Свет
Вучиќ: Го прашувам Маѓар „кој кумува“ во односот меѓу мене и Орбан, ова не е негова земја и нема овластување да спроведува истраги
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, го покани Петер Маѓар, победникот на парламентарните избори во Унгарија, да каже дали знае кој „кумува“ за големото пријателство меѓу него, Виктор Орбан и Роберт Фицо и рече дека Србија не е негова земја.
„Тој рече дека знае кој „кумува“ во таквите односи меѓу Орбан, Вучиќ и Фицо. Го прашувам „кој кумува„, тој нема поим. Ова не е негова земја и тој нема никакво овластување да спроведува истраги во оваа земја. Да не бев загрижен за односите меѓу Унгарија и Србија, би ја нарекол таа изјава глупава“, рече Вучиќ.
Вучиќ додаде дека истрагата за поставувањето експлозиви во близина на гасоводот кај Кањижа „се спроведува на многу професионален и сериозен начин“.
Според него, истрагата утврдила многу работи.
„Ќе продолжиме и ќе ја завршиме истрагата на многу професионален начин, со која Маѓар нема апсолутно никаква врска, но ќе го информираме и ќе му укажеме дека грешел кога брборел за тоа како некој нешто наместил на изборите. Верувам дека во наредниот период ќе разговараме и ќе можеме да си кажеме што мислиме еден на друг во лице“, рече Вучиќ во гостувањето на Дневник 2 на РТС.
Тој претходно изјави дека е горд на фактот што тој и Виктор Орбан изградиле најблиски можни односи меѓу Србија и Унгарија.
Тој исто така рече дека преговорите со унгарскиот МОЛ продолжуваат и дека меѓудржавниот договор ќе биде потпишан до крајниот рок.
„Имавме разговор со претставникот на МОЛ и тие очекуваат наскоро да потпишат меѓудржавен договор, не е лесно да се потпише бидејќи ние имаме свои услови, тие имаат свои. Нашите се за работата на рафинеријата, но верувам дека ќе најдеме компромис. Рокот е 20 мај, а имаме лиценца до 17 април, која се надевам дека ќе биде продолжена“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Денес избори во Косово третпат за 18 месеци, граѓаните пак избираат пратеници
Граѓаните на Косово денеска повторно излегуваат на парламентарни избори, третпат во последните 18 месеци, откога ниту една партија не успеа да обезбеди доволно силно мнозинство за да се стави крај на политичката криза во земјата.
Косово е без функционална влада изминатата година, бидејќи парламентот не успеа да избере претседател.
И на овие избори анализите покажуваат победа на Самоопределување на актуелниот премиер Албин Курти кој победи и на последните избори во декември, минатата година, но не постигна договор со останатите партии за функцијата претседател на парламентот, кој беше распуштен во април годинава.
Косовската изборна комисија објави дека повеќе од 900 кандидати од 17 партии и три коалициски блока се натпреваруваат за 120 места во парламентот, а регистрирани се околу 2,1 милиони гласачи од кои 1,6 се резиденти, а останатите се дијаспора.
Забава
Танцовата претстава „Ајде!“ на Македонскиот културно-информативен центар го преполни Загрепскиот танцов центар
Преполна сала, долги овации и силни емоции ја одбележаа изведбата на современата танцова претстава „Ајде!“ во организација на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Големиот интерес на публиката резултираше со целосно исполнета сала на Загрепскиот танцов центар, што претставува уште една потврда за растечкиот интерес за македонската современа уметност и култура во Хрватска.
Публиката уживаше во впечатливата и моќна танцова претстава на авторите и кореографи Игор Киров и Бојан Мицев, која преку современ сценски израз отвора универзални теми за љубовта, слободата, припадноста и предизвиците наметнати од општествените норми.
Долгиот аплауз и емотивната реакција по завршувањето на претставата јасно покажаа дека „Ајде!“ е дело кое комуницира силно и непосредно со гледачите, без оглед на националните и културните граници.
Пред почетокот на претставата, на присутните им се обратија директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска, директорката на Загрепскиот танцов центар Александра Мадсен и кореографот Игор Киров, еден од најистакнатите македонски балетски уметници и кореографи, со свестско реноме во доменот на модерниот танц, кој има постигнато врвни уметнички остварувања на меѓународната балетска сцена. Во своите говори тие ја поздравија публиката и ја истакнаа важноста на оваа прва соработка меѓу македонскиот КИЦ и Загрепскиот танцов центар, преку која македонската современа танцова уметност добива значајна меѓународна видливост и се отвораат нови можности за соработка, преку вмрежување и афирмација на македонските автори и уметници надвор од границите на државата, како и продлабочување на културните врски меѓу Македонија и Хрватска.
„Уметноста има моќ да ги поврзува луѓето без оглед на границите, јазиците и различностите. Вечерва преполната сала на Загрепскиот танцов центар е најдобрата потврда дека публиката препознава искрена емоција, квалитет и значењето на културната размена меѓу Македонија и Хрватска“, истакна Ѓоргоска Илиевска.
Претставата „Ајде!“ претставува значаен пример на современото македонско танцово творештво, кое преку автентичен уметнички пристап успешно ги поврзува традицијата, современоста и универзалните човечки вредности. Ова е очигледен показател дека уметноста останува еден од најсилните мостови за поврзување на луѓето, културите и општествата.
Продукцијата на претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Штип и ЕАМ Штип, а гостувањето во Загреб е дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб, реализирана во соработка со Motion Network продукција и Загрепскиот танцов центар со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Свет
Американски лекар заразен со ебола пуштен од болница
Американски лекар, кој се заразил со ебола додека работел на хуманитарна мисија во Конго, е отпуштен од болница во Германија откако се опоравил од потенцијално фаталната болест, објавија денеска американските медиуми.
Питер Стафорд работел со мисионерската група „Серж“ во Конго кога се заразил со вирусот, соопшти претходно групата.
Тој бил евакуиран во болница во Берлин на 20. мај, а неговата сопруга, исто така лекарка која волонтира во групата „Серж“, и нивните четири деца исто така биле евакуирани и ставени во карантин, јави Си-Би-Ес Њуз.
