Свет
WikiLeaks: Штабот на Клинтон првично планирал да му помага на Трамп
Изборниот штаб на поразената претседателска кандидатка на Демократската партија, Хилари Клинтон, во раните етапи од кампањата планирал да му помага на Доналд Трамп како кандидат за партиската номинација кај републиканците, сметајќи дека тој ќе биде посакуван слаб противкандидат, покажува еден од интерните документи кои во вторникот ги објави WikiLeaks.
Документот адресиран на членовите на Националниот комитет на Демократската партија (DNC), меѓу кои и шефот на изборниот штаб на Хилари Клинтон, Џон Подеста, е датиран од 7-ми април 2015 година. Во него се резимираат предлози за изборната стратегија во однос на кандидати на Републиканската партија.
Главниот заклучок е дека цел е „да се избере некој од републиканските кандидат кој е неприфатлив за поголемиот дел од гласачкото тело“. За таа цел се планирало „да се стераат сите републикански кандидати во крајно конзервативни позиции“, што требало да им наштети на општите избори, „да се поткопа довербата“ во нив за да не можат да ги напаѓаат демократите, како и „да се замати водата“ во случај на какви и да се можни напади на Клинтон.
За реализирање на овој план се предлага да се спроведе стратегија со којашто всушност ќе ѝ се подметнат кандидати на Републиканската партија, кои биле планирани да се употребат во ваквата сложена политичка игра.
Во САД под терминот кој се употребува за ваквите кандидати „rat-catchers”, се подразбира популистички политичар, кој иако зборува уверливо, ги води гласачите кон катастрофа. Меѓу таквите републикански кандидати штабот на Клинтон во 2015 година ги претпочитал милијардерот и шоумен Доналд Трамп, конзервативниот сенатор Тед Круз и пензионираниот хирург од Флорида, афроамериканецот Бен Карсон. Во тој период демократите многу повеќе стравувале од традиционалните политичари како Џеб Буш и Марко Рубио, па во дописите се препорачува потопување на нивниот кредибилитет.
„Мора да ги издигнеме таквите (подметнати) кандидати, за тие да станат лидери на оваа група (кандидатите за републиканската номинација – з.р.) и да им се препорача на медиумите да се однесуваат сериозно кон нив“, се наведува во документот. На кој начин требало да бидат „издигнати“ тие кандидати, не се прецизира.
Според исходот од изборите од 8-ми ноември, Трамп стана претседател според поголемиот број ткн електорски гласови, иако Клинтон вкупно освоила околу 2,9 милиони гласови повеќе.
Еден месец пред гласањето WikiLeaks започна да објавува серија преписки меѓу челниците на Демократската партија, и особено од серверот на Подеста, што предизвика голем револт во американската јавност. Разузнавањето и администрацијата на сега поранешниот демократски претседател Барак Обама го обвинија руското воено разузнавање дека под директна на наредба на кремљ ги хакирала серверите на Демократската партија и преписките му ги доставила на WikiLeaks./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лидерот на Хамас пристигна во Истанбул, ќе се сретне со Ердоган
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија денеска е во Истанбул на средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој го поддржува палестинското движење.
Ердоган синоќа ја потврди посетата, нивна прва средба лице в лице од јули 2023 година, но беше многу дискретен за нејзината цел. „Да ја зачуваме агендата за нас и господинот Ханија“, им рече тој на новинарите.
Ќе се разговара за војната во Појасот Газа, соопшти Хамас.
Ханија вчера вечерта пристигна во Истанбул на чело на делегацијата на неговото движење.
Тој град е едно од неговите места на живеење од 2011 година, но од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, тој бил таму само еднаш официјално, во јануари. Потоа се сретна со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, со кого во средата во Доха имаше долг разговор.
Фидан денеска ќе се сретне со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри.
Турција, која сака да биде лидер во поддршката на палестинското прашање, дава цврста и постојана поддршка на претставниците на Хамас, но остана на страна во посредувањето меѓу Израел и палестинското движење.
Посетата на Ханија на Турција доаѓа во време кога Катар, кој игра клучна улога во разговорите меѓу Израел и Хамас, сака да ја „преоцени“ својата улога во застојот на разговорите за прекин на огнот и ослободувањето на израелските заложници.
Свет
Бројот на палестинските жртви во Појасот Газа надмина 34.000
Најмалку 34.049 Палестинци се убиени во израелската воена офанзива во Појасот Газа од 7 октомври, соопшти Министерството за здравство на палестинската енклава.
Во соопштението се додава дека во овој период биле ранети 76.901 лице.
Во текот на претходните 24 часа загинаа 37 Палестинци, а 68 беа повредени, се наведува во објавата.
Регион
(Видео) Силно невреме со поплави во Грција, Волос без струја
Силно невреме ја зафати Грција, поточно Лариса, каде обилните дождови доведоа до излевање на канализацијата, која ги поплави улиците, а во Волос е забележан и прекин на струја.
Врз основа на податоците од метеоролошката станица на Националната опсерваторија во Атина, измерени се просечни 100 милиметри дожд или максимални 312 милиметри на час, поради што полицијата мораше да го прекине сообраќајот бидејќи улиците беа поплавени.
Во градот Волос во текот на ноќта имало проблеми со струјата, но како што пренесуваат грчките медиуми, се е брзо ставено под контрола.
Министерот за цивилна заштита и климатска криза Василис Кикилијас од вчера е во Тесалија за внимателно да го следи развојот на невремето.
– Имаше оправдана загриженост на граѓаните овде во Тесалија бидејќи сеќавањата за катастрофата се свежи, затоа бевме сите овде, координирани и организирани. Драго ми е затоа што досега овој напор се исплатеше. Само со заедничка и координирана работа можеме да добиеме многу добри резултати – најави тој.
Силен дожд и невреме го зафати јужниот дел на Пелион, а како што јавуваат медиумите паднал и град. Овој регион во септември минатата година беше соочен со разорни поплави.
Ненадејна промена на времето се случи и на големите височини во централна и северна Грција, каде падна снег.
„Снежно невреме е забележано во ски-центарот на Василица“, се наведува.
Во меѓувреме, населението е најмногу загрижено за земјиштето околу езерото Карла на границата на Магнезија и Лариса, кои беа поплавени во септември минатата година. Полињата, па дури и воените инсталации во Стефановики се под тони вода.