Свет
Серија торнада оставија смрт и пустош зад себе во Америка: Најмалку 26 мртви, стотици илјади без струја
Најмалку 26 лица загинаа во серијата торнада што ги погодија градовите во јужниот и средниот запад на САД.
Силниот ветер оштети куќи, а стотици илјади луѓе останаа без струја, објави денеска Би-би-си.
Торнадото најсилно ги погоди американските сојузни држави Вирџинија, Охајо и Пенсилванија, а помина и низ Арканзас, Тенеси, Илиноис, Индијана, Алабама и Мисисипи.
Гувернерката Сара Хакаби Сандерс во петокот прогласи вонредна состојба во Арканзас, а Националната гарда беше активирана за да помогне во последиците од невремето.
Сандерс рече дека разговарала со американскиот претседател Џозеф Бајден за ситуацијата и дека претседателот ветил федерална помош.
Покривот на театар за време на концерт на хеви метал во Белвидер, Илиноис, се урна во петочното невреме, при што едно лице загина, а 28 се повредени. Минатата недела во торнадо во Мисисипи загинаа 26 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Свет
САД и Британија воведоа санкции кон Иран, насочени кон производителите на дронови
Соединетите држави и Велика Британија денеска воведоа санкции против Иран, насочени кон „иранската програма за беспилотни летала, челичната индустрија и производителите на автомобили“, потег по нападите врз Израел минатиот викенд, соопшти американското Министерство за финансии.
„Санкциите на Вашингтон се насочени кон 16 поединци и два ентитети кои овозможуваат производство на ирански беспилотни летала, вклучувајќи ги и дроновите Шахед користени за време на нападот на 13 април“, се вели во соопштението.
Денеска официјално беше објавено дека Велика Британија воведе санкции и за иранските воени субјекти, вклучително и Генералштабот на вооружените сили и морнарицата на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
И овие мерки следеа по иранскиот ракетен и беспилотен напад врз Израел минатиот викенд. Британскиот премиер Риши Сунак во понеделникот изјави дека членовите на групата Г7 работат на пакет координирани мерки против Иран.
Британските санкции се насочени кон вкупно 13 субјекти или поединци, се наведува во британското соопштение.
Свет
Две девојчиња повредени со нож во близина на училиште во Франција, напаѓачот е приведен
Две девојчиња на возраст од 6 и 11 години се полесно повредени со нож во близина на нивното училиште во Софелвејерсхајм, источна Франција, соопштија властите.
Според жандармеријата, 11-годишно девојче било повредено со нож пред училиштето, а друго е избодено на блискиот плоштад. Имаат површни рани и се хоспитализирани.
Напаѓачот бил приведен нешто по 14 часот и 15 минути на плоштадот. Тој веќе немал нож во раката и не пружал отпор.
„Човекот не е познат на службите и се чини дека неговите мотиви не биле поврзани со радикализација“, соопшти жандармеријата.
Децата биле задржани на училиште. Родителите ги чекале пред училиштето каде се распоредени неколку противпожарни возила.
„Навистина се плашам. Ни рекоа дека децата се безбедни внатре, но не знаеме кога ќе можеме да ги земеме“, рече Сара, една од мајките чие дете е на училиште.