Свет
Израелска компанија: Претставник на крадеците од Лувр нè контактираше и ни понуди накит
Израелска безбедносна компанија соопшти дека ја контактирале крадците кои стојат зад кражбата на накитот од Лувр, нудејќи тајни преговори за продажба на украдените предмети преку „даркнет“.
Компанијата CGI Group тврди дека управата на Лувр ја игнорирала понудата, иако крадците доставиле очигледен доказ дека поседуваат дел од украдените драгоцености. Тие побарале десетици милиони евра за накитот, проценет на 88 милиони евра.
Извршниот директор на компанијата, Цвика Навех, изјави дека пет дена по кражбата (19 октомври) добиле шифрирана порака од лице кое тврдело дека ги претставува крадците: „Ни понудија преговори на даркнет за откуп на накитот, со рок од само 24 часа,“ рече Навех.
Според него, компанијата водела неколку шифрирани разговори со претставникот на крадците и добила индикации дека навистина поседуваат дел од предметите.
„Беа во бегство и морале брзо да се ослободат од пленот“, додаде тој.
Навех преку посредник се обидел да ја извести управата на Лувр, но вели дека тие шест дена не реагирале: „Го изгубивме кредибилитетот кај крадците, а Лувр ја пропушти вистинската шанса да го врати накитот. За жал, изгледа дека егоизмот и двоумењето ја одиграа својата улога.“
Тој потсетува дека уште пред неколку месеци во интервју за италијанскиот весник „Ил Темпо“ предупредил на дискусии на даркнет што упатувале на планови за грабеж во музејот.
Некои извештаи наведуваат дека CGI Group учествува во истрагата, но од Лувр негираат дека имале директен контакт со компанијата. Тие велат дека комуникацијата најверојатно се одвивала преку италијанската подружница, која можеби ја ангажирала осигурителна фирма поврзана со музејот.
Во кражбата крадците провалиле во една од најраскошните сали на Лувр и побегнале со кралски накит, меѓу кој се наоѓа смарагдно-дијамантска огрлица што Наполеон I ѝ ја подарил на својата сопруга Марија Лујза, како и тијара со 212 бисери и речиси 2.000 дијаманти што ѝ припаѓала на царицата Евгенија.
Досега се уапсени неколку лица, но украдениот накит сè уште не е пронајден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иранскиот претседател изјави дека Техеран ќе ги обнови своите нуклеарни постројки
Иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, изјави дека Техеран ќе ги обнови своите нуклеарни постројки со уште поголема сила од претходно, додавајќи дека земјата не сака да развива нуклеарно оружје.
Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека ќе нареди нови напади врз иранските нуклеарни постројки доколку Иран се обиде повторно да ги активира оние што САД ги бомбардираа во јуни.
„Уништувањето на зградите и фабриките нема да ни претставува проблем — ќе ги обновиме со поголема сила“, рече Пезешкијан.
Вашингтон тврди дека нападнатите постројки биле дел од програма за развој на нуклеарно оружје, додека Техеран инсистира дека неговата нуклеарна програма има исклучиво цивилна намена — „за решавање на проблемите на народот, за болести, за здравјето на народот“.
Свет
Полицијата ги објави првите детали за напаѓачите од возот во Англија
Две лица сè уште се борат за живот по масовниот напад со нож во воз помеѓу Донкастер и Лондон вчера вечерта, соопшти британската полиција.
Нападот се случил во 18:25 часот по локално време во воз на Лондонската североисточна железница (LNER) што сообраќал од Донкастер во Јужен Јоркшир до станицата Кингс Крос во Лондон. Според полициските податоци, десет лица се повредени, од кои девет имале повреди опасни по живот. Четворица оттогаш се пуштени од болница, додека двајца се сè уште во критична состојба.
Надзорникот Џон Лавлес изјави на прес-конференција на станицата Хантингдон дека „во рок од осум минути од повикот на 999, двајца мажи се уапсени“.
„Тие се 32-годишен маж, црн британски државјанин и 35-годишен маж со карипско потекло. И двајцата се родени во Обединетото Кралство и се уапсени под сомнение за обид за убиство“, рече Лавлес.
Тој додаде дека во моментов „нема ништо што укажува дека станува збор за терористички напад“. Истрагата ја води Британската транспортна полиција, во соработка со антитерористичките единици, кои помагаат да се утврдат околностите и мотивите на нападот.
Според сведочењето на патниците, напаѓачот почнал да боде луѓе по случаен избор откако возот поминал низ Питерборо во Кембриџшир. Полицијата добила неколку повици од возот околу 19:40 часот, и набрзо бил запрен на станицата Хантингдон, на околу 15 минути возење од Питерборо.
Вооружени полициски сили пристигнале на местото на настанот и влегле во возот и ги привеле двајцата осомничени. Сведоците рекле дека полицајците користеле елетрошок за да совладаат еден од мажите кој држел нож.
На местото на настанот беа испратени бројни екипи за итни случаи, вклучувајќи и хеликоптерска амбуланта. Според полициските проценки, целиот инцидент траел помеѓу 10 и 15 минути. Неповредените патници биле испрашувани, а некои од нив биле префрлени во Лондон со автобус.
Пратеникот од Хантингдон, Бен Обез-Џекти, изјави за Би-Би-Си дека по пристигнувањето на местото на настанот, пронашол „околу десетина амбулантни возила, неколку противпожарни возила и повеќе од 20 полициски автомобили“. Железничката станица и блискиот пат А1307 останале затворени во недела наутро, додека возот сè уште бил на перонот под полициски надзор.
Сведоците опишаа сцени на паника и хаос во вагоните за Би-Би-Си, додека патниците трчале и се обидувале да избегаат од напаѓачот.
„Слушнав некого како вика „бегајте, човекот буквално ги боде сите“, мислев дека е шега поради Ноќта на вештерките“, рече Оли Фостер. Тој видел постар човек со рани на главата и вратот кој се обидел да ја заштити девојката од напаѓачите, додека другите патници се обидувале да го сопрат крварењето со своите јакни.
Друг сведок, Врен Чемберс, рече дека едно лице било избодено во раката и трчало низ возот за да ги предупреди другите патници, додека некои избегале во паника кон предниот дел од возот, а други се скриле во тоалетите.
Дин Мекфарлан, вработен во лондонското метро, рече дека на перонот на станицата Хантингдон видел неколку луѓе како трчаат крвави и преплашени, меѓу нив и човек во бела кошула „целосно покриен со крв“.
Премиерот Кир Стармер го нарече нападот „ужасен“ и „длабоко загрижувачки“. Полицијата сè уште ги истражува сите околности на инцидентот.
Свет
По 20 години изградба, отворен Големиот египетски музеј во Каиро
Во Каиро синоќа беше свечено отворен Големиот египетски музеј, проект што се градел повеќе од дваесет години.
На отворањето присуствуваа околу 40 државници и високи претставници од целиот свет.
Музејот, најголемиот во светот посветен на древната египетска цивилизација, почнал да се гради во 2002 година, според награден проект на ирската архитектка Рошин Хениган и нејзиниот сопруг Ши-Фу Пенг.
Свеченоста беше збогатена со премиерна изведба на симфонија од египетскиот композитор Хешам Незих, во која има и пеење на староегипетски јазик.
Музејот се простира на површина од над 500.000 квадратни метри и содржи 12 галерии со повеќе од 24.000 експонати. Со официјалното отворање, за првпат е изложена целата збирка од 5.398 предмети од гробницата на фараонот Тутанкамон, како и соларниот брод на фараонот Кеопс, преместен од музејот кај пирамидата во новиот комплекс.

