Свет
Зошто Иран го нападна Кувајт? Шефот на дипломатијата објави видеоснимка
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави вечерва дека вооружените сили на таа земја извршиле „удари во самоодбрана“ врз локации кои Соединетите Американски Држави ги користат за напади врз трговски бродови и за прекршување на примирјето.
Арагчи во објава на социјалната мрежа Х порача дека „каков било непријателски чин ќе наиде на итен и одлучен одговор“, додавајќи дека „она што санкциите и војната не успеаја да го постигнат, нема да се постигне со уште повеќе војна“.
Кон својата изјава, шефот на иранската дипломатија прикачи и видеоисечок од американскиот државен секретар Марко Рубио, на кој тој ја пофалува сојузничката соработка на Кувајт и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) со Вашингтон за време на операцијата „Епски бес“ (Epic Fury) – како што САД ги нарекоа своите првични удари врз Иран кон крајот на февруари и почетокот на март.
Шефот на иранската дипломатија потврди дека Техеран ги таргетирал американските бази во Кувајт и Бахреин, како и еден брод во близина на Oрмускиот Теснец.
Според неговите зборови, нападите со ракети и дронови биле покренати откако американската војска со проектилот „Хелфајр“ (Hellfire) онеспособила нафтен танкер под знаме на Боцвана, кој пловел кон островот Харг – главното иранско пристаниште и јазол за извоз на нафта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски по разговорот со Трамп: Имаме добри идеи за побрз мир
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за напорите за ставање крај на војната во Украина, во пресрет на самитот на Г7 во Франција.
Зеленски соопшти дека му го честитал 80. роденден на Трамп и му се заблагодарил за американската поддршка во текот на војната.
„Разговаравме за тоа што би можело да помогне за побрзо постигнување мир. Имаме некои добри идеи кои би можеле да придонесат за тоа“, напиша Зеленски.
Тој додаде дека го информирал Трамп за последните случувања на фронтот и оценил дека променетата динамика на бојното поле отвора нови можности за мировен договор.
Во пораката до американскиот претседател, Зеленски посебно се заблагодарил за испораките на противтенковските ракети „Џавелин“ и системите за противвоздушна одбрана „Патриот“, кои Украина ги смета за клучни во одбраната од руските напади.
Мировните преговори под американско посредство во моментов се во застој, додека вниманието на Вашингтон е насочено кон кризата со Иран. Сепак, Зеленски смета дека постои нов „прозорец на можности“ за постигнување договор за мир.
Свет
Кремљ: Доналд Трамп му порача на Владимир Путин дека е подготвен да помогне за крај на војната во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп во денешен телефонски разговор му порачал на рускиот претседател Владимир Путин дека прекинот на војната во Украина е од клучно значење и дека е подготвен да помогне во постигнување решение, соопшти Кремљ.
Според советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, Трамп изразил подготвеност да работи заедно со европските партнери и Киев, вклучително и преку разговори на самитот на Г7.
Ушаков додаде дека американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер наскоро повторно ќе ја посетат Русија во рамки на дипломатските напори за ставање крај на војната.
Двајцата лидери разговарале и за преговорите меѓу САД и Иран околу иранската нуклеарна програма. Според Кремљ, Трамп оценил дека договорот е блиску и дека наскоро би можеле да бидат објавени резултатите од преговорите.
Ушаков изјави и дека Путин на „неформален начин“ му го честитал 80. роденден на Трамп.
Свет
Киев тврди дека пресретнал тајни руски анализи за пад на поддршката за Путин
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, објави, како што тврди, доверливи руски документи кои покажуваат растечка загриженост во Кремљ поради внатрешната состојба во Русија пред парламентарните избори во септември.
Според документите што наводно ги пресретнала украинската разузнавачка служба, руските аналитичари очекуваат поддршката за рускиот претседател Владимир Путин да остане под притисок, а да расте незадоволството и протестното расположение во повеќе региони.
Во документите се наведува дека до септември околу 55 отсто од Русите би ги поддржувале потезите на Путин, додека 33 проценти би биле против. Исто така, се посочува пад на довербата во владејачката партија.
Зеленски оцени дека овие прогнози не ги земаат предвид дополнителните последици од војната, украинските напади со дронови и економските проблеми кои би можеле дополнително да го зголемат притисокот врз руското раководство во текот на летото.
Тој порача дека внатрешната ситуација во Русија треба да биде аргумент за постигнување мир, додавајќи дека сегашните трендови, според него, тешко ќе се променат во наредниот период.
