Свет
Кремљ: Путин планира да се вакцинира со руската вакцина против коронавирус
Рускиот претседател, Владимир Путин, планира да се вакцинира со руската вакцина против коронавирус, рече неговиот портпарол.
„Путин планира да се вакцинира пред официјалното патување во Јужна Кореја, каде што ќе се сретне со лидерот на таа земја“, објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јави руската новинска агенција ТАСС.
„Путин вчера доби покана од неговиот јужнокорејски колега. Тој потврди дека дефинитивно ќе ја прифати поканата кога ќе се вакцинира”, рече Песков, но не откри кога треба да се случи официјалното патување.
Јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ вчера објави дека во телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери било договорено Путин да ја посети азиската земја по понатамошно стабилизирање на состојбата со коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел и Хамас подготвени за нови преговори во Катар
Израел и Хамас планираат да испратат преговарачи во Катар и да ги продолжат разговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа. Заливската држава, заедно со САД и Египет, посредува во разговорите, бидејќи Израел и палестинската милитантна група Хамас одбиваат директно да разговараат.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одобри испраќањето на преговарачка делегација. Хамас соопшти дека планира да испрати свои преговарачи, а висок функционер на групата изрази оптимизам. „Постојат добри изгледи дека преговорите ќе бидат успешни овој пат“, изјави Муса Абу Марсук за катарската новинска организација Ал-Араби Ал-Џадид.
Тој не откри на што го темели својот оптимизам.
Список со имиња на живи заложници
Израел бара список со имињата на живите заложници заробени во Газа. Хамас рече дека му е потребна пауза во борбите за да се утврди локацијата и здравјето на заложниците, што Израел го смета за изговор, објавија медиумите.
Војната започна со напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, при што загинаа околу 1.200 луѓе и беа заробени околу 250.
Според палестинските податоци, од почетокот на војната во Газа се убиени повеќе од 45.500 луѓе.
Европа
Зеленски: Трамп е силен и непредвидлив, може да ни помогне да го запреме Путин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека непредвидливоста на Доналд Трамп, кој треба да ја преземе функцијата во Белата куќа на 20 јануари, може да помогне да се стави крај на војната во Украина.
„Трамп може да биде одлучувачки во оваа војна. Тој може да ни помогне да го запреме Путин. Тој е многу силен и непредвидлив“, рече Зеленски во телевизиско интервју, оценувајќи дека новоизбраниот американски претседател „навистина сака да стави крај на војната“.
„Навистина посакувам непредвидливоста на претседателот Трамп да важи и за Русија“, додаде тој.
Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа ги буди надежите во Киев за одлучувачки одлуки по речиси три години војна, но и стравувањата дека американската воена и финансиска помош, која републиканецот често ја критикуваше, може да се намали.
Зеленски долго време одбиваше да преговара за крај на војната со Путин, но неодамна го омекна својот став, согласувајќи се привремено да се откаже од обидот да ја ослободи целата територија окупирана од Москва во замена за безбедносни гаранции на НАТО и поголема помош во оружје.
Во четвртокот, тој оцени дека безбедносните гаранции за Украина кои не ги вклучуваат САД ќе бидат „слаби гаранции“.
Неколку европски земји, вклучително и Франција, изнесоа идеја за можно распоредување на воен контингент во Украина во случај на мировен договор, но Зеленски нагласи дека таквата иницијатива не смее да го замени пристапот на Украина во НАТО.
Регион
Шефот на црногорската полиција му одговори на Ѓукановиќ
Вршителот на должноста директор на полициската управа Лазар Шќепановиќ рече дека трагедијата во Цетиње е резултат на долгорочна криза во социјалното опкружување во Црна Гора, нагласувајќи дека анализата на ситуацијата треба да ја спроведат експерти и интелектуалци, а не политичарите.
Одговарајќи на изјавата на поранешниот претседател Мило Ѓукановиќ, кој рече дека „додека лидерите на МУП и УП одржувале непотребни конференции, убиецот го продолжил својот крвав поход зад нивниот грб“, Шќепановиќ нагласи:
„Последните 30 години е оштетена социјалната и безбедносната средина, а организираниот криминал цветаше. Но, овој настан не беше планиран или организиран – тоа е трагичен случај“.
Тој додаде дека билансот на убиства од 1999 година, поврзани со криминални групи бара дополнителна анализа и заклучи: „Ова е последица на долгорочна криза во социјалното опкружување и како заедница мора да ја бараме причината за ваквите настани“.