Свет
Вили на наркобосови на аукција во Мексико
Луксузни имоти запленети од водачи на наркокартели се продадени на аукција во Мексико Сити.
Куќите опремени со базени, подземни тунели за бегство, ранчови, како и стан во кој бил убиен наркобос, беа ставени на продажба, пренесе Би-би-си.
Мексиканскиот претседател, Андрес Мануел Лопез Обрадор, вети дека профитот од аукцијата ќе биде наменет за оние што најмногу се погодени од насилството на картелите.
Но, само девет од 27 имоти понудени на продажбата се всушност продадени.
Според мексиканските медиуми, преку аукцијата биле собрани 56,6 милиони пезоси (3 милиони долари), а очекуваната сума пред наддавањето била 167 милиони пезоси.
Обрадор изјави дека парите ќе им помогнат на сиромашните и маргинализираните заедници во сојузната држава Гереро, каде што владее насилството.
На крајот на мај слична аукција акумулира 1,5 милион долари од продажба на домови и автомобили на криминалци вклучувајќи и барем еден поранешен политичар. Меѓу понудените предмети беше и едно луксузно „ламборгини“.
Властите најавија дека повеќе аукции ќе се одржат и во наредните месеци.
Обрадор, кој беше избран минатата година, исто така вети дека ќе го продаде својот претседателски авион за да ги финансира напорите за намалување на илегалната миграција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Регион
Силен земјотрес ја погоди Бугарија
Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди Бугарија, јавува ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран во 8:38 часот по локално време, на четири километри од Девин, на длабочина од девет километри.
🔔#Earthquake (#земетресение) M3.8 occurred 6 km SW of #Devin (#Bulgaria) 4 min ago (local time 08:38:05). More info at:
📱https://t.co/IbUfG7TFOL
🌐https://t.co/MSdvNiasPN
🖥https://t.co/ycq6JSIzuY pic.twitter.com/jACmTRndoJ— EMSC (@LastQuake) March 29, 2024
Речиси половина час пред овој земјотрес Бугарија ја погоди потрес со јачина од 2,4 степени според Рихтеровата скала.
Забележан е во 8:09 часот по локално време.
Во 08:42 часот е регистриран и трет земјотрес со јачина од 2,2 степени според Рихтеровата скала.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.