Свет
WSJ: Досието на Трамп го составил поранешен разузнавач од компанијата Orbis Business
Автор на ткн тајно досие за наводното руско прибирање компромитирачки материјали за избраниот американски претседател Доналд Трамп е компанијата „Orbis Business Intelligence Ltd.“ со седиште во Лондон, составена главно од поранешни соработници на британските разузнавачки служби и врши деликатни задачи по нарачка на приватни компании, пишува американскиот весник The Wall Street Journal.
Во спорниот извештај се говори за наводна размена на разузнавачки податоци меѓу Доналд Трамп, неговите блиски соработници и Кремљ во текот на повеќе години, како и за видео снимки со проститутки кои руските служби тајно ги снимале за да ги користат за уценување.
Компанијата „Orbis Business Intelligence Ltd.“ ја водат двајцата поранешни британски разузнавачи Кристофер Стил и Кристофер Бероуз. Како што пишува WSJ, 52-годишниот Стил, според изјавата на неговите соседи, отпатувал на неколку денови, а потоа не одговарал на барањата за коментар на досието, подготвено наводно врз основа на информативни белешки составени во периодот јуни/декември 2006 година. Од друга страна, 58-годишниот Бероуз изјавил дека „ниту ќе потврди, ниту ќе негира“, каква и да е вмешаност на неговата компанија во подготовката на споменатиот документ.
Како што појаснува весникот, за Стил е добро познато дека во 2000-те години бил припадник на структурите на британската дипломатија и оти работел во Брисел и во Њу Делхи.
Компанијата „Orbis Business Intelligence Ltd.“ е основана во 2009 година, и според информациите објавени на нејзината веб страница, се потпира на податоци и мислења од „глобалната мрежа“ експерти и истакната претприемачи, спроведува „операции за собирање разузнавачки информации“ и „тешки, често задгранични истраги“.
Телевизијата CNN претходно во вторникот, повикувајќи се двајца функционери, од кои едниот признава дека материјалот е „недокажан“, објави дека на брифингот на почетокот од јануари во Њујорк челниците на американските разузнавачки служби на Доналд Трамп му претставиле наводни докази дека руските разузнавачки служби собирале информации за него, од личени и од финансиски карактер, кои би можеле да го дискредитираат избраниот американски претседател.
Но како што истакнаа соговорниците на CNN, Федералното истражно биро (FBI) ја проверува веродостојноста на тие докази, добиени главно наводно од руски извори. Но истовремено Бирото „не потврдило многу клучни детали поврзани со Трамп и белешките изложени во извештајот“.
Потоа порталот BuzzFeed ги објави сите 35 страници од наводното досие. Порталот објави дека го составил поранешен британски разузнавач, а оти американските разузнавачки служби го оцениле за веродостоен и нарачан од политичките противници на Доналд Трамп. Според разузнавачите до нив дошле наводно руските служби за да вршат притисок врз него.
Трамп на својата прва конференција по победата одржана во средата во Њујорк информациите ги нарече „куп ѓубре“, а порталот беше критикуван од аналитичари и други медиуми поради објавувањето на овие „непроверени информации“.
CNN претходно објави дека разузнавачките служби на Барак Обама и Доналд Трамп им предале и резиме од наводниот извештај на две страници, но дека BuzzFeed сепак се погрижил да не откријат ништо за содржината на резимето.
Во средата CNN во соопштение го обвини тимот на Трамп дека „ја искористил одлуката на BuzFeed за од се извлече од информациите кои ги објави CNN а кои потоа ги потврдија и други големи медиуми“.
Уредништвото на The Wall Street Journal во текстот наведува дека се согласува со мислењето дека информациите од извештајот треба да се земат со доза на сомневање и оти треба да се проверат.
Весникот го цитира и еден од основачите на лондонската компанија за приватни истраги „Raedas“, Ендрју Вордсворт, кој оценува дека извештајот „не е сосема убедлив“. „Тој е премногу добар (за да биде веродостоен). Доколку директорот на CIA изјавил за поседување информации со сличен квалитет, во тоа ќе биде тешко да се поверува“, појаснува експертот.
Вордсворт смета дека е бесмислено самото поставување на прашање, дека руските разузнавачки служби одлучиле да му доверат такви сензационални податоци на поранешен соработник на британското надворешно разузнавање MI-6, бидејќи во Русија „сметаат дека ако еднаш си агент, тогаш остануваш тоа засекогаш“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

