Свет
Германија ќе предизвика раскол во ЕУ кога министерот на Меркел побара затворање на границата со Австрија
Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зихофер, се бори со канцеларката Ангела Меркел за да ја затвори германската граница со Австрија – сеизмички потег што го загрозува самото постоење на ЕУ, пренесува британски „Експрес“. Австрискиот канцелар Себастијан Курц вчера пристигна во Берлин на разговори за миграциската политика на ЕУ со канцеларката Меркел. И италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салдини, побара покана за посета за разговори за миграцијата.
Повикот за затворање на германската граница не само што ќе урне еден од столбовите на политиката на ЕУ – слобода на движењето – туку ќе предизвика трупање повеќе мигранти во соседните земји, особено во Австрија и Италија. Судирот ја потресе и така кревката германска коалициска влада, која се формира во март по месеци расправии и дипломатија.
Министерот за внатрешни работи, кој отсекогаш ја критикуваше политиката на либералната миграција на Меркел, треба да се обиде да ги убеди другите водачи на ЕУ да се согласат со заедничката политика за мигранти на самитот овој месец.
Планот на Зихоифер ќе повлече промена на политиката на отворени врати, што канцеларката ја објави во 2015 година. Берлин ќе ги враќа барателите на азил што веќе се регистрирани во друга земја членка на ЕУ. Ќе има построги правила за миграција и побрзо депортирање на неуспешните баратели на азил.
Зихофер во понеделникот ги откажа сите планови за да го претстави својот мастер-план за имиграција тврдејќи дека одредени точки допрва треба да се договорат.
„Јас имам одговорност кон оваа земја, да управувам со неа и да го одржувам редот. И не можам бесконечно да ја одложувам,“ изјавил тој според „Дојче веле“.
Курц ја предводи десничарската влада во Австрија и има слични ставови со Зихофер.
„Ние мора да одлучиме кој ќе влезе во Европа, а не шверцерите“.
Италијанскиот крајнодесничарски министер за внатрешни работи, Матео Салдини, одби да дозволи брод со стотици мигранти спасени на море да се прикотви во Италија. Салдини исто така побара да се постигне договор за тоа како да ја затворат надворешната граница на ЕУ. Доаѓањето повеќе од еден милион имигранти од 2015 година во Германија ја подели земјата и го поттикна подемот на крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.