Европа
(Видео) Макрон најави зголемување на минималната плата и даночни олеснувања
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, во долгоочекуваното обраќање до јавноста вети зголемување на минималната плата и даночни олеснувања в година. Тој рече дека гневот на демонстрантите е на многу начини оправдан и прифати дел од вината за протестите.
Макрон објави дека се откажува од планираното зголемување на даноците за пензионерите со ниски примања. Покрај тоа, владата ќе побара од работодавците да им исплатат бонуси на вработените, кои нема да подлежат на даноци.
„Многумина не беа задоволни од условите за живеење и се чувствуваа како никој да не ги слуша. Јас го разбирам и мојот удел во оваа ситуација. Можеби оставив впечаток дека имам други грижи и приоритети. Знам дека моите зборови повредија некого од вас“, додаде Макрон.
„Видовме многу насилство, кое е неприфатливо, и би сакал првин да ви кажам дека овие акти на насилство ќе бидат казнети. Сите бевме сведоци на сцени од луѓе што кршеа прозорци и бараа начини да предизвикаат немир. Нашата слобода постои само затоа што сите ние можеме да го изразиме нашето мислење. Кога се зголемува насилството, ја губиме нашата слобода“, рече Макрон.
Потоа, тој зборуваше за причините што, според него, довеле до протестите.
„Ние мора да останеме заедно и да мислиме на иднината. Но, јас не смеам да го заборавам овој гнев што го делат многу Французи. Овој гнев е длабоко вкоренет и тоа е оправдан гнев. Тоа е гневот на француските жители што работат напорно. Тоа е гневот на мајката на две деца што се бори да скрпи крај со крај. Го видов тој гнев на разни начини и кај разни луѓе во текот на овие протести. Тоа е гневот на пензионерите и на лицата со хендикеп. Тоа не е нов гнев, но, за жал, се навикнавме на него и реагиравме како овие луѓе да се заборавени“, рече Макрон.
Тој најави и промени и рече дека ќе побара од владата првин да ја зголеми минималната плата за 100 евра од почетокот на 2019 година. Дополнително, прекувремените часови нема да се даночат од 2019 година. „Ќе побараме од работодавците да им помогнат на работниците и да им платат бонус кој не се даночи на крајот од годината“, рече Макрон.
Најави дека за сите пензионери што имаат пензија помала од 1.000 евра, ќе бидат укинати даноците за социјални придонеси.
„Знам дека многумина би сакале да го вратам и данокот на богатство. Дали беше подобро за нас кога го имавме? Ако се вратиме назад во минатото, ќе бидеме послаби. Не можеме да го вратиме овој данок. Ќе воведеме нова реформа, посилна реформа, за да ја смениме сегашната ситуација. Мораме да ја смениме нашата земја“, рече Макрон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.