата куќа изјави дека Кина веќе „вршила притисок врз Иран да склучи договор“.
Но, геостратешките придобивки што Пекинг ги добива од конфликтот – префрлање на американското внимание од Индо-Пацификот и префрлање на ресурсите на Пентагон од Азија кон Блискиот Исток – му даваат на Шји мал поттик да го забрза неговото завршување.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји минатата недела го пропрати својот нејасен повик за „сеопфатен прекин на огнот“ со потсетник дека Пекинг останува „доверлив стратешки партнер“ на Техеран.
„Кина само ќе продолжи да повикува на смиреност и поширока деескалација“, рече Крег Синглтон, виш кинески соработник во Фондацијата за одбрана на демократиите. „Не мислам дека Пекинг ќе ризикува да реши војна што не ја започнал и не ја контролира“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа за мирот во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска телефонски разговарале за повеќе теми, вклучително и дипломатските напори и можностите за постигнување мир во Украина, соопшти советникот на украинскиот претседател за комуникации, Дмитро Литвин.
Литвин, пренесува украинската агенција Укринформ, изјавил пред новинарите дека разговорот меѓу двајцата лидери траел меѓу 30 и 35 минути и бил содржаен.
„Да, разговараа. Разговорот беше прилично содржаен – за сè, од роденденски честитки до дипломатијата и прашањата поврзани со војната и мирот“, изјавил Литвин.
Свет
Трамп: Денешниот израелски напад врз Бејрут не требаше да се случи
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека израелскиот напад врз Бејрут, изведен порано денеска, „не требаше да се случи“ и повика да не се уништува можноста за постигнување договор.
„Особено не на овој посебен ден кога сме толку блиску до мировен договор со Иран“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social. Претходно, тој најави дека токму денес би можело да биде постигнато рамковно спогодбено решение со Иран.
Трамп оцени дека Израел има право да се брани, но додаде дека нападот на кој одговорил бил многу мал и бесмислен.
Тој истакна дека САД и Иран се „многу блиску до склучување договор што ќе донесе мир во регионот, вклучително и во Либан“, додавајќи дека „сите страни треба да се повлечат“.
„Не треба да има повеќе напади од Израел, ниту од која било друга страна. Ова би можело да биде почеток на долг и убав мир. Да не го уништиме тоа!“, порача Трамп.
Во меѓувреме, заменик-командантот на иранската централна команда Хатам ал-Анбија, Мохамад Џафар Асади, изјави дека израелските „злосторства“ во јужните предградија на либанската престолнина нема да останат неказнети, пренесоа иранските државни медиуми.
Асади ја даде изјавата по израелските напади врз јужните предградија на Бејрут, за кои Израел тврди дека биле насочени кон проиранското движење Хезболах.
Главниот ирански преговарач Мохамад Багер Галибаф, пак, ги обвини САД дека не ги исполнуваат своите ветувања. Според него, израелските напади ги загрозуваат преговорите меѓу Техеран и Вашингтон.
„Израелската агресија врз јужните предградија на либанската престолнина уште еднаш покажа дека на САД им недостига волја или способност да ги исполнат своите ветувања“, изјави Галибаф.
Три лица загинаа во неделата во израелски воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут, втор таков напад во последната недела. Израел соопшти дека нападот бил одмазда за нападите на Хезболах врз северен Либан.
Иран, пак, секој можен договор со САД го условува со целосен прекин на огнот, вклучително и во Либан.
Фото: Depositphotos
Свет
Иран: Израелскиот напад врз Бејрут нема да остане неказнет
Заменик-командантот на иранското централно воено командување, Мохамад Џафар Асади, изјави дека израелскиот напад врз јужните предградија на Бејрут нема да остане неказнет. Израел соопшти дека цел на нападот биле позиции на Хезболах.
Во меѓувреме, претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач Мохамад Багер Галибаф ги обвини САД дека не ги исполнуваат своите ветувања и оцени дека нападот ги доведува во прашање разговорите меѓу Техеран и Вашингтон.
„Ако нема волја или способност да се исполнат преземените обврски, нема смисла да продолжиме по овој пат“, изјави Галибаф, додавајќи дека Иран секој договор со САД го условува со целосен прекин на огнот, вклучително и во Либан.
Во денешниот израелски воздушен напад врз јужен Бејрут загинаа три лица. Израел наведе дека акцијата била одговор на напади на Хезболах.
