Европа
Британците нема да може да одат на одмор никаде оваа година
Британците, веројатно, нема да може да патуваат во странство на годишен одмор ова лето поради пандемијата на коронавирусот, изјави министерот за здравство, Мет Хeнкок.
На прашањето дали луѓето треба да прифатат дека нема да има патувања во странство летово тој одговори во емисија на ИТВ: „Мислам дека тоа е веројатно така“, пренесува „Ројтерс“.
Додека британската влада полека се обидува да отвори одредени сектори на економијата, уште некое време ќе бидат потребни одредени форми на социјално растојание.
Премиерот Борис Џонсон изјави дека е планирано воведување 14-дневен карантин за патниците што доаѓаат од странство со цел да се спречи вториот бран на епидемијата на коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Зеленски: Трамп е силен и непредвидлив, може да ни помогне да го запреме Путин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека непредвидливоста на Доналд Трамп, кој треба да ја преземе функцијата во Белата куќа на 20 јануари, може да помогне да се стави крај на војната во Украина.
„Трамп може да биде одлучувачки во оваа војна. Тој може да ни помогне да го запреме Путин. Тој е многу силен и непредвидлив“, рече Зеленски во телевизиско интервју, оценувајќи дека новоизбраниот американски претседател „навистина сака да стави крај на војната“.
„Навистина посакувам непредвидливоста на претседателот Трамп да важи и за Русија“, додаде тој.
Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа ги буди надежите во Киев за одлучувачки одлуки по речиси три години војна, но и стравувањата дека американската воена и финансиска помош, која републиканецот често ја критикуваше, може да се намали.
Зеленски долго време одбиваше да преговара за крај на војната со Путин, но неодамна го омекна својот став, согласувајќи се привремено да се откаже од обидот да ја ослободи целата територија окупирана од Москва во замена за безбедносни гаранции на НАТО и поголема помош во оружје.
Во четвртокот, тој оцени дека безбедносните гаранции за Украина кои не ги вклучуваат САД ќе бидат „слаби гаранции“.
Неколку европски земји, вклучително и Франција, изнесоа идеја за можно распоредување на воен контингент во Украина во случај на мировен договор, но Зеленски нагласи дека таквата иницијатива не смее да го замени пристапот на Украина во НАТО.
Европа
Поголемиот број Германци не би испратиле свои војници во Украина во случај на примирје
Поголемиот број Германци ја поддржуваат идејата за меѓународни мировни сили во Украина во случај на прекин на огнот, но без учество на германската армија, покажа денеска објавената анкета. Истражувањето на Институтот YouGov за агенцијата dpa покажа дека 56 отсто од испитаниците поддржуваат испраќање сили во Украина. Но, поддршката за учество на германски војници во таква мисија е многу помала, а се согласуваат само 23 отсто од Германците.
33 отсто од нив се против учеството на германските сили, а 19 отсто се целосно против каква било меѓународна мисија во Украина. Една четвртина од испитаниците немаат мислење за темата. Истражувањето беше спроведено на интернет во периодот од 20 до 23 декември и опфати 2.194 луѓе од сите делови на Германија.
Иако не се чини дека војната наскоро ќе заврши, НАТО размислува како да постигне прекин на огнот меѓу Украина и Русија. Германскиот канцелар Олаф Шолц ја отфрла дискусијата за мировните сили, а германскиот министер за одбрана Борис Писториус зазеде сличен став во интервју за медиумската групацијата „Функе“ пред Божиќ.
Писториус рече дека дискусијата ќе има само кога ќе се постигнат условите за примирје, но додаде дека Германија како најголема европска членка на НАТО мора да биде дел од евентуалната мисија.
Европа
Маж и жена, двајцата научници, загинаа во руски напад врз Киев
Ихор Зима и Олесија Сокур, маж и жена кои и двајцата беа научници, беа убиени во вчерашниот руски напад врз Киев.
„Брачен пар беше убиен од Русија во утринскиот напад на Киев на првиот ден од новата година. Истакнатиот невробиолог Ихор Зима и неговата сопруга, биологот д-р Олесија Сокур, беа трагично убиени во напад на непријателски дрон”, напиша на Фејсбук украинскиот министер за образование и наука Оксен Лисовиј.
„Двојката го посвети речиси целиот свој живот на науката, работејќи долги години на Институтот за биологија и медицина на Националниот универзитет Тарас Шевченко во Киев“, додаде тој. На веб-страницата на Институтот за биологија и медицина при Националниот универзитет Тарас Шевченко во Киев, се наведува дека др. Ихор Зима беше виш истражувач и вонреден професор по биологија.
Фрагменти од руски дрон што вчера беше соборен од украинската противвоздушна одбрана паднаа врз станбена зграда во областа Печерск, во историскиот центар на главниот град. Урнатините ги уништија двата горни ката од зградата и предизвикаа пожар.